1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Катастрофа пострашна од цунамито во 2004

9 август 2010

ОН оценија дека состојбата во деловите на Пакистан зафатени од големите поплави предизвикани од поројните монсунски дождови, е многу полоша од очекуваното. Во Кина во поплави и одрон на земјиште загинаа 127 лица.

https://p.dw.com/p/OfVg
Огромни подрачја под водаФотографија: AP

Проценките на ОН за размерот на катастрофалните поплави во Пакистан стануваат се’ подраматични: „Оваа катастрофа е полоша и од цунамито во 2004 година, од земјотресот во Пакистан во 2005 и земјотресот во Хаити на почетокот од годинава“, изјави денеска (09.08.2010) во Исламабад портпарлот на Одделот на ОН за координација на хуманитарната помош (ОЦХА), Маурицио Џулиано.

Според него досега од поплавите во Пакистан се погодени 13,8 милиони луѓе. „Од земјотресот во Пакистан во 2005 година беа погодени три милиони луѓе, од цунамито пет милиони, а од земјотресот во Хаити три милиони“, објасни Џулијано. Во цунамито во југоисточна Азија, во декември 2004 година, загинаа околу 220 илјади луѓе.

Драматични апели за помош

Во Пакистан и натаму стотици илјади луѓе се во бегство пред водената стихија. Најтешко погоден е северозападот на земјата, но и во провинциите Синд и Пенџаб големи територии се наоѓаат под вода. Координаторот на ОН за хуманитарната помош за Пакистан, Мартин Могванја, денеска повика на масивно зголемување на помошта.

Pakistan Flut Katastrophe 2010
Спас на покривот на сопствениот домФотографија: AP

Од почетокот на катастрофалните поплави пред две недели во Пакистан, загинале најмалку 1600 лица. Според проценките на Светската организација, само во провинцијата Пенџаб 560 илјади луѓе останале без покрив над главата

Со оглед на размерите на поплавите во Пакистан, ОН проценуваат дека трошоците за обнова ќе изнесуваат милијарди долари. Според специјалниот пратеник на ОН Жан-Морис Рипер, состојбата во Пакистан е многу загрижувачка. Пакистанскиот премиер Јусуф Раза Гилани изјави дека неговата земја нема сила сама да се справи со последиците од катастрофата.

1300 затрупани во одрон на земјиште во Кина

Од големи поплави и одрони на земјиштето, предизвикани од поројни дождови се погодени и делови од Кина.

Најмалку 127 луѓе ги загубија животите, 88 се повредени северозападна Кина. Спасувачите со копачи и лопати водат пожртвувана битка со времето, во обидот да пронајдат преживени под одронот на земјиштето кој опустоши цел регион во провинцијата Гансу.

Се проценува дека под него се затрупани најмалку 1300 луѓе. Властите сметаат дека бројот на загинати ќе биде многу поголем.

Метеоролозите предвидуваат поројни дождови во таа провинција и во следните два дена. Во најголемите поплави во изминатите 10 години во Кина, во централниот и јужниот дел од државата, оваа година животот го загубија повеќе од 1.400 луѓе, а 600 и понатаму се водат како исчезнати.

Автор: СН/ ЕМФ / ртре/ афп

Редактор: Александра Трајковска

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема