1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Кина го критикува Обама поради средбата со Далај Лама

17 јули 2011

По вторпат во последниве денови, Кина отворено ги критикува САД. По забелешките поради домашниот долг, Пекинг сега му префрла на Вашингтон и поради средбата на претседателот Обама со тибетскиот духовен лидер Далај Лама

https://p.dw.com/p/11wu2
Барак Обама и Далај ЛамаФотографија: picture-alliance/dpa

По критиките на Кина на сметка на САД поради внатрешниот спор околу лимитот на задолжување на државата, сега од Пекинг доаѓа ново негодување - Кина го критикува Вашингтон поради средбата на американскиот претседател Барак Обама со духовниот лидер на Тибетанците, Далај Лама.

Во соопштение на кинеското министерство за надворешни работи се вели дека средбата на Обама и Далај Лама во Белата куќа им нанесла штета на кинеско-американските односи. „Вакво однесување значи мешање во внатрешните односи на Кина, ги повредува чувствата на кинескиот народ и им нанесува штета на кинеско-американските односи“, го цитира кинеската државна агенција Ксинхуа портпаролот на министерството за надворешни работи во Пекинг.

Кина го обвинува Далај Лама дека ги поддржува тибетските стремежи за независност. Носителот на Нобеловата награда за мир, пак, постојано нагласува дека сака мирен премин кон автономија на неговата земја. Тибет во 1950 година беше окупиран од страна на кинеската армија, а Далај Лама побегна во егзил во Индија во 1959 година. Инаку, американскиот претседател Барак Обама го прими Далај Лама и минатата година. Исто како и тогаш, и при актуелната средба духовниот лидер на Тибетанците не беше примен во Овалниот кабинет, каде што вообичаено се примаат државници, туку во друга, споредна просторија на Белата куќа и без присуство на претставници на печатот.

Автор: ЕМФ/дв

Редактор: Борис Георгиевски