1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Келер е оптимист за евроинтеграцијата на Македонија

14 септември 2009

Mакедонскиот претседател Ѓорге Иванов е во прва официјална посета на Германија. Денешниот (14.09.2009) работен ден Иванов го стартуваше со разговори со германскиот колега Хорст Келер во неговата резиденција „Белви“.

https://p.dw.com/p/JeME
Ѓорге Иванов во посета на ГерманијаФотографија: Dragan Todorovski

Германија останува лобист за Македонија и силен поддржувач на нејзините аспирации за членство во ЕУ, рекол германскиот претседател Хорст Келер на денешната средба во Берлин со шефот на македонската држава Ѓорге Иванов.

Келер, како што изјави по средбата Иванов, е оптимист дека Македонија ќе добие позитивен извештај и датум за преговори со ЕУ: „Германија е најголем поддржувач и најголем трговски партнер на Македонија во ЕУ. Келер е многу добро информиран за случувањата во Македонија, како и за состојбата во регионот“, рече Иванов.

На средбата, станало збор и за спорот за името со Грција. Германскиот претседател се интересирал за тоа што презема Македонија и колку и како е вклучена во процесот за решавање на прашањето што се води со посредство на ОН.

„Претседателот Келер покажа зачуденост како може едно такво прашање денес да биде на агенда и како може во денешно време да се разговара за такви прашања, кога ни‘ претстојат многу поважни работи“, изјави македонскиот претседател во Берлин.

Германскиот претседател ја пофалил Македонија за постигнатата етничка хомогеност и верска толерантност која, според него, може да биде пример за многу европски земји.

Средбата со Келер е централен настан од официјалната посета на македонскиот претседател на Германија, на чија агенда се и серија средби со претставници на Парламентот, на Владата и на германски бизнис-здруженија.

Иванов попладнево ќе се сретне со шефот на Парламентарната група за ЈИЕ во германскиот Бундестаг, Детлеф Ѕембрицки, а вечерва ќе има обраќање во Фондацијата „Конрад Аденауер“ на тема: „Република Македонија на патот кон ЕУ“.

За очекувањата од неговата визита на Берлин, претседателот Иванов за Дојче Веле изјави: „Посетата е во период кој има многу симболика. Таа е по прославата на 18 годишнината од независноста на Македонија и пред 20 годишнината од паѓањето на Берлинскиот ѕид. Се совпаѓа и со доделувањето на највисокото државно признание на поранешниот претседател Роман Херцог. Има многу симболика и ова укажува на добрите, односно - одличните односи меѓу Македонија и Сојузна Република Германија. Оваа посета е во функција на продлабочување на таа соработка во сите сфери.“

Во агендата на посетата на Иванов го нема првиот ешалон германски политичари: канцеларката и министрите од нејзиниот кабинет. Не е ни чудо - сите политичари се зафатени со изборните кампањи. На прашањето „Не ќе беше ли подобро доколку посетата на престолнината се случеше по парламетарните избори, односно по 27 септември“, Иванов одговара:

Да, меѓутоа таков е терминот зашто ни‘ претходи посета на САД и Генералното собрание на ОН. Настојувавме оваа посета да биде дел од тоа патување и да го искористиме моментот, зашто ионака моравме да дојдеме во Европа, па Германија е прва земја, која секогаш била најдобар македонски партнер. Иако се пред избори, средбите што ќе ги имаме со претседателот, во парламентот, со воените структури, со бизнис- заедницата и моето обраќање во фондацијата ’Конрад Аденауер’, укажува дека посетата има за цел продлабочување на она што го имаме со Германија. Разбираме дека е предизборен период, но секогаш има време и момент за тие средби со највисоките претставници на Германија.“

Автор: Силвера Падори/миа

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска