1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Кипар помага за добивање датум за преговори

Костадин Делимитов27 ноември 2012

Престојот на кипарската министерка за надворешни работи во Скопје, според експертите покажува дека Кипар е сериозно заинтересиран за процесот, а Македонија може да очекува да добие датум за преговори

https://p.dw.com/p/16qKe
Фотографија: picture-alliance/dpa

Посетата на кипарската министерка за надворешни работи Ерато Козаку Маркулис на Македонија како претставник на земјата претседавач со ЕУ е позитивна и може да даде позитивен импулс во пристапниот процес, сметаат експертите. И покрај фактот што посетата на Скопје заврши без јасни и конкретни изјави за иднината на преговарачкиот процес, самиот факт што претставник на Кипар воопшто и престојувал во Скопје е позитивен сигнал, коментира за Дојче Веле, Малинка Ристевска Јорданова, директор на Институтот за европска политика. Дотолку повеќе што двете земји се` уште немаат воспоставено дипломатски односи:

„Мислам дека значи серизна подготовка за Советот и значи интерес на Кипар сега за ова прашање, имајќи предвид дека Кипар е верен сојузник на Грција. Прашањето е поставено на дневен ред и тие се трудат да го направат тоа на најдобар можен начин, затоа и доаѓаат овде, да бидат потемелно подготвени и сега кога претстои работа на заклучоците да можат да ги земат во предвид сите околности и мислењето на Македонија“, вели Јорданова.

Непознат условот

За неа е нормално во оваа фаза да отсуствуваат бомбастични изјави, а сега главна дилема е каков модел ќе се употреби, односно каков услов ќе добие Македонија за почеток на преговорите. Една од опциите според Ристевска Јорданова е и моделот што беше употребен за Црна Гора но се разбира со поинакви услови и формулации специфични за Македонија:

Mazedonien EU Flaggen
Фотографија: AP

„Мислам дека борбата во декември ќе се одвива околу формулацијата на заклучоците, дали ќе биде поканета комисијата да подготви преговарачка рамка и дали ќе се даде некоја јасна натамошна траса што понатаму. Сега се води битката околу тие модалитети, да, но, дали да стои јуни, дали да не стои јуни, на кој начин да биде формулирано прашањето на името. Доколку повторно се префрли топката кај комисијата за подготовка на преговарачка рамка од нејзина страна во која би се вклучило и прашањето на името, тогаш оди уште еден круг на подготовки и испитувања, односно формулирање поконкретно на целата рамка. Сега сите претпоставки се шират околу тоа што е рана фаза. Рана фаза сепак би значело да се почне скринингот, да се даде пас за скринингот, а не да се услови и скринингот“, смета Јорданова.

Министерката за надворешни работи на Кипар, на средбата со нејзиниот македонски колега ја реафирмирала заложбата на кипарското претседателство за динамизирање на процесот на проширување и важноста на добрососедските односи. Министерот Никола Попоски пак смета дека е заеднички интерес Македонија да добие датум за преговори бидејќи земјата е целосно подготвена да премине во следната фаза од пристапниот процес.