1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Катица Јанева: Дојде тивко, ќе влезе ли во легендите?

Катерина Блажевска15 септември 2015

Идната специјална обвинителка е непозната за пошироката јавност, но не и во правосудните кругови: колегите ја сметаат за одговорна и коректна личност, без никаква партиска припадност.

https://p.dw.com/p/1GWo1
Фотографија: DW/Katerina Blazevska

Која е Катица Јанева? Ќе може ли оваа жена која не е филмски прототип на италијанските обвинителски антимафијаши, „машки“ да се справи со предизвиците на функцијата? Дали таа е вистинскиот избор за специјален обвинител, со оглед дека доаѓа од „општинска лига“, а ќе игра во „специјалната“? Ова се најпоставуваните прашања и дилеми денеска во јавноста, откако по маратонски преговори четирите партии се договорија оваа актуелна обвинителка од Гевгелија да биде нивен заеднички предлог за специјален обвинител, чија позиција ќе биде уредена со lex specialis.

Богато искуство

Јанева е целосно непозната за пошироката јавност, но не и во правосудните кругови.

Има 50 години и повеќегодишно искуство. Во Основното јавно обвинителство во Гевгелија почнала да работи како стручен соработник во 1998 година. За заменик обвинител била избрана во 2003 година, за обвинител во 2010, а лани била реизбрана на функцијата обвинител во гевгелиското обвинителство. Колегите ја опишуваат како личност без партиски „опашки“, која постапува независно и професионално. Ваквата слика за идната специјална обвинителка, денеска ја потенцираше и лидерот на СДСМ, Зоран Заев.

„Јанева ја поминала програмата 'Фалконе' во Сицилија, која е значајна за борбата против криминалот. Таа е едукатор на одредени програми на Академијата за судии и обвинители, била на студиски престој во САД околу нивната практична примена. Начелно ги исполнува сите почетни услови да веруваме дека ваков добар закон и независно стручно решение, ќе бидат во полза на интересите на граѓаните“, изјави Заев.

И владејачката ВМРО- ДПМНЕ е задоволна од персоналното решение за специјален обвинител и од содржината на законот. Како што информираат, Јанева е професионалец во својата област, од која очекуваат транспарентно и непристрасно работење.

И ЕУ денеска го поздрави договорот што беше постигнат од политичките партии утринава во Скопје за избор на специјален обвинител.

„Очекуваме усвојување на релевантен закон во Парламентот и очекуваме дека Специјалниот обвинител ќе ја добие целата потребна поддршка за да ја исполни важната задача што ја има“, посочи Маја Коцијанчич, портпаролка на Европската комисија.

Според партиски извори, именувањето на Јанева било директен предлог на олеснувачите во преговорите.

Активна во работни групи

Според Извештајот за работата на Здружението на јавни обвнители на РМ (ЗЈОРМ) за периодот од 23. 02.2013 до 24.02.2014 година, Јанева била активно вклучена и во креирањето на законски проекти и во оценувањето на обвинителската работа. Таа била член на работна група за изработка на предлог текстот на Законот за Јавно обвинителство, заедно со државниот јавен обвинител Марко Зврлевски, јавниот обвинител на ОЈО за организиран криминал и корупција, Јован Илиевски, и уште 12 нејзини колеги од виши и основни обвинителства. Во 2012 година учествувала и во работната група на ЗЈОРМ, составена од јавни обвинители од различни нивоа за подготовка на предлог-правилник за начинот на оценување на работата на јавните обвинители. Со поддршка на Одделот за владеење на правото при Мисијата на ОБСЕ, таа работна група во 2013 година учествувала во подготовка на досие за оцена на обвинителите и во спроведување на пилот оценување, со цел да се испита новоразвиениот систем во кој оценувањето е спроведено од страна на непосредниот претпоставен. По спроведени пробни и анонимни оценувања во четири обвинителства, членовите на работната група донеле заклучок дека предлог-правилникот за оценување на работата на Јавните обвинители е применлив во практика.

Под лупа нејзината работа

Сега под лупа на јавноста ќе биде нејзината работа.

„Која е Јанева, ќе покаже самата преку нејзината работа“, коментираат во правосудни кругови. Некои добро ја познаваат, некои првпат го слушаат нејзиното име. „Не ја познавам“, вели поранешниот јавен обвинител Стеван Павлевски. Љупчо Шврговски, исто така поранешен државен јавен обвинител, ја опишува како „коректна, професионална и одговорна“. Верува дека ќе одговори на потребите. „Искуството кое го поседува е драгоцено и ќе и помогне да се справи со сите предизвици“, смета Шврговски.

Во нејзиното работно досие, има повеќе познати предмети, меѓу кои и случајот „Спаска Митрова“, кој крена многу прав на релација Бугарија-Македонија.

Приватно, според податоци од анкетните листови на јавните функционери објавени на страната на Државната комисија за спречување на корупцијата, Јанева од личен имот поседува моторно возило „рено 5“ вредно 4.000 евра и сметки во Тутунска и во Стопанска банка. Како имот на родителите пријавила две куќи, едната вредна 100.000, а пријавен е и имотот што го поседувал нејзиниот сопруг, кој бил починат. Сопругата и мајка, Катица Јанева, наскоро ќе треба да се докаже и во новата улога, и тоа на најжешката функција во екот на политичката криза. Според коментарите на социјалните мрежи, поголеми од бројните честитки до Јанева, се само надежите дека конечно ќе профункционира правната држава.