1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Келн: новогодишната ноќ 2015/2016 не смее да се повтори

Даниел Хајнрих
13 декември 2016

Германскиот град Келн по големите инциденти и сексуални напаствувања во минатата новогодишна ноќ претстави нов безбедносен концепт за претстојниот дочек на Новата Година.

https://p.dw.com/p/2UBok
Köln Übergriffe in der Silvesternacht
Фотографија: picture-alliance/dpa/M. Boehm

Во една нешто одговорните во Келн се единствени: Нешто такво како во минатата година не смее да се повтори. На новогодишната ноќ стотици млади мажи во непосредна близина на главната железничка станица неконтролирано користеа пиротехнички средства, целно опкружуваа жени, и телесно ги напаствуваа и ги ограбуваа.

Пред сѐ вестите за сексуално вознемируваните жени брзо се проширија ширум светот. Досега државното обвинителство обработило 1220 кривични пријави, 513 од нив за сексуално напаствување. 

Годинава треба да биде поинаку. Вчера властите во Келн претставија нов безбедносен концепт кој предвидува ангажман на десетпати повеќе полицајци отколку во минатата година. Околу 1500 полицајци треба да се грижат за безбедноста на славениците на претстојната новогодишна ноќ пред сѐ во центарот на Келн. Улиците ќе бидат дополнително осветлени, централниот мост Хоенцолер, каде во минатата година се случија бројни напади ќе биде блокиран за пешаци и велосипедисти.  Градот Келн за дополнителните безбедносни мерки ќе инвестира 400 илјади евра. 

Во меѓувреме пак германското правосудство има проблем со случаите на сексуално вознемирување за време на новогодишната ноќ во Келн во минатата година.  Јунес А. е Мароканец, момче кое живее во Германија. Осуден е по случувањата за време на дочекот на Новата 2016. година во Келн. Тој меѓутоа не е осуден поради сексуален напад, туку поради- кражба на мобилен телефон.

Köln Hauptbahnhof Vorplatz
Фотографија: picture-alliance/dpa/M. Hitje

Неговата жртва, една 22-годишна девојка од сојузната покраина Баден Виртемберг, била исто така сексуално вознемирувана. Јунес А. бил во непосредна близина, изјавила девојката за време на процесот пред Општинскиот суд во Келн. Меѓутоа, во нејзиниот случај, најмалку 4 мажи доаѓаат предвид  дека би можеле неморално да ја допираат.

Случајот на Јунес А. покажува колку се тешки за правосудството случаите кои се водат против сторителите на кривични дела од новогодишната ноќ во Келн. Тогаш стотици момчиња, пред сѐ оние со североафрикански и арапски изглед, а според наводите на сведоците, заобиколиле, вознемирувале и ограбиле жени на главната железничка станица во Келн.

До почетокот на декември, според наводите на Државното обвинителство, се обработени 1.222 кривични пријави, а 513 од нив се однесуваат на обвинувања за сексуални напади. Тука се вбројуваат сексуални изнудувања, сексуално мотивирани навреди и силувања.

Забрзано донесување на Закон

Обработка на повеќето од овие случаи оди тешко. Околностите за време на таа ноќ биле хаотични. Ситуацијата е непрегледна, а доказите за кривичните дела, и покрај тоа што постојат над 600 часа видео-материјали, често е невозможно да се изведат. Од вкупно 267 постапки, 124 се, засега, запрени- од нив 80 бидејќи, според наводите на Обвинителството, не постоело доволно основано сомневање.

Покрај слабите резултати, судските постапки, но и јавната дебата за случувањата во Келн, имаа ефект на политичко ниво. Уште во 2015. година Министерството за правосудство го усвои Предлог законот за кривично право кога станува збор за сексуално насилство во Германија, но со тоа не е многу направено. А тогаш се случи Новогодишната ноќ во Келн и одеднаш работите се забрзаа: на почетокот на јули годинава, по жестоките дебати во Бундестагот, новиот Закон е- усвоен.

Пред реформите важеше следново: за нешто да се дефинира како сексуално вознемирување, мора да постои „допирање под облека“. Сега сторителот може да биде обвинет и кога жртвата „телесно ја допира или вознемирува на сексуално одреден начин“. Значи, сега и допирањето преку облека може да биде казнето. Сепак, како законот на крајот ќе биде спроведен, допрва ќе се покаже.

Deutschland Silvester in Köln
Фотографија: picture-alliance/dpa/M. Hitij

За време на Новогодишната ноќ дошло до бројни напади од групи мажи. Поради тоа во законот е воведена клаузула според која, оној кој е дел од група која присилила друго лице да изврши кривично дело, може да биде осуден за сексуални напади, иако тој тоа дело не го сторил ниту имал намера да го стори. Освен тоа, принципот „Не значи не“ е преточен во законска форма. Ако жртвата досега морала физички да се брани, ако масовно била загрозена или се наоѓала во незаштитена ситуација, сега претпоставките за кривично дело се исполнети веќе ако сторителот се спротиставил на јасната воља на жртвата  дека нешто не сака. Во тој случај, предвидена е казна до 5 години затвор.

Речиси ниту еден процес во врска со сексуални напади

Сите тие промени на Законот при пресудите во случаите за новогодишната ноќ во Келн, едвам дека ќе играат каква било улога, бидејќи во моментот кога сето тоа се случувало тој закон  уште не бил усвоен. Исто како и во случајот на Јунес А., а покрај јавната перцепција, во поголемиот број случаи не станува збор за сексуални напади.

Флоријан Шторц адвокатот на Јунес А. уште за време на процесот предупреди на опасноста од генерализирање и, со оглед на позицијата на својот клиент, отворено рече: „Овој човек сторил престап. Тоа е јасно.“ Сепак, адвокатот предупредил, неговиот клиент не може да биде одговорен за сите други напади.

Во случајот на Јунес А. апелот на адвокатот не е прифатен. Тој и 23 други момчиња, досега, се осудени поради напад за време на Новогодишната ноќ во Келн- и поради тоа на посебен начин се перцепирани во јавноста. Казната од 6 месеци и 2 недели условно, е далеку од вообичаените казни изречени во такви случаи.