1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Кежаровски: Работев како новинар, а сум третиран како криминалец

АТ/ макфакс9 август 2013

На првото судско рочиште за случајот „Ликвидација“ Томислав Кежаровски истакна дека со неговото апсење се затвори медиумскиот простор. И останатите седуммина обвинети, се изјаснија за невини.

https://p.dw.com/p/19NC9
Фотографија: Makfax

На првото судско рочиште во случајот „Ликвидација“, приведениот новинар Томислав Кежаровски се чудеше на името на акцијата, а рече дека иако е само новинар кој ја информира јавноста, сепак е третиран како криминалец.

„Не ми е јасно зошто се вика акцијата ’Ликвидација’. Ја сум само новинар кој ја врши работата да ја информира јавноста. Случајот 'Ореше' требаше да ја открие гнилоста на институциите. Но не успеав да ги исчистам децениските криминални односи во судството и полицијата. Вперувањето пушка в глава пред ќерка ми е порака кон сите кои се критички насочени“, рече Кежаровски пред судот, пренесоа македонските медиуми.

Тој смета дека сакаат намерно да го уништат, иако не загрозил ничија слобода ни живот.

„Само работев како новинар, а сега сум третиран како криминалец. Некој намерно сака да ме уништи како личност, нарачателите треба да знаат дека лагата е лоша. Со моето апсење се затвори медиумскиот простор, се колнам дека не сум загрозил ниту живот, ниту слобода“, рече Кежаровски.

И останатите седуммина обвинети, меѓу кои има обвинител, судии и адвокати се изјаснија за невини.

На почетокот од процесот Судот донесе решение со кое ги отфрли предлозите на бранителите на обвинетите за негово прогласување за ненадлежен по однос на обвинението за незаконско посредување на дел од обвинетите.

Според адвокатите на обвинетите во случајот „Ликвидација" каде на обвинителна клупа е и новинарот Томислав Кежаровски, изјавија дека процесот уште на стартот имал многу недоследности.

„Кривичното дело за кое се товарат обвинетите повеќе не постои. Обвинителството и натаму ги обвинува за противзаконско посредување. Процедурата е прекршена. Не ни се дадени докази на увид, ниту наредбите за посебни истражни мерки да видиме дали се спроведени законски. Најголем дел од мерките се снимки без аудио запис. Тоа е апсурд. Кај судот е и силата и секирата, а нашите аргументи и можности се лимитирани“, изјави адвокатот Тортевски.

Обвинетите се товарат за примање поткуп, злоупотреба на службена должност, неовластено откривање сведоци, недозволиво поседување оружје и друго. Кежаровски беше приведен поради текст објавен пред пет години во кој го открил идентитетот на заштитен сведок (на насловната фотографија: протести во Скопје за ослободување на новинарот / архива).

Акцијата „Ликвидација“ се подготвувала со години, соопшти МВР. Случајот е поврзан со убиството на 74-годишниот Лазар Милошевски во 2005 година во велешкото село Ореше.

Осомничени за убиството беа браќата Ордан и Љупчо Ѓорѓиевски, а како нарачател се спомнуваше Ѓоре Петровски, Македонец што живее во САД. Во март годинава, тројцата обвинети беа ослободени од вина.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема