1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Канада има „отворени прашања“ за Хари и Меган

ЕМФ
14 јануари 2020

Канадскиот премиер Џастин Трудо бара расчистување на финансиските прашања пред принцот Хари и неговата сопруга Меган да се сместат во Канада. Хари и Меган се многу омилени во Канада, но сепак - мора да бидат заштитувани.

https://p.dw.com/p/3WBM3
Kanada Prinz Harry und Meghan Markle in Toronto
Посетата на спортски настан во Торонто во 2017 година беше еден од првите настапи на Хари и Меган како двојкаФотографија: picture-alliance/empics/N. Denette

Исто како во случајот со Брегзит и кај „Мегзит“ станува збор пред сѐ за пари. Откако војводата и војвотката од Сасекс изненадувачки најавија дека заедно со синот Арчи сакаат да живеат делумно во Канада, канадската влада е „на два ума“ дали треба да плаќа за личната заштита на семејството. „Тоа е нешто за што треба да се размисли и разговорите се во тек“, изјави канадскиот премиер Џастин Трудо за телевизијата Глобал. „Не сме сосема сигурни какво ќе биде конечното решение“, изјави Трудо. Потребни се „уште многу разовори“ на оваа тема, вели тој. Во основа, меѓутоа, Канаѓаните ја поддржуваат многу желбата на двојката да живее делумно во нивната земја.

Минатата недела една Инстаграм-објава на официјалниот акаунт SussexRoyal предизвика голема возбуда: Хари и Меган соопштија дека се повлекуваат делумно од своите обврски како дел од кралското семејство и најавија дека сакаат да водат финансиски независен живот. „Планираме да го поделиме нашето време на живот во Обединетото Кралство и Северна Америка“, беше соопштено на Инстаграм и Фејсбук. Подоцна тоа беше прецизирано и стеснето на живот во Канада. Војвотката од Сасекс, родена во САД како Меган Маркл, има поминато повеќе години од својот живот во Канада како актерка.

London britische Tageszeitungen zu Prinz Harry und Herzogin Meghan
Британските весници ден по објавата на Хари и Меган беа полни со претпоставкиФотографија: AFP/D. Leal-Olivas

Ваквиот чекор на Хари и Меган најверојатно не бил договорен со Бакингемската палата. Кризниот разговор со кралицата Елизабета Втора беше воден вчера. Кралицата даде одобрение на плановите на својот внук и неговото семејство. Таа соопшти дека би претпочитала Хари и неговата сопруга Меган да се ангажираат и натаму целосно за кралското семејство, но ја почитува нивната желба за независност. Нејзиното семејство и таа лично даваат поддршка на желбата на Хари и Меган „да создадат нов живот како младо семејство“, соопшти кралицата Елизабета Втора, додавајќи дека имало согласност околу потребата од „преоден период, во кој војводата и војвотката од Сасекс ќе го поминуваат времето во Канада и Велика Британија“.

Повеќе:

Мегзит: Реакции за повлекувањето на Хари и Меган

Кралицата Елизабета стана монарх со најдолг стаж

Според 93-годишната кралица, во наредните денови треба да бидат донесени уште многу одлуки. Со тоа веројатно се мисли на клучните работи од новиот живот на Хари и Меган, како на пример разјаснување кои бизниси тие во иднина ќе смеат да ги водат, дали ќе ја задржат својата титула и кој ќе се грижи за нивната безбедност. На средбата на Хари со кралицата присуствувале и неговиот брат Вилијам и принцот Чарлс, а Меган се вклучила преку телефонска линија од Канада. Принцот Чарлс е прв на списокот наследници на кралицата, Вилијам е на второ место, а Хари на шесто.