1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

140410 China Erdbeben

14 април 2010

Силниот земјотрес од 7,1 степен по Рихтеровата скала, што утринава го погоди западниот дел на Кина, остави траги на големо разурнување. Според првичните проценки, загинале најмалку 400 лица, а преку 8.000 се повредени.

https://p.dw.com/p/MvvD
Фотографија: AP

Сликите од погодениот регион, што ги пренесе кинеската државна телевизија, иако скудни, сепак покажуваат дека земјотресот што го погоди регионот на тибетската висорамнина бил многу силен. Голем број од станбените објекти се целосно урнати како кули од карти. Најтешко е погоден главниот град на регионот Ѓиегу, во кој живеат околу 23.000 лица. Во него се урнати дури 85% од сите објекти. Тука е и епицентарот на силниот земјотрес:

„Овде владее хаотична состојба, насекаде се во тек спасувачки работи. Голем број од куќите се урнати. Луѓето се обидуваат прво да си помогнат взаемно, а во меѓувреме и владата организира помош,“ известува репортерот на државната телевизија.

Блокирани патишта

За почеток жителите најмногу можат да се надеваат на помош од локалните спасувачки екипи, бидејќи аеродромот во регионот е блокиран поради лизгање на земјиштето. Ним им помагаат и околу 700 војници, а на пат кон кризниот регион веќе се наоѓаат натамошни 5.000 спасувачи, меѓу кои и лекари.

China Erdbeben Qinghai April 2010 Flash-Galerie
Преживеаните се собираат на улицаФотографија: AP

Според информациите на кинеските медиуми, соседните региони се обидуваат да испратат спасувачки екипи и неопходен материјал, а министерството во Пекинг соопшти дека на пат се 5.000 шатори, 50.000 ќебиња и друг материјал.

Земјотресот ги изненадил жителите на Ѓиегу на спиење и поради тоа се очекува дека бројот на жртвите и понатаму ќе расте: „Постојано се откриваат нови повредени лица. Мислам дека бројот на жртви нема да биде мал. Оние кои успеаја да се спасат, се собрани надвор“, пренесува кинескиот репортер.

Ретко населен регион

Размерите на штетите што ги причини земјотресот се’ уште не можат да се проценат. Кинеската покраина Чингхаи се наоѓа на западот од земјата и има површина колку две Германии, но затоа има само 5,1 милиони жители. Тие се претежно Тибетанци, но има и Монголци, како и припадници на други малцинства. Сите се претежно номади, бидејќи висорамнината се наоѓа на надморска височина меѓу 4.000 и 6.000 метри. Тие живеат најмногу од сточарство, како и од земјоделство.

Автор: Петра Алденрат / Горан Чутаноски

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска