1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

050811 Suntech Bundesliga Sponsor

9 август 2011

За првпат во новото првенство на фудбалската Бундеслига една кинеска фирма е главен спонзор на еден германски прволигаш: „Сантек“ се рекламира на дресот на Хофенхајм.

https://p.dw.com/p/12DKb
„Сантек“ на дресовите на фудбалерите од ХофенхајмФотографија: dapd

Прва кинеска фирма која со спонзорство се ангажира во Будеслигата беше „Јингли солар“, во минатата сезона партнер на Баерн, но не со реклама на дресот на играчите. Шефот на фирмата, фанатичен навивач на Баерн, мора да е посебно лут што во Бундеслигата го претекна токму најлутиот кинески конкурент „Сантек“, водечка фирма во светот во соларната област.

Историја како од бајка

Историјата на „Сантек“ е како од бајка: Ши Женгронг, син на сиромашен селанец, стигна до физичар, ласерски стручњак, кој во Австралија стана и доктор по електротехника. Таму истражувал со водечките експерти за соларна техника, што им паднало в очи и во неговата татковина. Така, пред шест години Ши Женгронг ја прифати понудата од родниот град Вуши, вредна шест милиони долари. Задачата на тогаш 37-годишниот Ши била да основа соларна фабрика. Денес „Сантек“ е водечка фирма во светот.

1899 Hoffenheim Sponsor Suntech Flash-Galerie
Фотографија: dapd

„Конкуренцијата насекаде уништувачки ја поразивме. Поради тоа тие се жалат за наводен дампинг. Им проповедам на моите кинески колеги да не ги намалуваат премногу цените. ’Мејд ин Чајна‘ треба да се интернационализира. Кога ние градиме фабрики во Америка и Европа, таму создаваме нови работни места и ги замолчуваме нашите критичари“, вели Ши.

Импресивна продукција

„Сантек“ во моментов има пет фабрики во Кина, една во САД и филијали во 13 земји. Подемот на фирмата го овозможи стартната помош од американската инвестициона банка „Голдман Сакс“ и од зимата 2005 е нотирана на њујоршката берза. Но, главното седиште и натаму и’ се наоѓа во Вуши кај Шангај, во впечатлива, постмодерна стаклена палата - се разбира со погон на сончева енергија. Ренате Кинаст, шеф на фракцијата на германските Зелени во Бундестагот, минатата година по обиколката на фабриката, изјави:

„Продукцијата на„Сантек“ е импресивна. Важно е дека таа е можна само оти има вистинска кооперација со истражувањата, со научниците. Ова овде да се изгради помогна, така да се каже, и австралиското знаење. Мислам дека, ако постои разлика, тогаш таа е дека овде има малку повеќе роботи, малку повеќе технологија и поевтини работни места“.

Тоа, пак, води до таму, кинеските соларни модули да се за една третина поевтини од германските, при веројатно сличен квалитет. Во јуни „Сименс“ склучи договор со „Сантек“ за големи кинески испораки. Станува збор за повеќе стотици мегавати, изјави Ши Женгронг за „Ханделсблат“. Германија е важна за фирмата, вели Ву Хонгјан, портпарол на „Сантек“.

„На европскиот пазар одат 75 проценти од нашиот извоз, а Германија ни е број еден. Ние, пак, од Германија увезуваме машини и суровини - само таму го има полисиликонот и специјалните хемиски продукти, кои ни се потребни. Таа земја има веќе развиен пазар за соларна енергија“.

China Solarenergie
Соларната енергија ја освојува и КинаФотографија: AP

Амбициозни цели на фирмата

„Сантек“ е една од малкуте кинески фирми, кои имаат веб-страница на германски јазик. Целна група се германски крајни потрошувачи, сопственици на куќи. Во тоа се вклопува сега играчите на Хофенхајм да го носат на дресот црвено-белото лого на „Сантек“. Основачот на фирмата Ши Женгронг годишно издвојува 50 милиони долари за истражувања и развој. Инженерот е уверен дека така ќе може за две години да ги преполови трошоците за добивање соларна струја.

„Цената на соларната енергија не може да се носи со цената на енергијата добиена од јаглен. Тоа не‘ попречува. Нашиот домашен пазар се развива побавно од европскиот. Но, само е прашање на време кога Кина од производител ќе стане потрошувач“, вели портпаролката на „Сантек“.

Во Кина уште се прават многу соларни модули, но премалку од нив се приклучени на електричната мрежа.

Автор: Астрид Фрајајзен/ Зоран Јордановски

Редактор: Жана Ацеска