1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Кенијците најдобри, скопскиот маратон напредува

Златко Калински13 мај 2013

Атлетскиот маратон станува една од најпрепознатливите спортски манифестации на Скопје. 9. издание на скопскиот маратон привлече рекорден број на натпреварувачи. Резултатски белег му дадоа извонредните кениски атлетичари.

https://p.dw.com/p/18Wed
Фотографија: picture-alliance/dpa

Каде и да се одржува, маратонот е спортски празник. Жителите на Скопје на најубав начин ја почувствуваа привлечната моќ на древната спортска дисциплина, која со неверојатна сила привлекува се поголем број на приврзаници. Претседателот на Организациониот одбор на скопскиот маратон, Ѓорѓи Кузмановски зборува за организациониот и резултатскиот прогрес:

„Голема сатисфакција за сите, кои бевме вклучени во организацијата се изречените зборови од бројните експерти за маратон трките од странство, дека скопскиот маратон ги има сите обележја на најугледните светски трки.Задоволството е големо и поради зголеменото учество. Имавме близу 5000 учесници од 34 земји, тоа е скоро за 1500 повеќе од минатиот маратон. Нашиот буџет споредбено со други земји е скромен. Изнесува околу 60 илјади евра, но сепак успеавме да обезбедиме и бројност и квалитет.“

Скопскиот маратон сеуште има скромна традиција и финансиска моќ во однос на светските маратон центри, но имаве голем наплив на пријави за учество, вели директорот на трката Кире Синадиновски:

„Екстремно се зголеми интересот за учество во Скопје во однос на претходните години. Тоа се однесува и на пријави од Македонија и од странство. Не радува и е показател дека сме на добар пат. Се потрудивме организационо да ги исполниме сите стандарди, а тоа учесниците го препознаваат. Патеката беше одлично подготвена, максимално обезбедена, а и временските прилики беа речиси идеални.“

Mazedonien Kire Sinadinovski Skopje Marathon 2013
Кире СинадиновскиФотографија: DW/Z. Kalinski

Спортски празник

Плоштадот Македонија, срцето на Скопје пулсираше со настанот. Пионерските трки на 500 метри беа убава увертира во исклучително интересната атлетска програма. Големата масовност беше белегот на натрчувањето на рекреативците на 5000 метри, а полумаратонот вовед во натпреварувачката кулминација со кениско обележје. Женскиот маратон заврши со двојна победа на Кенијките. Каролин Кипруто, пред Хелен Кипкоскеи. Трета беше Романката Алина Нитулеаса.

Виклиф Кипкорир Бивот ги освои срцата на жителите на Скопје. 25 годишниот маратонец, изданок на еден од најпознатите кениски атлетски кампови во Елдорет, со рекорд на патеката од 2:21,56 го заврши својот настап:

„Му благодарам на организаторот за одлично организираната трка. Тоа беше многу убав маратон. Не послужи и времето, очекувавме горештина, сонце, а излезе дека трката ја завршуваме со дожд. Кога пристигнав во Скопје, дознав дека рекордот на патеката е 2 часа и 23 минути. Јас истрчав за 2 минути подобро. Во добра форма сум и очекував дека ќе победам“- вели Бивот.

Кенијците остварија тројна победа. Втор беше Елиша Саве, а трет ланскиот победник Патрик Вамбугу. Најдобропласиран Македонец е Ристе Лазаров на 7-то место.

Купот на Европа на 10 илјади метри во Скопје

За неполн месец, вторпат атлетскиот свет беше на гости во Скопје. Генералниот секретар на АФМ , Дејан Ангеловски за Дојче веле открива нови атлетски проекти:

Mazedonien Skopje Marathon 2013 Logo
Лого на Скопскиот маратон

„Минатиот месец бевме домаќини на Конгресот на Европската атлетска федрација, на кој учествуваа претставници од 50 земји од Европа. Сега сме сведоци на добро организиран маратон, исто така со бројно учество. Се покажавме како успешни домаќини и тоа дава резултат. Деновиве од седиштето на ЕААФ пристигна допис дека Скопје ја доби организацијата на Европскиот куп на 10 илјади метри. Исклучително атрактивни трки, кои ќе се одржат во јуни 2014 година на тартанот на Филип Втори Арената.“ Се отвора ли подобра перспектива за атлетиката во Македонија?