1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Климатските промени значат повеќе природни катастрофи

25 август 2009

Глобалното затоплување не само што доведува до промена на климатски услови во сите делови на светот, туку и го зголемува ризикот од природни катастрофи, убедени се голем број научници.

https://p.dw.com/p/JHSi
Фотографија: AP

Азија е еден од континентите, кој се` почесто е погоден од тајфуни. Во мај 2006 година, на Филипините беснееше бура наречена Келои или Чанчу. Со 160 километри на час иташе кон филипинските острови Висајас, а потоа продолжи кон кинеското копно, при што уриваше се` пред себе, со брзина до 250 километри на час. Луѓето со горчина се сеќаваат на ужасниот настан. Келои е само една од многуте катастрофи на Филипините.

Philippinen Vulkan Angst vor Ausbruch des Mayon
Вулканот Мајон во ЛегазпиФотографија: AP

Седрик Ди Дајп е раководител на центарот за справување со природни катастрофи во филипинската провинција Албеј. Тој никогаш нема да ја заборави катастрофалната 2006 година, исто како и останатите жители на главниот град на провинцијата Легазпи, кој лежи во подножјето на убавиот, но и многу активен вулкан Мајон. Кога на крајот на ноември во 2006 година, беснееше тајфунот Реминг, меѓунарoдно познат како Дуриjан, во Легазпи загинаа повеќе од 500 луѓе. Огромните количества вода, кои тајфунот ги носеше со себе, предизвикаа лавина што избувна од вулканот Мајон. Повеќе места останаа закопани под лавината. Седрик Дајп вели дека биле добро подготвени, но никој не може да се подготви за два последователни супер-тајфуни:

„Супер-тајфунот Миленјо веќе целосно ја промени физичката структура на вулканот и наместо лавините од кал да се движат по речниот канал, тие поминуваа низ населените места. Во населените области, куќите беа дури поцврсти во споредба со безбедносните центри за евакуација, бидејќи дури и центрите за евакуација беа уништени од многу интензивен ветер и силни врнежи.“

Ќе зачестат и супер-тајфуните и „потивките“ катастрофи

И по тајфунот Моракот во Кина и Тајван, во средината на август годинава, луѓето во Легазпи едвај имаа шанса да се спасат, откако тајфунот ја предизвика лавината. И веќе подолго време Националниот центар за справување со катастофи на Филипините, зборува за супер-тајфуни. Со оглед на климатските промени, се` почесто ќе се соочуваме со овој феномен, нагласува Ендрју Мескреј, еден од авторите на новиот извештај на Обединетите нации за природните катастрофи и справувањето со нив. Тој вели дека нема да зачестат само големите природни катастрофи. Земјите како Бангладеш, Кина, Индија и Филипини ќе мора да сметаат на многу поголем ризик, на пример од појава на супер-тајфуни, но покрај тоа истовремено се` почесто ќе има и помали, таканаречени „потивките“ катастрофи: „Извештајот покажува дека ќе се случуваат и многу помали катастрофи како локални поплави, одрони на земјиште, локални бури и слично. Тоа се феномени кои можеме да ги сретнеме насекаде во светот, а изгледа дека тие мошне брзо се шират“, вели Мескреј.

Philippinen: Klima und Katastrophen
Ќе се случуваат и помали и поголеми катастрофиФотографија: DW

Катастрофите зголемени двојно, штетите зголемени за пет пати

Ендрју Мескреј е еден од авторите на извештајот на Меѓународниот стратешки центар за справување со катастрофи. Како еден од клучните проблеми ја гледа големата концентрација на населението во мегаградовите кои рапидно се развиваат и на бреговите. Мескреј нагласува дека најмногу човечки населби има онаму каде што ризикот од природни катастрофи е најголем. Притоа веќе денес може да се забележи директната врска меѓу екстремните временски прилики и климатските промени, вели тој: „Податоците од извештајот покажуваат дека бројот на катастрофите од 1980 се зголемил двојно, при што материјалните штети настанати при катастрофите се зголемиле за пет пати. Од сите непогоди наведени во извештајот, 97 отсто биле предизвикани од времето. Само малку природни катастрофи, како на пример земјотреси, цунами и ерупции, не се поврзани со временските услови.

Myanmar Burma Birma Naturkatastrophen Nargis Flash-Galerie
Деведесет и седум отсто од катастрофите предизвикани од времетоФотографија: AP

Автор: Хеле Јепесен / Ана Алибегова

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска