1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Клинсман го соопшти составот за светското првенство

15 мај 2006

Селекторот на германската фудбалска репрезентација, Јирген Клинсман, денеска го соопшти составот на екипата која ќе ги брани боите на Германија на светското фудбалско првенство. И, се погрижи за неколку изненадувања.

https://p.dw.com/p/Aeie
Клинсман на прес конференцијата во Берлин
Клинсман на прес конференцијата во БерлинФотографија: AP

23-ца играчи, 23 надежи на Германија за успех на светското фудбалско првенство:

На голот – Јенс Леман, Оливер Кан, Тимо Хилдебранд

Во одбраната – Пер Мертезакер, Марсел Јансен, Филип Лам, Арне Фридрих, Јенс Новотни, Кристоф Мецелдер, Роберт Хут

Во средината – Михаел Балак, Бастијан Швајнштајгер,Бернд Шнајдер,Торстен Фрингс, Тим Боровски, Себастијан Кел, Томас Хицлшпергер

Напад – Мирослав Клозе, Лукас Подолски,Оливер Нојвил, Гералд Азамоа, Мајк Ханке, Давид Одонкор

Ако некој има талент да понуди штоф за дискусии, тоа сигурно е шефот на тимот Јирген Клинсман. Тој во составот како шести напаѓач го номинира Давид Одонкор, човекот што доаѓа од Борусија Дортмунд и кој досега не одиграл ниту еден репрезентативен натпревар. Клинсман вели дека Одонкор е огромен талент и дека досега не го повикал во тимот за да не го става под притисок и да не го оптоварува во развојот. Самиот Одонкор, со што друго ако не со воодушевување: “Се радувам многу. Ова е за мене голема чест.“

За Одонкор да игра, дома ќе мора да остане на пример Кевин Курани од Шалке 04. Кон изненадувањата припаѓаат и поканите на Клинсман за Мајк Ханке, Томас Хицлшпергер, Јенс Новотни и Оливер Нојвил. Покрај Курани, изоставени се имињата Фабијан Ернст и Патрик Овомојела. Клинсман е убеден дека ги номинирал вистинските за светското првенство, за Германија по четврти пат да стане светски шампион. “Титулата е наша цел и наш сон. Ние и веруваме на оваа екипа“, рече селекторото денеска на прес конференција во Берлин.

Претседателот на германскиот фудбалски сојуз, Герхард Мајер Форфелдер, исто така е уверен дека тимот ќе ги оправда очекувањата. Што доколку не се случи посакуваното? Претседателот на организациониот комитет на светското првенство, Франц Бекенбауер, завчера без влакна на јазикот, за Клинсман констатираше:

“Ако тој со екипата испадне прерано од првенството, со постигнување кое е разочарувачко, што се разбира никој не го посакува, тогаш нема веќе да биде соодветен за функцијата.“