1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Кисинџер го означи часот на реалполитиката

10 јуни 2022

По првичното единство на НАТО и ЕУ, кое почнува да се разводнува и сѐ почестите и контрадикторни американски изјави околу војната во Украина, реалполитиката почнува да надвладува над емоциите. Пишува Ивор Мицковски

https://p.dw.com/p/4CVVD
Symbolbild Beziehungen USA Russland Ukraine EU
Фотографија: picture-alliance/chromorange

Изминатите недели експлодираше полемиката околу Хенри Кисинџер, деканот на американските државници, кој британските медиуми го пренесоа со наслови од типот - Хенри Кисинџер: „Украина мора да ѝ даде територии на Русија“.

Потоа следуваше украинскиот револт кон Макрон и неговата порака дека „Западот не смее да ја понижи Русија“. Конечно, минатиот вторник, по речиси 6 месеци апсолутен молк, поранешната канцеларка Меркел повторно се појави во јавноста за да го одбрани својот 16-годишен мандат во односите со Москва и да порача дека „мора да се пронајде модус вивенди со Русија“.

Која е пораката која ни ја испраќаат овие три моќни политички фигури, почнувајќи од вечниот и ненадминлив екс државен секретар Кисинџер, преку актуелниот француски претседател Макрон, кој има аспирации да стане лидер на ЕУ, до излезената од пензија Меркел? Почнувајќи од докторот за меѓународна политика и тројцата ни кажуваат дека чукна часот на реалполитиката.

Што се однесува конкретно до Кисинџер, реакцијата на Зеленски беше особено жестока, кога во обраќање до нацијата го обвини 99-годишниот баварец, дека „излегол од далечното минато кога рекол дека Русија треба да добие дел од Украина“ и дека не се наоѓа во 2022, туку во 1938 година во Минхен - притоа јасна е споредбата помеѓу Путин и Хитлер, Кисинџер и Чембрлен.

Ivor Mickovski
Ивор МицковскиФотографија: Privat

Што навистина рече Кисинџер?

Проблемот е што поранешниот државен секретар на Ричард Никсон воопшто не го изјави тоа за што е обвинет. Говорејќи во Давос, Кисинџер ја објасни својата позиција околу Украина која во суштина е истата од 2014-та и која може вака да ја сублимираме: пред 8 години предложив од Украина да се направи неутрален мост помеѓу Западот и Москва, тоа денес веќе не е можно, но не треба да ја преминеме линијата од војна за одбрана на Украина, во војна против Москва. Не само поради фактот што Русија секогаш имала улога во европската рамнотежа, туку и со цел да не направи трајно сојузништво со Кина. Во рок од два месеца е можно да се дојде до преговори, во кои Украинците треба да се покажат подеднакво мудри, како што докажаа храбри на бојното поле. Идеално, линијата на поделба би требало да се врати на „status quo ante“.

Тука не е најјасно дали Кисинџер мисли дека Русите треба да се вратат на границите од пред 24-ти февруари или пак на тие од пред 2014-та година? Во секој случај, Владата од Киев никогаш не негираше дека може да го одложи враќањето на Крим и Донбас за во некоја од преговорачките фази. Како и да е, резонот на Кисинџер е доволно јасен, што нема потреба да му се ставаат зборови во уста кои никогаш ги нема изговорено.

Колку да се ослабне Москва?

Кисинџер во суштина ѝ се обраќа на администрацијата на Бајден, на која ѝ порачува: престанете да сугерирате промена на режимот и да зборувате за трајна изолација на Русија. И Зеленски се обраќа до американската Влада, барајќи да продолжи со поддршка на војната, но се обраќа и до домашната јавност со цел да не попушти и да не потклекне, особено на воен план, пред руските притисоци.

Ваквите спротивставени мислења ни кажуваат дека и во рамки на администрацијата на Бајден сѐ уште се дискутира до каде да се оди со притисокот врз Москва, дали да ѝ се нанесе стратешки пораз или пак состојбите на терен ќе дозволат примирје. Вашингтон се бори со вечната дилема - до каде да се ослабне Москва пред да се седне да се разговара со неа.

Schweiz Henry Kissinger WEF Davos 2017
Позицијата на Кисинџер е истата онаа која ја примора моќната Америка да ја прекине војната во ВиетнамФотографија: Fabrice Coffrini/AFP/Getty Images

Кисинџер во таа насока нѐ потсетува дека реалните состојби се поважни од кој и да било проект, бил да е тој агресивен или херојски. Тој не се занимава со карање на Украинците, кои даваат отпор или со толерирање на Русите, кои настојуваат. Неговата позиција е истата онаа која ја примора моќната Америка да ја прекине војната во Виетнам. Не е важно дали една политичка визија (руската) е точна или погрешна, дали еден отпор (украинскиот) е херојски спроведен. Тоа што е важно е да се прекине, да се престане со конфликтот, затоа што двете земји во судир се осудени и во иднина да живеат една покрај друга и да бидат ситуирани во срцето на Европа. Таква е реалполитиката на Кисинџер која отсекогаш го водела во политички резони и одлуки.

