1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Квота за жени во германските концерни!?

19 февруари 2011

Во германската јавноста во моментов се води горлива дебата околу тоа дали треба со закон да се обезбеди учеството на жените во раководните тела на најголемите концерни во земјата.

https://p.dw.com/p/10JaH
Фотографија: AP

Актуелната ситуација покажува дека во управните одбори на околу двесте најголеми фирми, кои котираат на берзата, седат само 3,2% жени. Со аргументи „за“ и „против“ во меѓувреме во костец се фатија дури и две министерки од владиниот кабинет на Ангела Меркел, а опозицијата ја обвинува власта дека само и` ги замачкува очите на јавноста, наместо да се зафати со конкретни чекори и да стори нешто за вистинската еднаквост на родовите.

Уште одамна е јасно дека се неопходни законски мерки за да се обезбеди еднаква застапеност на жените и мажите во раководните тела на германското стопанство, нагласуваат копретседателите на опозициската Партија на Зелените, Клаудија Рот и Чем Ездемир. И не само тоа, таквите законски мерки треба да бидат само дел од сеопфатниот концепт за еднаквост, што меѓу другото ќе опфаќа и поголема понуда на целодневен престој за децата во градинките и училиштата, како и пофлексибилни работни времиња за вработените кои имаат деца.

Die Grünen Parteitag
Копретседателите на Партијата на Зелените, Клаудија Рот и Чем ЕздемирФотографија: dapd

Недоречен став на владата

Канцеларката Ангела Меркел претходно оцени дека самиот факт што има толку малку жени во раководните тела на германските водечки концерни претставува „скандал“. Но, таа истовремено се спротистави на идеите за воведување законски обврзна квота за жените топ-менаџери во управните и надзорните одбори на концерните.

Наместо тоа, министерката за семејни прашања Кристина Шредер, во меѓувреме поднесе предлог за воведување т.н. „флексибилни квоти за жените“. Планот предвидува прво да им се даде на претпријатијата рок од две години за да го зголемат бројот жени во раководните тела за три пати. Тоа би значело во управните одбори на концерните како Фолксваген или Сименс да седат 10% жени, а во надзорните одбори 30%. Доколку тоа не вроди со плод, тогаш би требало да се воведе законска „флексибилна квота“.

361 Grad Respekt
Министерката за семејни прашања, Кристина ШредерФотографија: youtube

Опозицијата бара решителни чекори

Претседателот на опозициската Социјалдемократска партија, Зигмар Габриел, порача дека стопанството веќе имало шанса на почетокот од минатата деценија, кога тогашниот канцелар Герхард Шредер им верувал на ветувањата на големите концерни дека по своја волја ќе го сменат соодносот во раководните тела.Сега, по 10 години залудно чекање, владата треба да преземе енергични мерки, порача Габриел и ваквото барање го поткрепи со статистичките податоци, според кои на дури 70% од послабо платените работни места во земјата се наоѓаат жени. Тие исто така и ден денес добиваат во просек 25% помали плати од нивните машки колеги на истите работни места.

Sigmar Gabriel SPD Präsidiumssitzung
Претседателот на опозициската СПД, Зигмар ГабриелФотографија: picture-alliance/ dpa

Неелегананто, ама затоа ефикасно решение

За воведување законска квота се залага и заменик-претседателката на „Здружението на граѓани за повеќе жени во раководните тела“, Јута фон Фалкенхаузен:

„Дури преку воведувањето квоти жените ќе станат барани, фирмите ќе почнат да ги забележуваат и бараат за да ги ангажираат во раководните тела. Квотата не е елегантно решение, но е затоа ефикасно!“

Шансите ваков предлог-закон да добие мнозинство во парламентот, во кој седат ионака далеку поголем број машки пратеници, а згора на тоа и со уверливо мнозинство од конзервативните партии, се мали. Но, затоа на европско ниво се појави иницијатива за воведување квоти за жените, која се раководи од искуствата во Норвешка. Таму имено со закон е одредена квота од цели 45% жени на раководни позиции. Брисел предлага зголемување на 30% до 2015 година, но за почеток им остава време на концерните до крајот на оваа година тоа да го сторат самоиницијативно. Во спротивно наредната година Европската комисија ќе ја почне процедурата за донесување обврзувачки принцип на ниво на целата ЕУ.

Автор: ГЧ/БГ/дпа/афп

Редактор: Горан Чутаноски