1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Кими Рајконен светски првак во автомобилизам формула 1

22 октомври 2007

Драматична разврска на првенството. Последната трка беше и вистинско финале – за прв пат по 21-на година тројца возачи беа со шанси за титулата. Хамилтон по своја грешка и поради технички пробеми остана без титулата

https://p.dw.com/p/BtQI
Кими РајконенФотографија: AP

Трката за Големата награда на Бразил во Сао Паоло беше возбудлива, водечкиот во генерален пласман Луис Хамилтон го плати цехот на младоста и преголемата желба. Годинава, како и во 1986-та, кога Алан Прост ја освои титулата иако Најџел Менсел и Нелсон Пике имаа подобри шанси, победник испадна пред трката третопласираниот.

На стартот Хамилтон беше претекнат прво од Рајконен, а потоа и од клупскиот колега и главен конкурент Фернандо Алонзо. Сакајќи да му врати, за момент излета од патеката и падна на осмо место. Штотуку почна да се пробива напред, одеднаш успори поради проблеми со електрониката. Со ред го испретекнаа речиси сите возачи. Како што ненадејно се појавија, така ненадејно и исчезнаа неговите проблеми, но Хамилтон веќе не можеше да стигне до петтото место, што ќе му ја донесеше титулата.

Рајконен долго време беше на второто место зад клупскиот колега од Ферари Фелипе Маса. Смената на врвот беше изведена со нешто подолго задржување на Маса во боксот, со што е избегната забранетата директна режија со наредба од раководството за промена на местата на врвот. Кими Рајконен така ја освои првата титула светски првак на пет денови откако наполни 28 години.

Но, за да биде драматиката комплетна, уште цели шест часови Финецот мораше да чека на потврда на титулата. Имено, против тимовите на БМВ-Заубер и Тојота беше отворена постапка поради прениска температура на бензинот, констатирана на крајот од трката. Доколку беа изречени казни и одземен пласманот на Розберг на четвртото, Кубица на петтото и Хајдфелд на шестото место, Хамилтон ќе напредуваше од седмата на 4-тата позиција, што ќе му донесеше бодови доволно за да стане светски првак. Раководството на трката сепак го потврди постигнатиот пласман. Мекларен Мерцедес најави дека ќе поднесе жалба.

Во секој случај, не може да се каже дека Рајконен не ја заслужи титулата. На крајот тој има 110, Хамилтон и Алонзо по 109 бодови. Маса е четврти со 94, германскиот возач Ник Хајдфелд петти со 61. Екипно, по казната за Мекларен Мерцедес поради аферата со шпионирањето на Ферари, Ферари е убедливо прв со 204 бодови, пред БМВ Заубер со 101 и Рено со 51.

Зоран Јордановски