1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Култура

Карневал во Рио: почеток со мал скандал

СН/ агенции
25 февруари 2017

Заборавете на рецесијата, штрајковите на полицијата и корупциските скандали: време е за карневалот во Рио. Во наредните неколку дена сите ќе се забавуваат, со исклучок на градоначалникот на бразилската метропола.

https://p.dw.com/p/2YFD1
Karneval in Rio de Janeiro Brasilien
Фотографија: picture alliance/dpa/L.Correa

Карневалот во Рио започна со мал скандал. Новиот ултра-религиозен градоначалник на Рио де Женеиро, Марчело Сривела не се појави на традиционалното предавање на клучот на градот на карневалскиот крал Момо, чин со кој официјално се отвора карневалот. Организаторите во бели самба облеки, градскиот дувачки оркестар и илјадници карневалисти попусто чекаа дваипол часа да се појави првиот човек на градот. „Каде е Сривела?“, извикуваа некои меѓу 70-те илјади гледачи на таканаречениот Самбодром во Рио.

Почна карневалот во Рио

Конечно симболичното предавање на клучот го спроведе ополномоштеничката за култура на градот Нилчемар Ногуеир. Таа истакна дека градоначалникот останал дома за да се грижи за својата болна сопруга. 

Уште во претходните денови се шпекулираше дека ултра-конзервативниот Сривела нема да дојде на церемонијата. Тој е бискуп во „Универзалната црква на кралството Господово“ , евангелистичка мега-црква и не се согласува со практиките на карневалот.

Karneval in Rio de Janeiro Brasilien
Фотографија: picture alliance/dpa/M.Pimentel

Неофицијалните улични забави типични за карневалот во Рио инаку започнаа уште пред две недели. Кулминацијата на прославата се парадите на самба-школите на Самбодром, кои се одвиваат во текот на викендов. Властите очекуваат повеќе милиони туристи во градот до крајот на карневалот на 28 февруари и заработувачка од околу една милијарда евра.