1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Катастрофи

Киргистан: Падот на авионот по грешка на пилотот?

СН/ агенции
16 јануари 2017

Киргистанските власти ја разгледуваат можноста причина за уривањето на турскиот товарен авион врз населено место близу аеродромот во Бишкек да е грешка на пилотот.

https://p.dw.com/p/2Vqu8
Kirgistan Flugzeugabsturz
Фотографија: picture-alliance/Zumapress

Најмалку 37 лица загинаа во падот на товарниот авион на турска компанија во населено подрачје во близината на главниот град на Киргистан, Бишкек, гласат последните информации од Министерството за вонредни ситуации на Киргистан.

Поголемиот број од настраданите, меѓу кои 6 деца, се жители на селото каде што се урнал авионот при обидот за слетување во густа магла. Управата на аеродромот соопшти дека авионот требало да слета на аеродромот во Манас, во близина на Бишкек, на летот од Хонг Конг до Истанбул.

При обидот за слетување во услови на слаба видливост авионот се урнал во 7 часот и 31 минута по локално време (2 часот и 31 минута по средноевропско време), кога поголемиот број од населението спиело. При падот на авионот се оштетени најмалку 15 куќи во селото.

Авион се урна во населено место

Киргистанската влада соопшти дека грешка на пилотот е можна причина за несреќата на турскиот товарен авион од типот Боинг 747-400.

„Владата ја разгледува можноста, причина за уривањето да е грешка на пилотот, но сѐ уште е премногу рано да се донесе заклучок“, се вели во изјавата на заменикот премиер на Киргистан, Мукхаметкали Абулгазуев, пренесена од државната новинска агенција Кабар.

Турската компанија АЦТ Ерлајнс потврди дека еден од нејзините авиони доживеал несреќа, за време на летот од Хонг Конг до Бишкек.

„Причината за несреќата во моментов не е позната и повеќе детали ќе бидат соопштени откако ќе бидат достапни“, изјавија од компанијата со седиште во Турција. Операцијата за спасување во која учествуваат над 1.000 припадници на полицијата, службите за итна помош и војската и натаму е во тек, изјавија официјални лица. Спред нив, бројот на жртви би можел и натаму да расте.