1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Неочекувани симпатии

Фран Сирен/сн30 јули 2016

И покрај неговите анти-кинески ставови Доналд Трамп е многу популарен меѓу Кинезите. Неговите тиради кај населението погодуваат извесен нерв, кој домашните политичари не го допираат, смета колумнистот на ДВ, Франк Сирен.

https://p.dw.com/p/1JYPT
Фотографија: Reuters/C. Allegri

Колку повеќе се приближуваат претседателските избори во САД, толку е поблиску и соочувањето на остатокот од светот со кандидатот на републиканците Доналд Трамп. Би можело да се помисли дека тој самиот себеси во многу делови од светот веќе си создаде многу непријатели. На пример, во Мексико, со својот план на границата со Мексико да подигне ѕид- и за тоа да платат Мексиканците. Или- во Кина, земјата ја обвини дека ги „силува“ САД, им ги зема работните места на Американците и оти „манипулира“ со својата валута. И навистина, нема Американец кој во Мексико е толку омразен како Трамп. Во Кина чувствата кон него се помешани. Има и позитивни.

Во анкетата која ја спроведе кинескиот дневен весник „Глобал тајмс“, уште кон крајот на мај 54 отсто од Кинезите беа за Трамп- тогаш тоа беше дури 15 насто повеќе и од САД. Оттогаш неговата популарност се зголеми. Поради својот дрзок јазик и привидната искреност како и едноставните формули кои ги застапува, стана омилен и во Кина. Кинезите се фасцинирани од Трамп. Токму затоа што е поинаков од нивната влада која делува нетранспарентно и затворено. Кај Трамп секогаш се знае што мисли за некоја тема- бидејќи тоа веднаш го кажува. Тоа што утре мисли нешто друго, очигледно не ѝ нештетува на неговата популарност.

Трамп е омилен и меѓу образованите Кинези

Поради тоа Трамп не е омилен само кај луѓето со послабо образование. Читателите на „Глобал тајмс“ кои учествуваа во анкетата му припаѓаат на образованото градско население. Тие му простуваат дури и кога ја нарекува Кина „најголем крадец во светската историја“.

Трамп е бренд, а Кинезите сакаат брендови. Тој во Кина важи за успешен деловен човек кој умее да биде забавен, што не е особина која ја имаат кинеските политичари. На интернет го гледаат како бизнисмен со убава сопруга, на својот Твитер налог Трамп негува имиџ на победник. Некои претприемачи се обидуваат да направат бизнис користејќи се со неговото име. Секаде во Кина се појавуваат фирми кои продаваат луксузна гардероба, недвижности или прочистувачи на воздух во кои во името го додаваат зборот Трамп- иако немаат баш ништо со неговите фирми.

Frank Sieren *PROVISORISCH*
Франк СиренФотографија: picture-alliance/dpa/M. Tirl

Претседателскиот кандидат дозна дека е популарен во Азија и оттогаш „вози во две насоки“. Од една страна, Кина е зла економска сила. Од друга, тука се богатите Кинези кои ги полнат американските каси. Најголемата кинеска банка изнајми еден од неговите облакодери на Менхетен. Неговиот ланец хотели „Трамп хотел конекшан“ во јужна Азија е посебно омилен меѓу кинеските гости. Трамп некогаш заборава кој во добар дел ги финансира неговите фирми, па тогаш „ја спушта малку топката“. Но, како да е сеедно што тој зборува, бидејќи тоа е така кај харизматичните лидери, и тоа ги прави малку опасни. Поради фасцинираност, неговите следбеници често забораваат на последиците во реалноста. А каде тоа може да одведе- се гледа во моментов во Турција, со примерот на Реџеп Таип Ердоган.

Полесно со Трамп отколку со Клинтон

Кинеските инвеститори очигледно го потценуваат ризикот. Само во изминатите 6 месеци, тие инвестираа 29 милијарди долари во американската економија и така за само половина година вложија повеќе отколку во цела 2014. година, која беше рекордна со 18 милијарди долари. И кинеската влада сѐ поретко укажува на тоа дека Трамп е опасен. Пекинг веќе се подготвува за секој случај. Пред неколку месеци, министерот за финансии Лу Џивел рече дека Трамп е „ирационален и неразумен“. Пекинг се надева оти со бизнисменот Трамп полесно ќе се разбере отколку со Хилари Клинтон, која ја сметаат за идеолог на надворешната политика. И оти, ако САД бидат за некој компромис, до него полесно ќе дојдат со Трамп отколку со Клинтон.

Колумнистот на ДВ Франк Сирен живее во Пекинг веќе 20 години.