Караџиќ е таму каде што му е местото

Пресудата на Трибуналот на ОН за поранешна Југославија за лидерот на српските националисти во војната во БиХ покажува дека меѓународното правосудство е способно да делува и покрај сите отпори, смета Ридигер Росиг

Ова е добра вест за сите оние на кои им беше важно да се гонат геноцидот, воените злосторства и злосторствата против човештвото ширум светот, а виновниците да одговараат за тоа: Радован Караџиќ ќе го мине остатокот од својот живот во затвор. Тоа правосилно го пресуди Кривичниот суд за поранешна Југославија.
На светот, Караџиќ му беше познат по својата препознатлива бујна, седа коса, но и поради бруталните протерувања на своите сограѓани и сограѓани кои се спротивставија на политиката на српските националисти, како и поради протерувањето на несрбите од оние делови на БиХ кои ги контролираа неговите единици. Оние региони во земјата во кои српските националисти не можеа да напредуваат, „претседателот“ Караџиќ нареди да бидат опколени. Само во Сараево во текот на опсадата животите ги загубија повеќе од 11 илјади мажи, жени и деца.
Злосторничката кариера на Караџиќ го достигна својот врв по освојувањето на источнобосанското градче Сребреница. Неговата солдатеска уби повеќе од 8.000 муслимански мажи и деца. Набрзо потоа, трупите на НАТО ја сопреа војната во БиХ. „Претседателот“ на босанските Срби, против кого во моментот на крајот на војната веќе беше подигнато обвинување за воени злосторства, беше сменет по меѓународен притисок- и исчезна од лицето на земјата.

Закон и правосудство | 20.03.2019

Ридигер Росиг


Додека меѓународните сили го бараа низ целата земја, националистичкиот водач повеќе од десет години се криеше во соседна Србија. Човекот кој се претставуваше како исцелител т.е. доктор по алтернативна медицина, беше уапсен дури во 2008 година и испорачан на Трибуналот во Хаг. Тој суд во 2016 му изрече првостепена пресуда од 40 години затвор, но најави и ревизија на пресудата, затоа што во текот на процесот не се расправаше за дополнителните обвиненија. Одбраната на Караџиќ тоа го прифати во надеж дека би можело да дојде до намалување на казната или дури и ослободителна пресуда.

Задоволување на правдата

Но, конечната пресуда, е токму спротивното. Доживотниот затвор за Радован Караџиќ од една страна значи задоволување на правдата за жртвите на етничкото чистење. Тоа е и сигнал за националистите кои денес владеат во Република Српска, но и за сите критичари на Трибуналот во другите земји кои произлегоа од поранешна Југославија и кои во него не гледаат инстанца на меѓународното право, туку некој вид суд на победничката страна.
Хашката пресуда за Караџиќ е порака и за држави како САД, Русија или Кина кои одбиваат да им ги предаваат своите државјани на меѓународните судови и кои посакуваат тие да се укинат. Ним, како и на екс-југословенските критичари на меѓународното правосудство, Трибуналот им покажа дека, и покрај сите отпори, е во состојба да донесе правда и да ја спроведе.
Токму со тоа, оваа пресуда на Трибуналот го испраќа најважниот сигнал кон сите политичари и војсководци на планетава кои мислат дека во војна не важат законските норми и одредби. Пораката гласи: Морате и натаму да сметате со меѓународен кривичен прогон кој кога-тогаш ќе ве стигне, ќе ве донесе пред меѓународно признати судови, ќе ви пресуди и ќе ве испрати таму каде што Радован Караџиќ ќе го помине остатокот од животот- во затвор.


Следете нѐ