1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Картели- мака од која нема целосно ослободување

17 септември 2010

Пред педесет години дел од земјите-производители на нафта го основаа таканаречениот ОПЕК-картел. Оттогаш оваа организација е поим за картелите.

https://p.dw.com/p/PEL8
Фотографија: AP

„Картелите најчесто им служат на интересите на оние кои ги склучуваат. Во некои картели дури изречно се договара дека целта е зголемување на цените, или, пак, ограничување на количините, што во краен случај оди на штета на потрошувачите. Тоа е наједноставниот одговор на прашањето зошто основањето картели во принцип се забранува“, нагласува професорот Даниел Цимер, директор на Институтот за трговско и економско право на универзитетот во Бон и член на Комисијата за монопол.

Забраната на картелите не важела отсекогаш. Во 1905 година тогашното германско министерство за внатрешни работи броело околу 385 пријавени картели, во кои учествувале преку 12.000 претпријатија. По Првата светска војна бројот на склучени договори за картели во разни сфери од стопанството пораснал на повеќе од 3.500, со што Германија се претворила во вистински картелски рај.

Дури по Втората светска војна се констатирало дека картелите не се во согласност со основните правила на слободната пазарна економија. Тие се обидуваат да го отстранат она што е апсолутно неопходно за оптимално снабдување на потрошувачите со производи и услуги по разумни цени, имено конкурентноста, која никому не му дозволува да поставува високи цени. Така, и покрај големите протести од индустријата, во 1957 година биле воведени првите закони за картелите.

Меѓутоа, ова не ги спречува фирмите и натаму да склучуваат тајни договори околу цените на нивните производи или услуги. Сојузната служба за картели во Бон проценува дека на овој начин потрошувачите се оштетуваат за 500 до 750 милиони евра годишно.

VAE Abu Dhabi OPEC Treffen
Фотографија: AP

Дали формирањето картели може да има и добра страна?

„Принципиелно картелите се забранети. Но, и кај принципите се прават исклучоци, што значи дека скоро сите модерни закони за картели, под строги услови дозволуваат заобиколување на законот“, вели експертот за картели Даниел Цимер.

Договори меѓу повеќе учесници се можни на пример во полето на науката и развојот, со цел да се заштитат ресурсите.

„Европскиот правен систем за конкурентност дозволува исклучоци, кога картелите работат на полето на унапредување на техниката или економијата, или, пак, на подобрување на производството на некој производ или подоброто снабдување на потрошувачите.“

Исто така дозволено е и основање на таканаречени „добронамерни картели“, чија цел е да го гарантираат снабдувањето со основните продукти, како на пример земјоделските производи. Токму во последно време шпекулантите драстично ги зголемија цените на житото и какаото, иако реално нема недостиг од овие производи на пазарот. Од оваа причина рускиот министер за земјоделство, Алексеј Гордејев бара формирање на картел, сличен на ОПЕК, кој ќе управува со резервите и цените на житото.

Автор: Ролф Венкел/ ЉБ/ ТТ

Редактор: Александра Трајковска