1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Катар - држава мала, а голема!

Нилс Науман / Елизабета Милошевска Фиданоска2 април 2012

Американски сојузник, поддржувач на револуции, помагач на исламисти - малиот емират Катар стана важен актер на Блискиот исток.

https://p.dw.com/p/14WMY
Фотографија: Oliver Lang/dapd

За Катар да се најде на картата, потребно е да се погледне повнимателно. Државата џуџе е голема колку половина од германската покраина Хесен, но политичкото и економско влијание на Катар во изминатите години стануваше се‘ поголемо.

„Летот во височина“ се должи пред се‘ на огромните резерви на земен гас со кои располага земјата. Од приходите од експлоатацијата на гас се финансираат мега проекти како Светското фудбалско првенство во 2022 година, учество во сопствеништвото на големи европски претпријатија, или поддршката на бунтовнички движења. Доволно останува и за 1,7 милиони жители на Катар, од кои 300.000 се со катарско државјанство. Катар има најмногу приходи по глава на жител во светот.

Поддршка на револуции

Во текот на изминатите години Катар беше главно посредник во регионални конфликти, како во Судан или југот на Либан. Од почетокот на Арапската пролет, меѓутоа, позиците на земјата се зајакнаа. Во конфликтот во Либија Катар рано застана на страната на противниците на Гадафи.

Поддршката на Арапската лига за зоната на забранети летови во либискиот воздушен простор дојде пред се‘ благодарение на притисокот на Катар и на Саудиска Арабија. Катар учествуваше и со воени авиони во надгледувањето на таа зона.

Катар беше првата арапска држава која го призна Преодниот национален совет во Бенгази. Емиратот им помогна на бунтовниците при продажбата на либиската нафта, а освен тоа обучуваше и борци и им лиферуваше оружје на бунтовниците. Политика што се исплатеше - денес Катар прави добри зделки со новата либиска влада.

И во конфликтот во Сирија земјата е на страната на противниците на режимот. Во ноември 2011 година Катар ја поттикна суспензијата на Сирија од Арапската лига. Во меѓувреме, катарскиот премиер и министер за надворешни работи, шеикот Хамад бин Џасем ал Тани, бара ангажман на арапски и меѓународни сили за да се запре крвопролевањето во Сирија.

Karte Straße von Hormus (700x394) Englisch

Промена на односот на силите во регионот

Според Гидо Штајнберг, експерт за Блискиот исток во фондацијата Наука и политика, причина за растечкото влијание на Катар е пред се‘ слабоста на регионалните сили кои традиционално имаат политичка тежина во тој дел на светот. Египет се занимава со себе и ја загуби улогата на водечка регионална сила. Саудиска Арабија страда поради старата политичка елита која нема визии. Ирак се‘ уште не е стабилизиран. Ваквиот „вакуум“, според Штајнберг, се обидуваат да го пополнат Катарците. Сепак, долгорочно, Катар нема доволно политичко-воена тежина за да ги замени регионалните водечки земји. Набљудувачите ионака се сомневаат дека Катар ги поддржува револуционерните движења од љубов кон демократија. Катар е „неверодостоен“, вели Хамади ел -Ауни, експерт за Блискиот исток од Слободниот универзитет Берлин. Земјата и самата е се‘ друго само не демократска.

Хамад бин Калифа ал Тани владее во Катар од 1995 година. Емирот тогаш со пуч (без крвопролевање) го урна својот татко од тронот. Земјата сега има таканаречен Консултативен совет, чии членови ги назначува емирот. Парламент и партии не постојат.

„Емирот не е демократ“, нагласува Гидо Штајнберг, додавајќи: „тој сака преку демократска реторика да добие поддршка од западот за својата политика во регионот.“ Ал Тани ги поддржува демократските движења во Либија, Египет или Тунис, но кога бунтот го зафати неговото непосредно соседство - Бахреин, емирот почна да се плаши, па даде поддршка за крваво задушување на протестите.

Katars Emir Hamad bin Khalifa al-Thani Tunesien Jahrestag der Revolution
Катарскиот премиер и министер за надворешни работи, шеикот Хамад бин Џасем ал Тани, бара ангажман на арапски и меѓународни сили за да се запре крвопролевањето во СиријаФотографија: Reuters

Профитер од Арапската пролет

Очигледно е дека Катар сака да профитира од Арапската пролет. Притоа, земјата особено им дава поддршка на исламистичките сили од околината на Муслиманското братство. Соработката има традиција - Катар им нуди засолниште на исламистите уште од почетокот на 1990-тите. Тука засолниште најде либискиот исламист Али Салаби, кој денес е повторно во Либија, потоа познатиот египетски телевизиски проповедник Јусеф Карадави, кој живее во Катар, исто како и лидерот на Хамас, Калед Мешаал.

„Катар и Саудиска Арабија се залагаат за исламизација на арапските држави“, подвлекува Хамади ел-Ауни. Штајнберг додава дека Катар се надева оти нови исламистички влади би биле „подобар, идеолошки посоодветен партнер“ отколку старите републикански режими на Асад или Мубарак.

Но ваквата политика не секаде наидува на воодушевеност. Претставници на либискиот Преоден совет веќе се жалат дека од помошта од Катар полза имаат пред се‘ исламистите. Многумина противници на исламистите во Либија, Тунис и Египет, вели Штајнберг, во меѓувреме се станати противници на Катар.

Тешкиот сосед Иран

И соседот Иран би можел да стане непријател на Катар поради таквата негова политика. Сирискиот режим е најважниот сојузник на Иран во регионот. „Ако се покаже дека Катар им лиферува оружје на сириските бунтовници во поголеми количества и дека Иран мора да направи повеќе за режимот да се одржи, тогаш поголеми конфликти не можат да се исклучат.“

Досега катарското раководство секогаш избегнуваше да ги провоцира големите соседи. Катар заедно со Иран ги дели најголемите наоѓалишта на гас на планетата. Двете држави се значи упатени на добра соработка колку што е можно повеќе.

Gasförderung in Katar 2005
Катар заедно со Иран ги дели најголемите наоѓалишта на гас на планетатаФотографија: AP

Катар се надева на заштита преку американското воено присуство во земјата. Најголемата американска база во регионот се наоѓа во катарски Удаид.

Едно е јасно: новиот регионално-политички ангажман на Катар е опасен акт на балансирање за малата и ранлива земја.