1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Капка надеж во морето полно со нафта

16 јули 2010

На концернот „БП“ му успеа да го затвори изворот од кадешто истекува нафта во Мексиканскиот залив, барем привремено. Првите тестови со новиот цилиндер, со кој е покриена цевката, се успешни.

https://p.dw.com/p/OMuF
Фотографија: AP

Тоа се најдобрите слики откако почна нафтената катастрофа пред три месеци - подводните камери ја покажуваат цевката од која веќе не истекува нафта. Но, тоа би можело да биде така само привремено, па реакциите се воздржани: „Мора да бидеме внимателни“, вели менаџерот на „БП“ Даг Сателс, додавајќи: „Ова е прекрасна глетка, но од целта сме уште многу оддалечени.“

19.07.2010 DW-TV Global 3000 oelpest 2

Американскиот претседател Обама вели дека запирањето на излевањето на нафтата е позитивен знак, но укажува дека станува збор само за тест-фаза. А во тест-фазата треба да се одговори пред се‘ на прашањето: дали бетонските потпори на местото кадешто се дупчи ќе го издржат притисокот откако се затворени вентилите на цилиндерот со кој е покриено местото од кадешто излегува нафта? Постојат стравувања дека поради притисокот на нафтата која се искачува нагоре, можат да се отворат нови пукнатини на кревката конструкција. Постојано се вршат контроли и секои шест часа се анализираат резултатите од контролите и се носи одлука што да се преземе натаму. Завршната оценка по тестовите ќе биде донесена најдоцна за 48 часа. Адмиралот Ален, координатор на американската влада за ова прашање, предупредува: „Мора да биде јасно дека е ова меѓучекор.“

Од почетокот на нафтената катастрофа, во април, во Мексиканскиот залив, според проценките, истекле околу 690 милиони литри нафта. Ова е најголемата еколошка катастрофа во американската историја.

Автор: Сабине Милер/ Елизабета Милошевска Фиданоска

Редактор: Александра Трајковска