Неумесноста на Макрон

Што се однесува до пораката на Макрон да не се понижува Русија, мислам дека Макрон прави огромна грешка. Се разбира, никој не повикува на реваншизам, и кога евентуално Киев и Москва ќе седнат на преговорачка маса, не треба да се повтори грешката како со Договорот од Версај. Русија не треба да биде третирана како Германија после Првата светска војна. Таа лекција треба да е научена и никој не треба да биде понижен и погазен до степен да бара воен реванш. Но, тоа се работи кои ќе се кажат и за кои ќе се води сметка кога страните ќе бидат седнати на маса за преговори. Да се каже тоа сега, додека Русија уништува еден народ и една држава, мислам дека е неумесно и безобѕирно.

Русија во овој момент и повеќе од 100 дена се понижува самата себеси, ширејќи смрт и уништување низ Украина, бомбардирајќи училишта и убивајќи недолжни цивили. Во случајот на Макрон и на Франција, реалполитиката на Елисејската палата во овој случај е многу лошо темпирана и кажува дека Париз и Москва и натаму одржуваат преблиски врски и тоа на штета на остатокот од Европа, особено онаа која сѐ уште е надвор од ЕУ, благодарение и на отворениот или тајниот опструкционизам на Франција.

Frankreich | Abschluss der Konferenz zur Zukunft Europas in Straßburg
Реалполитиката на Макрон и Елисејската палата е лошо темпирана?Фотографија: Ludovic Marin/REUTERS

Интервенцијата на Меркел

Интервенцијата на Меркел е нешто малку поинаква. Поранешната канцеларка му се обраќа и на минатото и на сегашноста, и на својата совест и на бројните обвинувања дека нејзината политика кон Русија беше премногу блага. Меркел во тој поглед не гледа грешки, иако призна дека кон рускиот престедател, Владимир Путин, можело да се постапува поостро во 2014 година, по руската анексија на Крим. Но, не може да се каже дека тогаш ништо не се сторило, нагласи таа, мислејќи на исклучувањето на Русија од Г8. Тогаш и НАТО одлучи дека секоја членка за одбрана треба да троши два отсто од својот брутодомашен производ. Меркел, исто така, го бранеше спротивставувањето во 2008 година, кога на маса беше вклучувањето на Украина и на Грузија, за ширење на НАТО на исток, објаснувајќи дека тоа би наликувало на „објава на војна“ против Москва.

Меркел ја искористи пригодата да зборува во име на една Германија која се наоѓа во мошне тежок момент, длабоко поделена внатрешно околу позицијата кон Москва, како и силно притисната од воинствената антируска авангарда во рамките на НАТО и ЕУ. Оттука, нејзиното враќање на сцената треба да се интерпретира како обид да се поврати еден вид на јасна политичка ориентација (особено во наративот) на Германија, која би била кохерентна и во линија со германските стратешки интереси.

- повеќе од авторот: НАТО, имаме проблем!

Кога Меркел ќе каже дека: „Ако не функционираше дипломатијата, тоа не значи дека била погрешна“, всушност ни потврдува дека исклучувањето на Русија од градењето на идниот европски безбедносен поредок е невозможно. На тој начин Меркел речиси спонтано ја изедначува германската позиција со онаа Макрон и Кисинџер, кои пак немаат намера да се потчинат на воинствените позиции на Полјаците, Балтичките држави, па донекаде и Американците. Со тоа Меркел само ги потврдува речиси дијаметрално спротивставените позиции и перцепции за Русија кои владеат во Берлин и во Вашингтон, дури и по инвазијата на Украина.

DW Sergey Elkin Karikatur l Putin telefoniert mit Scholz und Macron
Карикатура на Сергеј ЕлкинФотографија: Sergey Elkin/DW

Сепак, Меркел ќе каже дека военото одвраќање е единствениот јазик што Путин го разбира. Можеби и затоа единственото каење и се однесува на состојбата во германскиот Бундесвер, кој конфликтот во Украина го дочека комплетно неспремен. Затоа ѝ е драго што германската армија - Бундесверот сега ќе биде подобро опремена. Целта на ваквата изјава е да се легитимира масовното проширување и зајакнување на германските воени сили, кое канцеларот Шолц го најави на 27 февруари, нешто во што домашната јавност не е премногу убедена. Германските илузии за свет исполнет со мир се завршени, Берлин се враќа на реалполитиката, со цел во иднина да може повторно да ѝ се обраќа на Москва со единствениот јазик што го разбира - оној на силата.

- повеќе од авторот: До кога Турција ќе го уценува НАТО и ќе се ценка со САД?

По 100 дена војна, стабилизирање на конфликтот и немањето перцепција дека набрзо ќе заврши, после првичното единство на НАТО и ЕУ, кое полека почнува да се разводнува, како и после сѐ почестите и контрадикторни американски изјави околу судбината на војната, факт е дека реалполитиката почнува да надвладува над емоциите и храброста.

Ќе биде многу важно кој пат ќе се избере, но како што минува времето, сѐ повеќе делува дека ќе биде оној прагматичниот. Чукна часот на реалполитиката.