1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Кинезите ја шпионираат војската на САД?

ЖА/дв/дпа/миа7 мај 2013

Обвинувањето за постојани хакерски напади не е ново, но сега САД тврдат - Кинезите го шпионираат серверот на владата. Наводно, се работи за информации околу надворешната политика и вооружувањето.

https://p.dw.com/p/18TH2
Фотографија: LEE JIN-MAN/AFP/Getty Images

Кина води широка кампања на компјутерска шпионажа, за да се обиде да собере разузнавачки податоци за одбранбените програми на американската влада, соопшти Пентагон. Кина ги користи можностите на својата компјутерска мрежа за да собира разузнавачки информации за секторите, што ги поддржуваат програмите за национална одбрана на САД, како и дипломатската, економската и индустриската сфера, се наведува во извештајот, поднесен во Конгресот.

Кинески хакери во текот на 2012 година правеле обиди да пробијат серија компјутерски мрежи низ целиот свет, вклучувајќи ја и мрежата на американската влада. Некои од овие напади се директно извршени од кинеските војници и од владата, се наведува во извештајот.

Владата на претседателот Барак Обама веќе побара од кинеските власти да прекинат хакерските напади, но досега таа Кина ја обвинуваше за компјутерска шпионажа главно во мрежите на приватните фирми.

Според извештајот на Пентагон, кинеските војници сакаат да добијат информации во компјутерските мрежи во САД во секторите на одбраната, логистиката и воените можности, како и да дознаат какви се позициите на американските лидери за прашањата поврзани со Кина.