1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Клатното

5 декември 2018

Поддржувачите на претходниот систем мора да ги убедиме низ пример дека вака е подобро и за нив. Со пример и дијалог да ги убедиме дека партијата треба да ја вратат назад на услуга на државата. Колумна на Петар Арсовски.

https://p.dw.com/p/39X0c
Petar Arsovski
Фотографија: Petar Arsovski

Во моментов, највисокиот БДП во Македонија е во Шутка. Ако се измери собраното богатство на претходните шерифи кои во моментов се наоѓаат во притвор, се поставува сериозно прашање како ќе преживее македонската економија сега, кога фронтмените на економскиот раст се во „Хашкиот оддел”.  Групното затворање на овие елити сега како да претставува не само економски, туку и политички проблем, кој, барем според првите најави, се заканува да го проблематизира процесот на политичко помирување.

Токму да не се „претера со правдата”, се плашам, слично како што на времето Велија Рамковски извика „се претера и со новинарството”, во периодот кога поради политичките маневри се обидуваше да ги дисциплинира сопствените новинари. Не е спорна нужноста од некаков политички консензус во наредниот период: инаку, не знам како би изгледало носењето на неопходните закони врзани за реформите на ЕУ ако на секој закон опозицијата има по неколку илјади амандмани. Така, за Македонија и оние предвидени 70 години од Светска Банка (колку што сега предвидуваат дека ќе ни биде потребно да ги стигнеме стандардите на ЕУ), ќе изгледаат како преоптимистичка проценка. Проблемот е што во овој момент, процесот на неопходно градење национален консензус е врзан, поради акумулираните „гревови” на опозицијата во претходниот период, со процес на помирување (читај помилување).

Помирувањето и правдата

Нервозата кај критичката јавност, се чини оправдана, кога се подигаат тензиите при секое спомнување на  какво било помилување (дури и парцијално) за претходната гарнитура, која, за право, не остави многу простор за симпатии кон нив во овој процес. Сепак, и покрај нашата нервоза, која потекнува од страв дека помилувањето може да премине во системска неказнивост, која најверојатно е правилна, некои од тезите кои притоа ги „вртиме” не се целосно точни, барем во насока на тоа дека од таква појава во моментов има сериозна опасност.

Прво, неточно е дека помирувањето ќе ја спречи и целосно оневозможи испораката на правда. Точно е дека двата процеса се суштински некомпатибилни, но тоа е транзиторна ситуација – во која менаџирањето на двата проекта е комплицирано, потешко, но чистењето на општеството пред членството во ЕУ и НАТО е процес кој не зависи целосно од локалните дилови и интереси, па со тоа, не може ни целосно локално да биде саботиран. Потоа, емпиријата досега покажува дека правдата и тоа како се испорачува (со сите наши локални сепетничавости и недоследности), сведоците пеат, најголемите ѕверки се во притвор, а „мафијашката” лојалност на претходниот систем пред наши очи се распаѓа како кула од карти. Второ, неточна е тезата: Груевски избега – толку од правдата. Бегството на Груевски, ако има некаков нето-ефект, тој ќе биде во насока на „стегање” на строгоста со која се пристапува кон припадниците на претходната власт кои се сега под истрага или под обвинение, и отворање лавина дополнителни информации околу претходниот систем, а него лично (па со тоа и целата лажна мантра на претходниот режим) трајно го портретира како криминален, а не национално идеологизиран, лидер. 

Други колумни од авторот:

Пинк Пантер

Писмото на Мијалков не остава простор за помирување

Правдата и одмаздата

И обратната теза, за право, не е целосно точна – дека правдата ќе го блокира уставниот и евроатлантскиот процес. Мислам дека комисијата за помирување (де факто за 27 април) ќе биде интересен фокус каде овие два контрадикторни принципа ќе мораат да најдат пресек. Таму, мислам, ќе се покажат неколку тези. Прво, ќе се потврди дека решение воопшто постои – дека постои линија на помилување за 27 април која ги задоволува двата принципа: и помирување, и испорака на правда. Таму, учесниците (од двете страни) треба да покажат свест за неопходноста од најмал заеднички содржател на овие два проекта како унија на политичка принципиелност и прагматичност.

Но, токму затоа, ние како општество не смееме да дозволиме клатното на политичка идеологија да ја премине границата на другата страна. Правдата, при нејзината испорака, мора да биде слепа, неутрална, објективна. Не смееме во овој процес да дозволиме на ниту еден начин да се појави сомнеж дека испораката на правда сме ја замениле со испорака на одмазда, без оглед дали таа е политичка или идеолошка, и дали „противниците” можеби ја заслужуваат. Мислам дека вистинската праведност, владеењето на правото како симбол, кое има за цел да направи од нашето општество подобар и постабилен систем во иднина, треба да биде во таа смисла двојно повнимателно испорачано во овој период, токму заради тоа што овој нов систем мора да го повикуваме на повисоки, построги, стандарди. 

Во таа смисла, оние кои се огрешиле од законот во претходната власт, треба да го добијат она што по закон им следува, а не она што можеби, го заслужиле. Тоа е, ментално и емотивно, нашиот дел од помирувањето – соочувањето со фактот дека епилогот на овој процес на чистење има крајна цел ваквите злоупотреби да не се повторат, како вкупно сознание и системска правна меморија, а тоа подразбира строги и правични стандарди веднаш, а не по процесот на „народен суд”. Бидејќи, не е единствено важно да испорачаме неказнивост, поважно е како ќе го сториме тоа – бидејќи правилното спроведување на овој проект остава здрави институции, а погрешното само им ги менува „газдите”.

Компромисот и трансформацијата

Затоа мислам дека најдобриот начин за трајно поправање на овие системски пропусти е нашето членство во ЕУ, за што најдобар систем за „ремонт” се преговорите за членство. Оттаму, мислам дека делумен компромис за тој процес да почне што побрзо е оправдан – сепак, ние, зборувајќи вкупно, најголемо количество на поволности за целото општество ќе направиме ако Македонија низ преговорите се трансформира, наспроти алтернативата истите да се одложат заради задоволување на сегашното политичко клатно.

Да се разбереме, не мислам дека тука треба да има попустливост, напротив, но мислам дека квалитетот на воспоставувањето на владеењето на правото има директна корелација со квалитетот и, ако сакате, неутралноста при испораката на правдата сега. Ние не смееме да дозволиме, гонејќи ја претходната елита, трајно да ги отуѓиме, па со тоа и да ги радикализираме, нивните поддржувачи, со што би ги одвратиле од европската идеја воопшто, процес на чија опасност укажуваат сегашните длабоки поделби во општеството кои анкетите ги покажуваат. Демонстрацијата на правото и правдата мора да корелира со бенефит и за нејзините опоненти, инаку, при било која наредна промена на власт, истите веднаш ќе ја демонтираат.

Затоа, ние мораме тие поддржувачи на претходниот систем да ги убедиме низ пример дека вака е подобро и за нив – токму оние кои ги слушнавме како се договарале државата да ја стават на услуга на партијата – сега со пример и дијалог да ги убедиме дека партијата треба да ја вратат назад на услуга на државата.