1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Келер го распушти Бундестагот - предвремени избори во Германија на 18-ти септември

22 јули 2005

„Драги сограѓани и сограѓанки, денеска го распуштив 15-от состав на Бундестагот и закажав нови избори за 18-ти септември“ – го објави синоќа германскиот сојузен претседател Хорст Келер своето, од политиката и јавноста со нетрпение очекувано решение.

https://p.dw.com/p/AcDo
Сојузниот претседател Хорст Келер при соопштувањето на решението за распуштање на Бундестагот
Сојузниот претседател Хорст Келер при соопштувањето на решението за распуштање на БундестаготФотографија: AP

Претседателот ја споделува оценката за ситуацијата на канцеларот Герхард Шредер, кој смета дека веќе нема сигурна база за својата политика, и поради тоа го донесе решението за распуштање на парламентот и за распишување нови избори. Келер не остави сомневање дека за него само тоа решение е правилно: „Во моето севкупно одмерување дојдов до резултат дека нови избори најмногу ќе му служат на доброто на нашиот народ. На место е во сегашнава ситуација демократскиот суверен – народот – да може да реши за идната политика на нашата земја“.

Келер во петминутното телевизиско обраќање зборуваше за огромните задачи пред кои стои Германија: милиони невработени, јавни буџети во критична ситуација како никогаш досега, федерален систем на кого му е потребен генерален ремонт, премалку деца, општество што старее, а е изложено на остра конкурентска борба во светот. „Во оваа сериозна ситуација на нашата земја и’ треба влада, која континуирано и енергично ќе може да ги следи своите цели. Притоа, сојузната влада е упатена на поддршката од сигурно мнозинство во Бундестагот“.

Но, токму тоа веќе не е случај, убеден е сојузниот претседател. Мнозинството на канцеларот е тесно, нему му се закануваат спротивно гласање и истапувања од сопствените редови. Келер посегна по тој аргумент на Шредер за нови избори и го смета за доволен. Тој не се осврна на префрлувањата од канцеларот на сметка на опозиционите партии на Унијата за наводен став на блокада во Бундесратот – претставништвото на покраините. Келер повеќе пати ги спомна критичарите на одбраниот пат за распуштање на парламентот. Нивното незадоволство, според претседателот, покажува колку им е важен Уставот. Тој им бил благодарен на граѓаните кои во разговори, со писма и и-мејлови му го соопштиле своето мислење: „Имам респект за сите кои се сомневаа, ги слушнав и сериозно ги одмерив нивните аргументи. Но, не гледам никаква поинаква оцена, која недвосмислено треба да има предност пред онаа на сојузниот канцелар. Уверен сум дека со тоа се исполнети уставните предуслови за распуштање на парламентот“.

Со решението на претседателот Келер по трет пат во историјата на Сојузната Република ќе има предвремени избори – доколку сепак Уставниот суд не стави вето: двајца пратеници, Вернер Шулц од Зелените и социјалдемократката Јелена Хофман, најавија дека против решението на претседателот ќе поднесат тужба пред највисокиот суд во земјата. Тие го сметаат за маневар на залажување постапувањето на канцеларот Шредер при свесно загубеното барање за изгласување доверба на 1-ви јули годинава.