1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Канонада критики до Фуере

10 ноември 2010

Македонските власти со остар демарш до Брисел поради некористењето на атрибутот македонски во последниот извештај на ЕК, каде македонскиот јазик е определен како државен или официјален на ПЈРМ.

https://p.dw.com/p/Q5PF
Ерван ФуереФотографија: Petr Stojanovski

Амбасадорот на ЕУ Ерван Фуере уште синоќа беше непријатно и студено дочекан кај македонскиот претседател Ѓорге Иванов, иако претходно на прес конференцијата, деталот околу неопределување на македонскиот јазик не го спомена премиерот Груевски. Шефот на државата, откако го прочитал обемниот извештај за состојбите во Македонија, претпладнето дополнително го повикал ЕУ-дипломатот Фуере да му изрази незадоволство.

Но пратениците од владејачкото мнозинство во македонскиот парламент директно се обраќаа до амбасадорот Фуере, во присуство на повеќето амбасадори од членките на ЕУ.

Mazedonien Das Parlament in Skopje
Огорченост во парламентотФотографија: Petar Stojanovski

„На кој јазик кажавте добар ден, благодарам, дали на македонски? Како би се чуствувале ако јас ви велам дека вашиот мајчин јазик не е ирски?“

На ваков начин, со аплауз беше следено обраќањето на пратеникот Александар Николовски од ВМРО-ДПМНЕ. Тој употреби тон на остри критики до Брисел поради избегнувањето на зборот македонски, што го протолкува како директна поддршка и заземање страна во спорот со името, особено на политиката на Атина дека во прашање е идентитетски корпус на права, што не се дел од политичките критериуми ниту за една земја-аспирант за влез во ЕУ.

„На еден народ и за еден јазик не им се дава можност нa луѓето и на народот да се одредат и дефинираат како што сакаат. Македонскиот јазик е влезен во регистерот на светските јазици на ОН, кодифициран во Њујорк со своето кирилично писмо и никој нема право да ни го одзема како македонски јазик. Со тоа не се навредуваат само личните определби и чувства, туку и ни се оспорува правото на самоидентификација, правото на граѓаните, од кои 95 насто сакаат земјата да биде членка на ЕУ“, рече пратеникот Александар Николовски во парлементарната дебата по извештајот за напредокот на земјата на патот кон ЕУ.

Навреденост или остварување на интересите

Власта во последно време остро го критикува ЕУ-преставникот, чиј мандат завршува за неколку месеци. Не помогна ни јавната честитка на Ван Ромпој, претседател на ЕС, кој во Скопје неодамна изјави дека Фуере ја има целосната подршка на Брисел и дека е одличен дипломат.

„Ако мене ме прашувате кој јазик се говори, јас ќе ви речам македонски јазик и на него во еден дел ви се обратив“, изјави Фуере по гласното незадоволство од владејачкото мнозинство, на крајот од денешната дебата во парламентот.

Ervan Fuere
Фуере повтори: Ние ги следиме препораките на ОНФотографија: DW

На прашањето на името се осврна и Лилјана Поповска од ДОМ, која запраша:

„Што ако Грција ни по 5 децении не се согласи на компромис, дали Македонија може да заборави на ЕУ? Кога аплициравме за прием не посотоеја критериуми за промена на името, на македонскиот идентитет. Неспоменувањето на македонскиот јазик, туку неговото определување како државен е само нова навреда за Македонците“, рече Поповска.

„Треба да се концентрираме на компромис со Грција и да ги оствариме своите цели“, беше поумерена Теута Арифи од ДУИ. Таа потсети дека коалицијата добро функционира, но се согласи со оценките од Брисел дека нема доволно дијалог меѓу Ахмети и Груевски околу спорни и отворени прашања од етничките релации и права.

„Треба да ги прифатиме критиките и да ги измениме состојбите во судството, политизацијата на администрацијата и слободата на медиумите“, кажа Арифи од владејачката ДУИ.

„Во најмалку една половина од поглавјата или 11 области немаме напредок од минатата година, а веќе петта година немаме датум за преговори, иако во последните два извештаи добиваме препорака од ЕК“, оцени Радмила Шеќеринска, СДСМ, претседател на Советот за евроинтеграции.

ЕУ-амбасадорот Ерван Фуере дипломатски ја издржа канонадата од критики за замрзнувањето на македонскиот јазик во речникот на ЕК, но кажа дека во него се зборува за ПЈРМ, што е привремена референца.

„Идентитет на еден народ е свето право, за него не може да се преговара, се извини на крајот од дебатата во парламентот Ерван Фуере, кој потврди дека добил предупредување од претседателот Иванов. Во дополнителната интервенција пред пратениците тој се извини за употребата државен јазик во извештајот на ЕК.

„Верувам дека ова недоразбирање е чисто недоразбирање и ние ги следиме препораките на ОН, а во однесувањето на ЕК нема промена што се однесува до идентитетот“.

Автор: Александар Чомовски

Редактор: Жана Ацеска