1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Кина се соочува со ерата на Мао

1 јули 2011

Токму годинава кога Комунистичката партија слави 90 години постоење во Кина се распламте расправа за историската улога на Мао Цетунг. Експертите сметаат дека зад тоа се крие внатрешна кавга за иднината на партијата.

https://p.dw.com/p/11nJV
Полицаец пред големата портрет-фотографија на Мао ЦетунгФотографија: picture-alliance / Newscom

Во срцето на Пекинг и натаму виси сликата на Мао Цетунг. Неговиот лик се’ уште ги краси и банкнотите на кинескиот јуан. Оваа огромна и моќна земја досега вистински се немаше соочено со ерата на Мао. Но, изгледа дека тоа се менува.

Пред 30 години тогашниот претседател на Комунистичката партија на Кина, Денг Сјао Пинг, значењето на својот претходник Мао Цетунг го означи со следнава едноставна реченица: „70 насто од она што го направи Мао е добро, а 30 насто е лошо“. Оваа официјална проценка важи и денес. Меѓутоа токму сега на 90 годишнината од постоењето на Комунистичката партија на Кина, двајца кинески публицисти ја доведоа во прашање позитивната слика за Мао Цетунг и со тоа предизвикаа јавна дебата.

Symbolbild China Chinesische Währung Renminbi Yuan
Ликот на Мао на кинеските банкнотиФотографија: AP

Раскринкување на митот за Мао

Економистот Мао Јуши во есејот под наслов „Од Мао повторно да се направи човек“ го обвинува Мао Цетунг за повеќе од 30 милиони мртви за време на т.н „Голем скок напред“ и „Културната револуција“. Јуши се повикува на книгата „Пад на црвеното сонце“ од поранешниот припадник на кинеската армија Син Цилинг.

„Големиот скок напред“ беше катастрофален економски експеримент, кој на крајот од 50-те години на минатиот век доведе до голем глад во Кина, а од чии последици умреа милиони луѓе. Со цел да остане на власт Мао Цетунг во 1966 година ја иницираше т.н „Културна револуција“. Земјата потона во хаос, сличен на граѓанска војна.

Двајцата автори Јуши и Цилинг прекинуваат со политичката идеологија стара повеќе децении, вели социологот, Динг Сие Лијанг од универзитетот во Хонгконг. „Двата текста се всушност критички настроени. Човек мора да им се воодушевува на храброста и на чувството на одговорност на двајцата автори.“

Тоа дека Мао Цетунг сноси одговорност за смртта на милиони луѓе не е ништо ново. Меѓутоа, ново е тоа што во Кина остро се критикува „Големиот претседател“. Една група приврзеници на Мао и високи претставници на партијата, како и некои членови на семејството на Мао објавија отворено обвинување против двајцата автори. На интернет страницата на Маовите приврзеници под наслов „Утопија“ се повикува на потпишување на тоа отворено обвинување.

China Jahrestag Tiananmen Platz in Peking Polizist
Фотографија портрет на Мао на плоштадот Тјенанмен во ПекингФотографија: AP

„Новата левица“ контра „Либералите“

Гу Севу е политиколог на Универзитетот во Бон и смета дека во Кина всушност се случува расправа за иднината на Комунистичката партија меѓу крилата на приврзеници на Мао, т.н. „Нова левица“ и „Либералите“.

„’Либералите’ би сакале нова Кина, која би го превзела и политичкиот систем од Западот, за земјата да се развие во демократско општество. ’Новата левица’ го отфла тоа. Ним не им се допаѓа тоа што Кина се развива со толку крупни чекори според методите на капитализмот.“

Оваа внатрепартиска расправа никогаш не била толку жестока како сега. Причината за тоа е претстојната промена на врвот на партијата наредната година. Амбициозните политичари уште од сега бараат за себе поволни позиции. Како ќе се заврши тоа и кој ќе испадне победник во оваа кавга за сега е целосно неизвесно. Гу Севу смета дека „Новата левица“ има тесно мнозинство, но оти сепак постои и голем блок умерени сили. Севу вели дека не треба да се очекува радикално поместување на лево или на десно.

Автор: Кристоф Рикинг/ Симе Недевски

Редактор: Александра Трајковска