1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Кери убеден во поддршка од Конгресот

БГ/миа2 септември 2013

Американскиот државен секретар е сигурен дека долниот дом на парламентот ќе го одобри барањето на претседателот Обама за воздушни напади врз Сирија. Арапската лига- поделена.

https://p.dw.com/p/19Zv2
Фотографија: Reuters

Американскиот државен секретар Џон Кери изрази надеж дека Конгресот на САД ќе го одобри барањето на претседателот Барак Обама за воена интервенција во Сирија, по хемискиот напад врз цивили од страна на режимот на Башар ал Асад.

„Башар ал Асад сега се приклучи на листата со Садам Хусеин и Адолф Хитлер, кои употребиле вакви оружја во војна. Ова носи длабоки последици за Израел, за Јордан, за Турција, за регионот и за сите нас кои се грижиме за спроведување на меѓународните норми во врска со хемиското оружје, изјави секретарот Кери во разговор со телевизијата Ен-би-си.

Кери ги отфрли тврдењата дека Белата куќа и Стејт департментот се поделени по прашањето на нападот врз Сирија.

„Не верувам дека Конгресот ќе ни го сврти грбот во овој момент“, изјави Кери.

Државниот секретар го повтори ставот на претседателот Обама дека, според американскиот Устав, тој има право да изврши воена операција без да бара согласност од Конгресот.

Министрите за надворешни работи на Арапската лига ги повикаа ОН и меѓународната заедница да преземат акција против сирискиот режим заради наводниот напад со хемиско оружје близу Дамаск.

Арапските држави не повикаа на воени удари, што беше предлог на САД, во момент кога има поделба во таа организација каде неколку држави се спротиставуваат на странска интервенција во Сирија.

Barack Obama äußert sich zu Syrien am Samstag den 31. August
Барак ОбамаФотографија: Reuters

„ОН и меѓународната заедница се повикуваат да преземат своја одговорност во согласност со Повелбата на ОН и меѓународното право, преземајќи неопходни мерки за спречување“, се вели во соопштение по состанок во Каиро. Министрите наведуваат дека сирискиот режим е одговорен за нападите со хемиско оружје во кои се убиени стотици луѓе. Арапската лига смета дека на оние што се одговорни за напади со хемиско оружје во Сирија, мора да им биде судено пред меѓународен суд.