1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Клинтон за потопли односи со Русија

Ројтерс/ДПА./Т.Т.5 март 2009

Хилари Клинтон учествува на средбата на Советот на НАТО во Брисел. Дали ќе биде донесено решение за повторно стабилизирање на односите НАТО-Русија и зошто соработката одеднаш и` е толку важна на САД?

https://p.dw.com/p/H6G2
НАТО во БриселФотографија: dpa

Министрите за надворешни работи на земјите-членки на НАТО не го штедеа аплаузот, кога Хилари Клинтон стапи на сцената. Се чини дека Американците повторно можат да се чувствуваат добредојдени во Европа. За говорот пред министрите, Хилари Клинтон одбра костум во морнарско-сина боја, во склад со логото на НАТО. Таа, свесна за моќта и мисијата на која е испратена, се ракуваше и делеше насмевки на сите страни. За многу набљудувачи, нејзиниот дипломатски стил наликува на оној на нејзината претходничка, Кондолиза Рајс, која исто така секогаш беше запозната со многу детали околу проблемите. Но, за разлика од неа, Хилари Клинтон зборува со помирувачки тон.

Клинтон: „Време е за нов почеток“

Hillary Clinton David Miliband und Karel de Gucht bei Nato und EU Treffen in Brüssel
Хилари Клинтон со европските министри на вчерашната вечера во БриселФотографија: AP

Авганистан, Косово, проширувањето кон Источна Европа - списокот на проблеми, надвиснати над Алијансата е долг. Посебен предизвик се односите меѓу НАТО и Русија и нивното нормализирање, откако беа замрзнати по минатогодишната војна во Грузија.

„Време е да ги разгледаме можностите за нов почеток“, изјави Клинтон денеска во Брисел, додавајќи: „Можеме и мораме да најдеме начин за конструктивна соработка со Русија, посебно во полињата од заеднички интерес, како на пример помошта за населението во Авганистан“, изјави Клинтон. Таа напомена дека НАТО мора да ја остави вратата отворена за земји како Грузија и Украина и да им помогне да ги постигнат стандардите на Алијансата. НАТО вети евентуално членство за двете земји, но нагласи дека тоа нема да се случи во скоро време. Пред се`, Германија и Франција се скептични по ова прашање, најмногу поради лутата реакција што би дошла од Москва.

Причините за помирување имаат друга заднина

AFGHANISTAN_NATO_FORCES_KND.jpg
Потребите за војниците на НАТО во Авганистан ќе се пренесуваат преку РусијаФотографија: AP

Многу набљудувачи сметаат дека вистинските причини за помирувањето меѓу НАТО и Русија лежи во напорите на НАТО дел маршрутата за снабдување на војската во Авганистан да ја пренасочи преку Русија, од причина што онаа преку Пакистан станува се` понебезбедна. Оваа недела првпат ќе бидат пренесени снабдувања за трупите на НАТО во Авганистан преку Русија и Казахстан, а НАТО се надева на зголемување на оваа соработка.

Покрај тоа, според дипломатски извори, Москва е подготвена да се вклучи и во обуката на авганистанските безбедносни сили. Ова е од особено значење за НАТО, бидејќи Алијансата ќе може да ги повлече војниците од оваа земја дури тогаш кога безбедносните и полициски сили ќе можат успешно да функционираат.

Министерот за надворешни работи Хилари Клинтон утре во Женева ќе се состане со колегата од Русија Сергеј Лавров. Веќе и самата средба, половина година по војната меѓу Русија и Грузија, зборува за нов почеток. Доколку Вашингтон и Москва изнајдат компромис кај темите противракетна одбрана и Иран, тоа би бил голем чекор во попуштањето на затегнатите односи.