1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

„Кире Лазаров треба да се врати“

4 јуни 2010

Металург го понесе пахрот во македонскиот ракомет. Ова е трета титула за составот од Автокоманда, предводен од Лино Червар. Славниот тренерски маг за Дојче веле оценува - ракометот одговара на македонскиот темперамент.

https://p.dw.com/p/Nhlc
Фотографија: DW/Kalinski

„Првото што можам да го кажам е дека сме сите задоволни. Најважно е дека ја вративме титулата во Автокоманда. Освоивме двојна круна - и во првенството и во Купот, значи се‘ што можеше да се освои. Кога дојдов во Скопје, благодарение на господинот Јорданов, а немав намера да доаѓам во Македонија, на почетокот не мислев дека ќе биде така. Но, го победивме големиот конкурент Вардар, кого многу го почитувам и кој е попознат клуб, со многу подолга традиција. Во вакви околности да се биде прв, е убаво“, вели Лино Червар.

Металург беше дел и од европскиот клупски ракомет.

„Мислам дека и со настапот во Европа, иако не направивме многу, можеме да бидеме задоволни. Испаднавме во ¼ финале од францускиот претставник Трембле. Инаку, Франција е олимписки, светски и европски првак. Трембле е финалист во Купот на Франција. Мислам дека и настапот во Европа може позитивно да се оцени.“

За своите планови, Лино Червар вели дека се врзани за Металург. Славниот тренер и натаму е гладен за успеси:

„Останувам во Металург. Сакам да победувам, гладен сум за успеси и натаму и покрај сите резултати кои ги имам досега. Со двојната круна со Металург сега имам вкупно 16 титули, во последните 10 години, не сметајќи ги оние со репрезентацијата. Утре е нов ден, ново докажување и можност одново да бидеме најдобри во Македонија.“

И Европа, Лигата на шампионите се новиот предизвик! Нормално е дека Металург мисли и на играчки засилувања, а дали првото име на македонскиот ракомет, Кире Лазаров е во комбинација? Червар не крие дека Лазаров е негова голема желба:

„Одлуката е во рацете на Кире. Но, ако некој ме праша, тој е моја желба. И за самиот Лазаров е добро да се врати во македонскиот ракомет од две причини: Кире е одличен играч и одличен човек. Таквите спортисти како што е Кире се најдобрите примери, најголемите идоли за младите и би сакал тој да дојде во Металург, затоа што е сега вистинскиот момент.“

Како гледа на ракометот во Македонија, што би направил кога би бил во позиција да решава? Червар одговара:

„Мислам дека ракометот е македонски спорт, кој идеално одговара на темпераментот на македонскиот народ. Но,мора да се подигне рамништето на клупскиот ракомет, да не биде центарот само Скопје, туку да се направи поместување и во другите градови - во Битола, Прилеп, Кавадарци, Струга и во сите други места. На пример, Пелистер има долга традиција. Би било штета да не се врати дел од таа традиција, бидејќи ракометот најдобро се развива онаму кадешто постои традицијата.“

Хрватската репрезентација е во срцето на Лино Червар. Тој е се‘ уште актуелен селектор на ракометната велесила. Но, дали ќе остане?

„Знам дека интересот е голем и во Хрватска и во Македонија, што Лино ќе работи, дали ќе биде само клупски тренер, дали Лино ќе продолжи со хрватската репрезентација, со која оствари најголеми успеси во историјата на хрватскиот спорт?Знаете, животот ве влече напред, морате да имате нови мотиви. Ме влече потребата за докажување, ме турка напред. Многу размислувам, го чекам моментот кога дефинитивно ќе решам. Со хрватскиот сојуз имам договор до крајот на јули и дотогаш ќе се решам кое ќе биде моето утре.“

Како Лино Червар гледа на светскиот ракомет, дали тој од ден на ден станува се‘ попривлечен спорт?

„Мислам дека светскиот ракомет оди со голема брзина напред, особено по прашањето на динамичноста, интензитетот на играта, кои многу ја надминуваат кошарката. А некогаш беше обратно. Некогаш кошарката беше многу брзиот спорт. Во последните 10 години ракометот ја надмина кошарката и тоа е сега атомски спорт со изразито брзи контри, така што неговата атрактивност направи дури и Америка да се запали за него, да го воведе во колеџите и на универзитетите. Што се однесува до слабостите, ракометот и ватерполото се најконзервативните спортови, од аспект на правилата. Се‘ е во рацете на слободното судиско уверување. Мислам дека е крајно време, ако се сака да се оди напред, да се сменат неколку клучни правила од ракометната игра, кои ќе му бидат јасни на секој гледач, а нема да зависат од слободното судиско уверување.“

Автор: Златко Калински

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска