1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

LitCOLOGNE

16 март 2011

Денеска (16.03.11) во Келн почнува најголемиот фестивал на литературата „Литколоњ“. Oрганизаторите нудат преку 160 литературни настани во наредните 10 дена, на кои очекуваат 80.000 посетители.

https://p.dw.com/p/10ZUo
Кој ќе седи годинава на столиците пред бројната публика на „Литколоњ“?

Келн веќе со месеци е во литературна треска. Картите почнаа да се продаваат уште на почетокот на декември и уште до пред Божик беа распродадени цели 70% од поголемите манифестации. Организаторот на „Литколоњ“ Рајнер Основски спроти почетокот на фестивалот гордо порачува:

„Годинава сметаме со 80.000 посетители, тоа можеме веќе сега да го предвидиме врз основа на досегашната продажба на влезниците. Годинава тие се распродадоа како да станува збор за некој голем рок концерт.“

Успешен концепт

Рецептот за успехот на „Литколоњ“ е тоа што успева да привлече големи имиња од литературната сцена во светот и што на публиката и’ нуди соочување и дијалог на познати автори. Така овој пат во Келн меѓу другите славни имиња ќе се најдат носителот на Нобеловата награда за литература, турскиот писател Орхан Памук, холандскиот Цес Нотенбом и славниот француски шансоњер Шарл Азнавур. Покрај тоа, избрани извадоци од книгите на големите пера на денешнината читаат исто така славни актери, а како конферансје организаторите ангажираат познати ТВ водители. Така „Литколоњ“ во својата концепција обединува гламур и вредни содржини.

LitCologne Geschäftsführer Osnowski, Labonté und Köhler
Рајнер Основски (прв од лево) со двајцата колеги, со кои го организира фестивалот на книгатаФотографија: Stefan Worring

Моралот и политиката

Годинава посебен тематски акцент е прашањето за односот меѓу моралот и политиката во современото општество. Во овој контекст „Литколоњ“ организира гала вечер по повод 50-годишниот јубилеј од основањето на меѓународната организација за заштита на човековите права Амнести интернешенел. Таа ќе се одржи во најголемата сала во градот која собира преку 6.500 посетители, а како главна содржина на вечерта познати автори и актери ќе читаат дела на писатели од целиот свет кои се изложени на политички прогон.

Во рамките на друга манифестација „Литколоњ“ ќе соочи две жени: американскиот филозоф Сузан Најман и политикологот Гезине Шван, кои ќе дебатираат за новото дефинирање на моралот во политиката денес. Истата тема во контекст на најновите историски откритија ќе ја расправаат поранешниот германски министер за надворешни работи Јошка Фишер и историчарот Екарт Конзе, кој неодамна ја објави студијата за вмешаноста на германското Министерство за надворешни работи во злосторите на национал- социјализмот.

Deutschland Hessen Landtagswahlen Joschka Fischer
Поранешниот шеф на германската дипломатија, Јошка ФишерФотографија: AP

Ќе има ли есенско издание?

Покрај ваквите актуелни теми со политичка тежина, на „Литколоњ“ секако настапуваат и бројни автори од чисто литерарното подрачје, при што организаторите на фестивалот често спојуваат помалку познати автори со многу славни имиња. Со оглед на големиот успех што ваквиот концепт му го носи на „Литколоњ“, во јавноста се појавија шпекулации за организирање дополнително есенско издание на фестивалот на книгата. Главниот организатор Рајнер Основски порачува:

„Тоа во никој случај не е вистина. Имаме барања од разни издавачки куќи во екот на Франкфуртскиот Саем на книгата на есен да промовираме нивни угледни автори. За тоа можеме да размислиме, но тоа во никој случај нема да се претвори во уште една сеопфатна манифестација, како што е сегашниот ’Литколоњ’“, категоричен е организаторот Основски.

Автор: Кристел Вестер / Горан Чутаноски

Редактор: Симе Недевски