1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Квартална загуба во економијата, Груевски смета дека не е изненадување

СН/АМ/макфакс/миа16 јуни 2012

Македонската економија во првиот квартал годинава претрпела загуби, соопшти Државниот завод за статистика. Тоа се должи на големата криза во Европа и не е изненадување, порача премиерот Никола Груевски.

https://p.dw.com/p/15GSw
Фотографија: MIA

Премиерот Никола Груевски прашан за податоците на Државниот завод за статистика за зголемена невработеност и за регистрираниот пад на Бруто домашниот производ (БДП) вели дека тие не треба да претставуваат изненадување.

„Не смеат да не изненадат податоците од Државниот завод за статистика, имајќи предвид што се случува во Европа, која е на највисоко ниво на нејзината должничка криза и наместо работите да се подобруваат, како што предвидуваат многу аналитичари минатата година, тие се влошија дополнително“, рече Груевски.

Mazedonien Land und Leute Industrie Feni Nickelhersteller
Стагнација на македонската економија во првиот кварталФотографија: Petr Stojanovski

Според него, Европа е влезена во рецесија и ако се издвојат неколку скандинавски земји и Германија, сите останати земји се во длабока криза.

„Дури и овие земји не се чувствуваат така комотно како што треба да биде. Со оглед на тоа што нашите компании извезуваат и тргуваат во државите од ЕУ со околу 90 отсто, и тоа 60 отсто директно и 30 проценти преку земјите од регионот, не е за изненадување што имаме пад на БДП во првиот квартал“ , изјави Груевски.

„Невообичано време за економските состојби“

Тој потсети дека Македонија успешно се справи со првата глобална светска економска криза во 2009 и 2010 година и изрази цврсто уверување оти успешно земјава ќе се справи со европската должничка криза која што, како што рече, во моментот е во нејзината најдлабока фаза.

„Никогаш откако таа почна, некаде околу вториот квартал на минатата година, ниту еднаш не била во подлабока фаза од тоа што е сега. Јас се надевам дека наскоро работите во ЕУ ќе почнат да се средуваат и негативните ефекти од таму ќе почнат да се намалуваат, а од друга страна ние ќе продолжиме со преземање мерки со кои ќе ја ублажуваме оваа криза од надвор, од овој надворешен шок што ни се случува последователно неколку пати - светската економска криза, пред неа шок на цените на нафтата во светот, на храната, а сега и европската должничка криза“, рече премиерот Груевски.

Пад на БДП, раст на невработеноста

Бруто домашниот производ во Македонија во првиот квартал годинава бележи негативен раст од 1,4 проценти, објави Државниот завод за статистика.

Eurokrise Spanien Symbolbild
Еврокризата се чувствува и во МакедонијаФотографија: picture-alliance/dpa

Во првото тримесечје од 2012 е забележан пад во секторите - градежништво од 9,8 отсто, рударство и вадење на камен, преработувачка индустрија и снабдување со електрична енергија, гас и вода од 9,6 отстои секторот сообраќај, складирање и врски пад од 0,1 отсто.

Финалната потрошувачка на домаќинствата, вклучувајќи ги непрофитните институции кои им служат на домаќинствата, во однос на истиот период од 2011 година номинално расте за 2 проценти, а нејзиното учество во структурата на бруто-домашниот производ изнесува 78,6 отсто. За истиот период,извозот на стоки и на услуги забележа намалување во номинален износ од 3,7 отсто, а увозот на стоки и услуги номинално опадна за 4,6 отсто.

Во истовреме во земјата е регистриран благ пораст на невработеноста. Стапката на невработеност изнесува 31,6 проценти во првите три месеци од годинава. Вработени се, пак, 38,6 проценти од работоспособното население. Лани во истиот период тој процент изнесувал 39,3 проценти.