1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Како ќе реагира Трамп на иранските провокации?

Шабнам фон Хајн
4 февруари 2017

Иранските ракетни тестови беа провокација за САД, вели политикологот Али Фатола-Нежад во интервју за ДВ. САД може да ја искористи ситуацијата за да ги оствари своите интереси – можно е и поттикнување на вооружен конфликт

https://p.dw.com/p/2Wwkc
Iran Revolutionsgarden Ballistische Rakete
Фотографија: picture-alliance/dpa/Iran defence ministry

ДВ: Господине Фатола-Нежад, тестирањето на проектил со среден дострел од страна на Иран предизвика предупредувања од советникот за национална безбедност на претседателот Трамп, Мајкл Флин и секретарот за одбрана Џејмс Матис. Колку се сериозни ваквите предупредувања?

Али Фатола-Нежад: Рано е да се даде оценка. Дури и пред инаугурацијата на Трамп бевме свесни за тврдиот став на генералот Мајкл Флин кон Иран и нукеларниот договор. За него, само смена на режимот може да доведе до решение за проблемот.

Од друга страна, ставот на Џејмс Матис е поблизок до меѓународниот консензус за поддршка на нуклеарниот договор. Сепак, важно е да се има предвид дека центарот на моќта во Вашингтон не се наоѓа во министерствата за надворешни работи или за одбрана, туку во Белата куќа, каде претседателот е опкружен со луѓе кои имаат тврд став. Исто така, не е тајна и тоа дека тестирањето проектили во втората недела од мандатот на Трамп, тешко може да се сфати како деескалација на работите.

Со оглед на исклучително контроверзните први недели од мандатот на Трамп, како дома, така и интернационално, предупредувањето на адреса на Иран може да се сфати како подготовка за евентуално одвлекување на вниманието од некоја внатрешнополитичка криза во иднина, за што би требало да послужи воен судир со Иран. Ова, без сомневање, би бил исклучително ризичен маневар, затоа што би можеа да почне поголема војна со незамисливи последици. 

Спротивно на Вашингтон, Иран тврди дека тестот не ја нарушил резолуцијата на ОН. Што мислите вие?

Станува збор за резолуцијата на Обединетите нации бр. 2231 од јули 2015 година, со која се „поздравува“ т.н. Ирански нуклеарен договор меѓу шесте големи сили и Иран. Со нејзе, иако не законски обрзувачки, од Иран се бара „да не презема никакви активности поврзани со балистички проектили способни да носат нуклеарно оружје, вклучувајќи и лансирања со примена на технологија за вакви балистички проектили".

Додека Техеран негира нуклеарна способност на ракетните тестови, мислењата во меѓународни рамки се различни. Во секој случај, овие ракетни тестови не претставуваат фактично прекршување на Иранскиот нуклеарен договор. 

Ali Fathollah Nejad
Фатола-Нежад: Ракетните тестови на Иран не одат во прилог на деескалација на односитеФотографија: privat

Тимот на Трамп соопшти дека ќе разгледа неколку опции како одговор на тестот, вклучувајќи и воени. Кои опции сметате дека се најреални?

Освен воведување дополнителни унилатерални американски санкции, можни се и помали акции во Персискиот залив против иранските патролни и воени бродови.

Со оглед на заострениот американски тон, колку е веројатно САД да го напуштат нуклеарниот договор? Дали тоа би било лесно изводливо според меѓународното право?

Унилатералното повлекување е секако можно, но попаметно би било да се остави на Иран да го стори тоа. Повлекувањето на Вашингтон е секако можно, затоа што договорот не е меѓународноправно обврзувачки. Ратификување на таквата одлука од Сенатот на САД или слично одобрување од Конгресот ќе биде потребно, но не е веројатно дека такво нешто ќе се случи.

Колкаво влијание имаат европските земји, особено Германија, за деексалација на ситуацијата?

Трите европски земји кои учествуваат во договорот, по можност најдобро заедно со Кина и Русија, можат да им објаснат на САД дека договорот мора да биде гарантиран за да се спречи Иран да стане нуклеарна сила во догледна иднина. Исто така, препорачливо е да се укаже на позицијата на повеќето земји кои се дел од Советот за соработка во Заливот, кои во меѓувреме поради претходно споменатите безбедносно-политички димензии, сакаат опстанок на договорот, и покрај длабоката загриженост поради регионалната политика на Техеран.

Али Фатола-Нежад е германско-ирански политиколог од Берлин. Во моментот работи во Програмата за Блискиот Исток и Северна Африка во Германското друштво за надворешна политика. Тој исто така е соработник во Иранскиот проект на Харвард Кенеди-школата.