1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Конфликти

Кина повикува на дијалог со Северна Кореја

СН/ агенции
24 мај 2017

Како треба светските сили да реагираат на постојаните ракетни тестови на Северна Кореја? Вашингтон се определи за санкции и закани. Пекинг, единствениот сојузник на изолираната земја, следи друга стратегија.

https://p.dw.com/p/2dUo7
Chinesischer Botschafter bei den Vereinten Nationen Liu Jieyi
Фотографија: Picture alliance/AP Photo/S. Wenig

Кинескиот амбасадор во ОН, Лиу Џиеји (насловна фотографија), синоќа (23.05.2017) во Њујорк истакна дека повеќекратните нуклеарни и ракетни проби на Северна Кореја укажуваат на „многу силна“ потреба за нови разговори со Пјонгјанг заради намалување на тензиите и постигнување на денуклеаризација на Корејскиот Полуостров. Лиу рече оти до секој напредок во отстранување на атомското оружје од Корејскиот Полуостров е дојдено по пат на дијалог со Северна Кореја и дека „нема причина да не се води дијалог и во сегашната ситуација“. Тој тоа го изјави пред новинарите по итните консултации во Советот за безбедност на ОН по повод најновиот ракетен тест на Северна Кореја, изведен во неделата.

Nordkorea Mittelstreckenrakete Pukguksong-2
Фотографија: Reuters/KCNA

Додека САД, Велика Британија и Франција бараа нова резолуција на ОН која би вовела уште потешки санкции против режимот во Пјонгјанг, Лиу рече дека Кина сака прво во целост да бидат применети шесте претходни резолуции за санкциите против  Северна Кореја. „Дипломатијата мора да има приоритет а не воведување на натамошни санкции“, истакна амбасадорот во ОН на Кина, која инаку е единствениот сојузник на изолираната комунистичка земја.

Американската амбасадорка во ОН, Ники Хели отфрли можност за дијалог со Северна Кореја сѐ додека раководството во Пјонгјанг спроведува ракетни тестови.