1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Кина и Индија на пат од ривалитет кон партнерство

Матијас фон Хајн23 ноември 2006

Наспроти конфликтните пунктови и сеопштата длабока недоверба, обете држави практикуваат впечатливо прагматична надворешна политика

https://p.dw.com/p/Advd
Ху Џинтао и Манмохан Синг во Њу Делхи
Ху Џинтао и Манмохан Синг во Њу ДелхиФотографија: AP

Односите меѓу Кина и Индија, држави со најмногубројно население во светот, повеќе децении ги карактеризираше непријателство. Кога тоа беше заменето со длабока недоверба, билатералната трговија веќе доживеа значаен подем. Ху Џинтао е прв кинески претседател што ја посети Индија по повеќе од десет години, за да агитира за поголема меѓусебна доверба. Со оглед на појдовната позиција оптоварена со конфликти, вчудовидувачки е до каде стигнаа двете земји на патот од ривалитет кон партнерство.

Пекинг не заборави дека Индија својот последен тест на атомска бомба го образложи со загрозеност од страна на нуклеарната сила Кина. Постарите генерации во Индија не го заборавија ни поразот во војната со Кина во 1962-ра година. Двете земји со гигантски стопански пораст од преку 9 проценти годишно, се разбира, се и конкуренти кога станува збор за обезбедувањето суровини и пазари.

Меѓу двете нуклеарни сили со најголеми армии во светот има доволно конфликтен материјал за да можат реалистички да натокмат секаков вид кризно сценарио. Дотолку посмирувачка е пораката што за прв пат ја испратија од Њу Делхи индискиот премиер Манмохан Синг и кинескиот претседател Ху Џинтао: во светот има доволно место и за Кина, и за Индија.

Освен ова, посетата следена со многу помпа во кинеските медиуми, во суштина не донесе ништо друго. Потпишани беа само претходно подготвените декларации и спогодби. Не е постигнат никаков осознатлив напредок во врска со некаква спогодба за слободна трговија, како ни во однос на граничните спорови. Во предвечерјето на посетата уште дојде и до иритации, кога кинескиот амбасадор во Индија ги потврди аспирациите на Пекинг спрема северноиндиската сојузна држава Арунахал Прадеш. Веднаш уследија лути индиски реакции.

Индија се чувствува опкружена од Кина: таа со децении одржува најдобри односи со главниот индиски непријател Пакистан, што треба да бидат и продлабочени – и со соработка кај користењето атомска енергија - со престојот на Ху Џинтао во Исламабад директно по посетата на Индија. Кина склучи одбранбен договор и со Бангладеш, а израсна и во негов најголем трговски партнер. Пекинг тесно соработува и со генералите што владеат во Бурма: таму се градат пристанишни постројки што некогаш можеби ќе ги користи и кинеската морнарица. Стратегиски важно пристаниште за големи бродови кинески инженери градат и во Пакистан. Обратно, пак, приближувањето на Њу Делхи кон Вашингтон подгрева недоверба во Пекинг.

Но, наспроти овие проблематични пунктови и сеопштата длабока недоверба, обете држави практикуваат впечатливо прагматична надворешна политика. Индија и Кина сакаат да го обезбедат својот стопански подем и имаат голем интерес од мирољубиво опкружување. Тие успеваат да ги исклучат конфликтните точки и да се концентрираат врз областите на можна соработка. Иако се” уште не е демаркирана 3500 километри долгата граница, годинава беше отворен премин во Хималаите за погранична трговија. Трговијата воопшто стана најсилната алка меѓу двете држави: за последните 15 години таа порасна за повеќе од 20 пати! Дури и кај потенцијално конликтната тема обезбедување суровини, двете земји не настапуваат само како ривали, туку понекогаш и како партнери, како на пример во заедничката експлоатација на нафта во Судан.

Преку 20 години Индија и Кина неуспешно преговараат околу протегањето на границата во Хималаите, при што станува збор за територија од околу 100 илјади квадратни километри. Но, тоа не ги спречува меѓусебните доходовни зделки, ниту приближувањето и размената во други области. Може само да се посака Индија и Пакистан да можат исто така прагматично да ги организираат меѓусебните односи.