1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Карзаи ветува единство и борба против корупцијата

3 ноември 2009

Старо-новиот авганистански претседател Хамид Карзаи денеска најави дека во новата влада ќе вклучи сонародници од сите делови на земјата и дека ќе ја искорени корупцијата. Талибанците ја отфрлија понудата за обединување.

https://p.dw.com/p/KMRe
Хамид Карзаи стигна до вториот претседателски мандатФотографија: AP

Авганистанскиот претседател Хамид Карзаи најави дека сака во својата нова влада да ги вклучи Авганистанците од сите делови на земјата. Карзаи рече дека се добредојдени и претставниците на опозицијата и додаде дека ќе покрене реформи за искоренување на корупцијата во земјата.

Неговиот главен ривал на изборите, Абдула Абдула соопшти дека нема намера да му се придружи во Владата, но како што пренесуваат светските агенции, тој и Карзаи неофицијално преговарале за министерски места или за усвојување на делови од програмата на Абдула во владината политика. „Тоа ќе биде Влада на единство на целиот авганистански народ, и како што сум изјавувал и порано, јас немам опозиција и не сакам ниту да имам опозиција. Мојата влада ќе биде за сите Авганистанци и сите што сакаат да работат со мене ќе бидат добредојдени, без разлика дали гласале за мене или против мене на изборите“.

Отфрлено „маслиновото гранче“

Авганистанската изборна комисија во понеделникот го прогласи Карзаи за победник на изборите и го откажа вториот круг на гласање, откако неговиот ривал, Абдула се повлече од прегласувањето најавено за 7 ноември.

Abdullah Abdullah / Afghanistan
Абдула Абдула не сака да соработува со КарзаиФотографија: AP

Во говорот, кој беше пренесуван на државната телевизија, Карзаи најави и борба против корупцијата и им понуди мир на талибанците во земјата. „Имиџот на Авганистан и на нашата Влада е оцрнет поради корупцијата“, порача Карзаи и најави дека ќе ги преземе сите мерки за да ја тргне таа дамка.

51-годишниот претседател ги повика своите талибански „браќа“ да се вратат и да ја прегрнат својата земја. Талибанците експресно го отфрлија „маслиновото гранче“, исмејувајќи го Карзаи како марионета на Западот. „Не им придаваме никакво значење на овие понуди на Карзаи затоа што тоа се само празни зборови“, изјави портпаролот на исламистите, Јусуф Ахмади.

Полни осум години по интервенцијата на САД во земјата, талибанците се во смртоносен налет, иако повеќе од 100 илјади НАТО и американски трупи се обидуваат да воведат ред во Авганистан. Откажувањето на вториот изборен круг, според талибанските претставници, е доказ за успешноста на нивните напори со закани и напади да го спречат гласањето. Изминатите два месеци, од почетокот на претседателската изборна кампања, безбедносната состојба дополнително се влоши поради политичкиот хаос во кој западна земјата.

Автор: БГ/СН/дв/афп

Редактор: Александра Трајковска