1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Кери му поставува услови на Ирак за американска помош

АТ/ ард/афп15 јуни 2014

Државниот секретар на САД Џон Кери ги повика одговорните во Ирак заеднички да им се спротивстават на џихадистите. Неговиот германски колега Штајнмајер апелираше до соседите на Ирак да се спречи ширење на конфликтот.

https://p.dw.com/p/1CIiE
Фотографија: Reuters

Американскиот министер за надворешни работи Џон Кери го повика Ирак на одлучност во борбата против екстремистите. Во телефонски разговор со неговиот ирачки колега Хошијар Зебари тој побара да се направат напори за обединување на земјата. Поддршката на САД би можела да уследи кога водачите на различните групи во Ирак би ги надминале меѓусебните разлики. Тој дополнил дека поддршката од Вашингтон би можела да биде успешна, доколку одговорните во земјата се заложат за „национално единство“ и заеднички им се спротистават на џихадистите. Кери исто така се заложи брзо да се спроведат резултатите од неодамнешните ирачки парламентарни избори и да се формира нова влада.

Претходно претседателот на Иран Хасан Рохани во телевизиско обраќање појасни дека соработка со САД би била можна во Ирак во борбата против сунитската терористичка организација ИДИЛ. Од владини кругови во Вашингтон се вели дека досега немало никакви разговори со Иран. Владата во Техеран понуди да испорача воени материјани, но исклучува ангажирање на копнени трупи.

Штајнмајер апелира до соседите на Ирак

Германскиот министер за надворешни работи Франк-Валтер Штајнмајер ги повика соседите на Ирак да преземат одоговорност. Притоа тој го именуваше и Иран.

„Мораме да спречиме сега на ирачка територија да избие војна на претставниците на регионалните сили“, рече Штајнмајер за весникот „Велт ам зонтаг“. „Сите соседи - Саудиска Арабија, државите од заливот, Турција, впрочем исто и Иран - не би можеле да имаат интерес, надвор од Сирија, во нивно непсоредно соседство да се развие огромен простор на безвластие, кој ќе стане арена за групите платеници, исламисти од секаков вид и терористи“.

Deutschland Deutsche Welle Review 2014 DW-Interview mit Frank Walter Steinmeier
Франк-Валтер ШтајнмајерФотографија: DW

Критика на ирачката влада

На ирачката влада Штајнмајер и‘ префрли пропусти. Меѓународната помош не била доволно искористена за воспоставување на политичка и економска стабилност. Германија во изминатите десет години ставила на располагање 400 милиони евра, други земји уште повеќе.

Германија би се вклучила во стабилизацијата на Ирак во минимален опсег, рече Штајнмајер. „Не би требало да го преценуваме можниот германски придонес“. Тој не би можел да си замисли констелација, во која германски војници би биле таму ангажирани.

Од минатиот понеделник борците на групата Исламска држава во Ирак и Левант (ИДИЛ) ги запоседна северноирачкиот милионски град Мосул и целата провинција Нинива како и други градови во регионот. Тие се движат во правец на Багдад.