1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Закон и правосудство

Зоран Милески-Кичеец излегол од затвор за да се лекува

ДТЗ
6 септември 2021

Ова не е ниту прв ниту последен затвореник кој ги користи овие погодности, вели министерот за правда Бојан Маричиќ.

https://p.dw.com/p/3zyBp
Nord-Mazedonien Prozess "Reket", Gerichtssaal in Skopje
Фотографија: DW/P. Stojanovski

Зоран Милевски-Кичеец, кој е осуден на затворска казна, а викендов беше еден од учесниците во сообраќајката кај Стража, бил пуштен надвор со медицинска документација. Не се знае зошто тој патувал кон Скопје и кои се двајцата негови сопатници од Република Србија. 

Управата за извршување санкции денеска информираше дека му дала  еден месец отсуство на осудениот во „Рекет“, откако лекари специјалисти аргументирале со извештаи дека мора да се лекува од акутен срцев проблем.

Прекинот од 30 дена не му се засметува во вкупната казна затвор. Според Управата, осуденикот доставил и специјалистички извештаи од лекарски прегледи извршени на 06.08.2021 година и на 09.08.2021 година во ЈЗО Завод за превенција, лекување и рехабилитација на кардиоваскуларни заболувања ,,Св.Стефан” во Охрид“. Во специјалистичките извештаи било наведено дека пациентот се јавил на преглед поради чувство на забрзана срцева работа, градна болка, диспнеа и видлива агитираност кои се јавиле по интезивен психички и физички стрес, еден час пред прегледот.

„Секој издржувач на казна затвор по издржувањето на казната има соодветни права. Овде се работи за комплетирана медицинска документација од здравствени причини која му следува секако на секое лице коешто издржува казни за да може да ги користи посебно со овие аргументации коишто се со соодветни потписи на соодветни лекари“, изјави претходно премиерот Зоран Заев. Тој не знае зошто Милевски патувал кон Скопје и зошто со тие луѓе. „Со здравствена документација може да се оди до болница, може се оди во главниот град со какви било причини, но дефинитивно тоа е согласно закон, тоа е право кое што му следува на секој издржувач на казна“, рече Заев. 

Поволности 

Ова не е ниту прв ниту последен затвореник кој ги користи овие погодности врз база на оправдана медицинска документација согласно законот, вели министерот за правда Бојан Маричиќ во врска со прекинот на затворската казна на Зоран Милевски-Кичеец. И Маричиќ потврдува дека врз база на медицинска документација затвореникот добил 30-дневен прекин на издржување на казната со цел да ги заврши тие медицински работи и потоа да се врати на издржување. 

Согласно законот, ваквата поволност се користи со претходно одобрение и на директорот на затворот каде што ја издржува казната и на директорот на Управата за санкции коишто се надлежни и даваат вакви допусти за прекин на издржување на казната. 

-повеќе на темата: Камчев: Во судницата фалат Кичеец, Јанева и  нејзиниот син

Кичеец, кога се случила сообраќајната несреќа, управувал со автомобил „Мерцедес“, а со него биле уште двајца српски државјани кои се тешко повредени. Јавното обвинителство отвори истрага за тоа кој е виновен за несреќата во која загина едно лице. МВР излезе со соопштение за сообраќајката: „Со тешки телесни повреди се здобиле двајца сопатници од возилото 'Мерцедес' и двајцата од Република Србија, сопатникот од товарното моторно возило од Гостивар и возачот, а со телесни повреди се здобиле возачите З.М. и Е.Н. како и сопатникот од возилото 'БМВ'. Извршен бил увид на местото на настанот од увидна екипа од полициската станица Гостивар во присуство на Јавен обвинител“. 

Опозициската ВМРО-ДПМНЕ реагираше дека фактот што е на слобода Зоран Милевски-Кичеец кој учествувал во сообраќајната несреќа, власта го правда со контрадикторни изјави. „Еднаш велат дека тој е на слобода поради здравствени проблеми, после тврдат дека тоа е поради семејни причини. Очигледно дека власта на Заев се обидува нешто да забошоти и нешто да прикрие“, велат од опозицијата. 

Кичеец е осуден на три години казна затвор за случајот „Рекет“, за  дело за коешто се осудени и Катица Јанева и Бојан Јовановски. Кичеец ја издржува казната во затворот во Струга, каде се наоѓаат осуденици за полесни кривични дела.