1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Кинезите доаѓаат преку Арктичкото Море

Му Чуи / Александар Методијев9 септември 2013

Климатските промени носат штета на економијата. Но, топењето на мразот на Северниот пол овозможи отворање на еден нов, пократок трговски пат од Азија кон Европа. Но, дали овој пократок пат е без ризици?

https://p.dw.com/p/19e3G
Фотографија: picture-alliance/dpa

Кога еден брод патува од Кина кон Европа, вообичаено капетанот ја одбира рутата преку Индискиот Океан и преку Суецкиот канал. Од пред век и помовина тоа е најкраткиот пат преку море. На модерните товарни бродови им се потребни шест до седум недели да го минат овој пат.

„Нашиот брод патува низ Беринговиот теснец. Сега сме одблизу пред Норвешка“, вели Чаи Меијианг од државната превозна компанија КОСКО. Товарниот брод „Јунгшенг“, кој носи околу 20.000 тони железни продукти, почна да плови на 15 август од Таичанг, трговски град во близина на Шангај. Неговото пристигнување на пристаништето во Ротердам се очекува утре (10.09.2013). Патувањето вкупно трае речиси четири недели.

Заштедени 12 дена

Рутата преку Арктичкото Море е за 12 дена пократка отколку традиционалниот пат преку Суецкиот канал. Благодарение на климатските промени, во лето т.н. Северноисточниот премин е прооден околу четири месеци. Низ него за првпат два брода поминаа во 2009 година. Во минатата година 46 бродови поминаа низ новиот воден пат. Кина сега го испрати својот прв комерцијален брод низ овој вообичаено непрооден морски пат. Пловењето го организираше менаџерот Чаи Меијианг.

„Транспортниот пат е значително пократок, а за трговските бродови тоа е значајна предност. Исто така, се намалува и потрошувачката на горива“, вели тој во разговорот за Дојче веле. Менаџерот додава дека традиционалните рути се небезбедни. Меѓу Индонезија и Малезија постојат пирати, како и што има и пред брегот на Сомалија. А, и состојбата во Египет во моментов го прави Суецкиот канал исто така небезбеден. Севкупната бранша има огромни проблеми и со се’ поголемите цени на нафтата, па затоа од пократките патишта транспортните бродски компании секако дека ќе профитираат, објаснува Меијианг. И не само тие, туку намалување на трошоците можат да направат и трговците. Дополнително на тоа и термините за испорака на стоката ќе бидат многу попредвидливи.

„Вака подобро ќе се планира“, вели експертот за трговија Филип Кох, кој работи во Индустриската и трговска комора во Хамбург. Тој за Дојче веле објаснува дека „ова може да даде нови импулси во трговијата“.

Infografik Nord-West-Passage für chinesische Frachter
Графички приказ на двете рути по кои се движат товарните бродови од Азија. Старата рута, преку Суецкиот канал, на графичкиот приказ е означена со црвена боја, а на неа се означени и опасните точки на кои има напади од пирати. Патот по таа рута трае 40 дена и на неа може да се плови во текот на целата година. Рутата преку Арктичкото Море, пак, е означена со зелена боја. Пловењето на оваа рута трае 28 дена и на неа бродовите можат да минуваат во периодот од јули до ноември.

Високи ризици во Арктичкото Море

А, поларниот мраз и натаму се топи. Годинава руските власти одобрија минување на 400 бродови покрај својот Северен брег, а оваа тенденција расте и натаму. Научниците како американскиот метеоролог Марк Серезе сметаат дека во летото 2030 година би можело целото Арктичко Море да биде без мраз, ако температурите и натаму вака драстично растат.

Но, новата рута не е без ризици. Иако во текот на летото по неа може да се плови, сепак бројни ледени санти се опасност за бродовите. Ако некој товарен брод го одбира патот низ Северниот пол, тогаш мора на него да има руски навигатор. Понекогаш дури бродот е придружуван и од руски атомски кршач на мраз - за секој случај. А, тоа ги зголемува транспортните трошоци и ја релативизира предноста во однос на традиционалниот трговски пат.

Индустријата е запознаена со овој ризик. Многу товарни бродови и натаму со задоволство го обираат традиционалниот пат на југ. Годишно околу 20.000 бродови минуваат низ Суецкиот канал.

Ризиците не се само во економската област, туку и во делот на животната средина. Експертот од Гринпис Јерг Федерн за Дојче веле објаснува дека Северниот пол, спротивно на Јужниот пол, и натаму не е меѓународно заштитена природна област. Затоа многу вродови со тешка нафта патуваат таму, а нивните издувни гасови тешко ја оштетуваат природата. Исто така опасност постои и ако некој број доживее хаварија поради судар со санта мраз, по што би можела да се служи еколошка катастрофа во Арктикот.

Во моментов Меѓународната поморска организација подготвува т.н. „Поларен законик“, со кој треба да се регулира транспортот преку Северниот пол. Но, обој закон најрано би можел да стапи на сила во 2014 година, а дотогаш уште стотици други бродови ќе минат низ Арктичкото Море.