1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Кипар се откажа од проектот „златен пасош“

БГ /АФП
13 октомври 2020

Владата во Никозија објави дека го укинува контроверзниот закон за „златни пасоши“ за странски инвеститори откако беа откриени злоупотреби во новинарско истражување на телевизијата Ал Џазира.

https://p.dw.com/p/3jsf8
Russland Zypern Investitionen
Фотографија: Patrick Baz/AFP/Getty Images

Владиниот портпарол Кирјакос Кушос соошти дека владата на итна седница се согласила да го укине проектот по предлог на министрите за финансии и внатрешни работи.
„Предлогот на двајцата министри се базираше на долгорочни слабости, злоупотреби и искористување на одредбите од инвестициската програма“, рече Кушос.
Инвестициската шема која на Кипар му донесе повеќе од 7 милијарди евра ќе биде укината од 1 ноември годинава.

Потегот уследи по едночасовниот документарец на катарската телевизија Ал Џазира во кој репортери се преправаа дека претставуваат кинески бизнисмен кој сака да добие кипарски пасош и покрај тоа што има криминално досие.

„Настапувајќи како претставници на измислена криминална личност, нашите тајни репортери беа водени низ процесот на аплицирање од адвокати, агенти за недвижности, па се до високо рангирани политичари“, соопшти Ал Џазира.

Инволвираните- кипарски пратеник и спикерот на парламентот- тврдат дека не сториле ништо лошо.

Пратеникот Кристакис Јоанис, подоцна поднесе оставка од парламентот и од функцијата во левичарската АКЕЛ партија. Спикерот на парламентот, Деметрис Силурис изјави дека се повлекува од функцијата се додека не заврши полициската истрага.

Портпаролот на Европската комисија Кристијан Виганд рече дека документарецот предизвикал големо внимание.
„Гледавме со неверување како високи функционери тргуваат со европско државјанство за материјална корист“, рече тој.

Кипар започна да нуди државјанство во замена за странски инвестиции во 2007 година, но шемата беше засилена по економската криза на островот во 2013.

ЕУ вршеше притисок да се реформира праксата поради загриженост дека организираниот криминал преку неа се инфилтрира во Унијата.

„Ја поздравувам одлуката на Кипар да ја прекине инвестициската програма од 1 ноември“, твитна еврокомесарот за правда Дидие Рејндерс.

Bank von Zypern
Кипарскиот пасош се добивал во замена за инвестиција од 2,5 милиони евра.Фотографија: picture-alliance/dpa/EPA/K. Kristodoulou

Кипарскиот јавен обвинител Јорго Савидес најави длабока истрага поради „бесот, гневот и загриженоста“ во јавноста по истражувањето на Ал Џазира.

Потегот на Кипар следува откако полицијата во Малта го уапси поранешниот шеф на кабинет на експремиерот Џозеф Мускат, кој исто така е обвинет дека примал мито во замена за услуги при добивање пасоши. Праксата на продажба на пасоши на богати странци на Малта започна во 2014 година, а злоупотребите ги истражуваше и убиената новинарка Дафне Каруана Галиција.

Во август годинава, Ал Џазира објави дека десетина лица кои добиле кипарски златен пасош биле под кривична истрага, меѓународни санкции или служеле затворски казни. Кипарскиот пасош се добивал во замена за инвестиција од 2,5 милиони евра. Кипарските власти сега ги преиспитуваат сите 4,000 лица кои добиле пасош.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема

Покажи повеќе написи