1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Нереални ветувања и навреди зачинети со вегета

ДТЗ
30 септември 2021

Недостигаат програми, на кандидатите им фали наратив, а карактеристичен за кампањата е изразито нагласениот рурален политички дискурс (сељачка политика), вели аналитичарот Алберт Муслиу.

https://p.dw.com/p/414p0
Nordmazedonien Kommunalwahlen
Фотографија: Petr Stojanovski/DW

Еден ќе го прави Вардар пловен, друг ветува бесплатен превоз за сите. Трет го замислува Скопје како најголема пешачка зона, четврт со „вегета“ ги зачини сите нереални ветувања на кандидатите, коишто влегоа во трката за градоначалници на претстојните локални избори во Северна Македонија. Кампањата само што почна, а граѓаните велат дека молат бога што поскоро да заврши. Во недостиг на идеи, наратив и реална визија за развој на општините, се нудат сатирични решенија, кои повеќе се забава на народот, отколку што нудат посветла визија и опипливи идеи коишто ќе го подобрат квалитетот на животот.

„Има една позната изрека ‘Тражили сте гледајте’, вели политичкиот аналитичар Алберт Муслиу за Дојче веле, коментирајќи го досегашниот тек на изборната кампања. Според него, недостигаат програми, на кандидатите им фали наратив, а карактеристичен за кампањата е изразито нагласениот рурален политички дискурс (сељачка политика).

„Сите сме виновни за оваа ситуација – и политичарите, но најмногу граѓаните коишто имаат клиентелистички очекувања. Секој гледа да го задоволи исклучиво личниот интерес, секој гледа индивидуална придобивка од сето ова“, вели Муслиу. 

Со „вегета“ по противниците 

Гоце Цветковски, кандидат на ТМОРО за градоначалник на Охрид, стана „хит“ на социјалните мрежи по неговиот настап на ТВ 24, каде што синоќа учествуваше на соочување со неговите противкандидати на претстојните избори, пратеникот Кирил Пецаков од ВМРО-ДПМНЕ и актуелниот градоначалник Костадин Георгиевски од СДСМ. Цветковски на соочувањето носеше како наметка знаме со сонцето од Вергина и со „вегета“ од охридската населба Црногорци ги попрска своите противкандидати за да „замезат со парите што ги лапаат“. Тој понуди и снимка од забите и резултати од анализа на крвта, за да му ги проверат докторите кандидати, оти тоа им било работа. Неговата работа била да менаџира - за тоа учел во Америка. 

Кампањата низ призма на социјалните мрежи 

Ваквиот настап наиде на бројни шеговити коментари на социјалните мрежи, видеото со часови се споделуваше, па буквално ги покри активностите на сите останати кандидати во текот на вечерта. Само неколку дена претходно, јавноста се занимаваше со изјавата на кандидатот за градоначалник на Скопје од Комунистичката партија на Македонија – Титови сили, Горан Арсовски, кој во дебата на ТВ 24 рече дека доколку тој стане градоначалник на Скопје, ќе го направи Вардар пловен. „Ќе го направиме Вардар пловен од Ѓорче Петров до Лисиче и на граѓаните ќе им понудиме бродски транспорт“, рече Арсовски.

Nordmazedonien Kommunalwahlen
Лидерот на опозицијата, Христијан Мицкоски и премиерот Зоран Заев првиот ден од кампањата го започнаа со вицови и сатирични досетки и за својот политички опонент и на своја сметкаФотографија: Petr Stojanovski/DW

Вардар пловен од Ѓорче до Лисиче... Бесплатен јавен превоз за сите... Бесплатен 'вифи' од антената на Водно... Еве и ја да помогнам: 6G одма, до секој дом, пошто 5G е веќе демоде... Бесплатни комуналии за сите, вода, струја, парно, телефон, кирија...сѐ! Огромни вентилатори на сите четири краја од Скопје, да го растеруваат смогот во зима, ама енергетски ефикасни, на ветер да работат само. Субвенции за робот-правосмукалка за секое семејство, и тоа онаква и што џогира, не обична... Со вакви шеговити досетки реагираа граѓаните на социјалните мрежи по стартот на кампањата на која „фрчат“ идеа за најразлични проекти. 

