1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Киргистан пред граѓанска војна

12 јуни 2010

Во Киргистан денеска владее напната состојба, власта побара воена помош од Русија по безредијата меѓу мнозинските Киргизи и узбекистанското малцинство, ситуацијата според висок претставник на власта е надвор од контрола.

https://p.dw.com/p/Np7C
Фотографија: AP
Бројот на загинати во крвавите немири во централноазиската Република Киргистан денеска се зголеми на најмалку 60. Седуммина повредени ноќеска подлегнаа на повредите, изјави портпарол на здравствените власти во главниот град Бишкек. Во сузбивањето на безредијата во градот Ош биле вклучени војската и полицијата. Повеќе од 700 луѓе се ранети, а во делови од градот населени со Узбеци и натаму горат куќи.

Во градот Ош, во јужниот дел на Киргистан, стотици млади лица вчера дивееја по улиците, кршејќи излози, ограбувајќи продавници и палејќи возила. Поради немирите, во Ош, кој е втор по големина киргистански град, е прогласена вонредна состојба и е воведен полициски час.

„Привремената влада во Киргистан на чело со Роза Отунбајева, прогласи вонредна состојба во Ош и три околни области, по вонредната седница во раните утрински часови“, изјави протпаролот на киргистанската Влада, Фарид Нијазов.

Karte Kirgisistan mit Bischkek und Osch ENGLISCH
Фотографија: DW

Од Бишкек во Ош се испратени дополнителни медицински екипи и опрема и лекови.

Немири во упориштето на Бакијев

Јужен Киргистан претставуваше упориште на поранешниот претседател Курманбек Бакијев, кој беше сменет по априлските немири во оваа централноазиска земја.

Нијазов додаде дека во насилства на улиците на Ош, кои започнаа со меѓусебни судири на повеќе млади луѓе, учествувале меѓу 1.000 и 3.000 лица.

„Масата се разбегала по интервенција на војската со оклопни возила“, изјави Нијазов, додавајќи дека вонредната состојба и полицискиот час ќе останат на сила до 20 јуни.

Unruhen in Kirgistan
Фотографија: AP

Според локалните медиуми, во нередите биле запалени зградата на Узбекистанскиот драмски театар, регионалната филхармонија и телевизија, еден хотелот, печатница, трговски центар, како и повеќе кафулиња.

Некои членови на привремената влада сметаат дека нередите се последица на етнички конфликт во градот, во кој живеат Узбекистанци и Киргистанци, но и дека се претходно планирани.

Лидерите на Русија и на Кина побраа итно смирување на ситуацијата во Киргистан, каде Русија и САД имаат воени бази.

Автор: ЖА/БГ/дпа/ртре/миа

Редактор: Борис Георгиевски