Она што требаше да биде преставување на реални проекти и планови – прерасна во кампањата која се базира на хумор и сатира. Ногата први ја повлекоа лидерот на опозицијата Христијан Мицкоски и премиерот Зоран Заев. Тие првиот ден од кампањата го започнаа со вицеви и сатирични досетки и за својот политички опонент и на своја сметка.

„Зоран Заев сѐ повеќе наликува на Никола Груевски од Али Експрес, Заев е политичар којшто сето она лошо од политичарите во изминативе 30 години тој го има собрано во него“, изјави во Струга, претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.Тој прво најави дека нема многу да ветуваат, за потоа да вети повеќе од 14.835 проекти, 2000 улици, повеќе од 100 градинки, 150 училишта, инвестиции во животната средина, 150 паркови, инвестиции во 60 објекти од културата, 90 спортски сали за младите, гасификација. 

„Ние нема да ветуваме многу, но тоа што ќе го ветиме, ќе го оствариме“, рече Мицкоски.

И лидерот на СДСМ, Зоран Заев на првиот митинг од изборната кампања  во Битола, како и неговиот противник лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски го почна говорот со хумот. Тој однесувањето на Мицкоски до спореди со сцена од филмот „Кој тоа таму пее“.

„Политичкиот татко од Будимпешта му вели на својот послушен син од овде, кочи Мицко, а овој кочи ли кочи, па поради врзаните очи, не може да види какви штети им нанесува на граѓаните. Поради тоа, кочничарите ќе доживеат пораз на 17-ти октомври. Нема ништо што ќе нѐ сопре. Одиме напред. Кутриот Мицкоски нема став, ниту по едно прашање“, рече Заев. 

Недостигаат теми и наратив 

„Сите се во небрано, немаат идеи за теми на кои треба да дискутираат пред граѓаните, па кампањата се сведе на хумор и сатира, откако партиите ветија дека нема да водат негативна кампања. Но, факт е дека се девалвирано во ситуацијава. Ние ги критикуваме политичарите, а самите сме виновни за ова што се случува. Факт е дека нема визионерски очекувања од кампањата, само личен интерес во сето тоа“, анализира Муслиу.

-повеќе на темата: Има ли зрели гласачи да пресудат на „Циркус Медрано“ избори

„Кој од кандидатите понудил нешто радикално во услови на општо незадоволство? На пример дека ќе го укине платеното здравство? Само од еден кандидат за градоначалник на дебатите слушнав дека ќе ја департизира и намали администрацијата, бидејќи никому не му должи ништо. Но, прашање е колку на граѓаните им се допаѓа тоа, во услови кога сите сакаат да се пикнат во државни јасли“, вели Муслиу. 

Не е сѐ така црно 

Но, според нашиот соговорник, не е сѐ така црно во изборната кампања. Аналитичарот Муслиу вели дека позитивно е што етноцентричкиот наратив се минимализира, партиите, и да сакаат, не можат да продуцираат повеќе силни тензии, што ветува мирна кампања.

Mazedonien Kommunalwahlen Symbolbild
Локалните избори, според Муслиу, се добра шанса за независните кандидатиФотографија: picture-alliance/abaca/A. Fazlagikj

 

Локалните избори, според Муслиу, се добра шанса за независните кандидати и листи, кои во услови на моќни големи партии, коишто имаат многу пари за кампања, треба да ја сменат приказната за локалната власт.

Граѓаните коментираат дека до крајот на кампањата „ќе им треба јак желудник“. „Треба да се издржат овие неколку недели на „вештачки насмеани зачешлани ликови кои ветуваат вселенски програми, зеленила, висечки градини“, а всушност сонуваат цела земја да ја бетонираат, со изградба на секои 10 метри на казина, кладилници, бензиски пумпи и хотелчиња“, се дел од коментарите на социјалните мрежи.