1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

180310 Clinton Moskau

19 март 2010

Во Москва заседаваше Блискоисточниот квартет на кој учествуваше американската министерка за надворешни работи Клинтон. Таа со руските партнери разговараше и за новиот договор меѓу САД и Русија за нуклеарно разоружување.

https://p.dw.com/p/MWZE
Хилари Клинтон во МоскваФотографија: AP

На прес-конференцијата по завршувањето на разговорите со руските претставници, Хилари Клинтон даде позитивна оценка за односите меѓу Русија и САД: „Од нашата прва средба пред повеќе од една година во Женева, господин Лавров и јас, нашите влади и нашите претседатели работеа на нов почеток во билатералните односи. Сметаме дека ова доведе до поголема соработка, координација и консултирање по повеќе прашања, што се битни за нашите билатерални односи, но се од значење и за глобалните предизвици, пред кои сме исправени.“

Разговори за новиот договор за нуклеарно разоружување

На преден план на посетата на Клинтон беше прашањето за новиот договор за нуклеарно разоружување, што треба да го замени веќе истечениот договор СТАРТ-1. Целта на новата спогодба ќе биде натамошно намалување на стратешкото атомско оружје на двете земји. Стариот договор истече уште во декември, а веќе со недели двете страни истакнуваат дека новата спогодба е скоро пред потпишување.

US-Außenministerin Clinton zu Gesprächen in Moskau
Американско-руски разговори во МоскваФотографија: picture alliance/dpa

Меѓутоа, министрите за надворешни работи на двете земји не објаснија зошто тоа постојано се одолговлекува. Едно е сигурно, не се работи за непремостливи разлики во мислењата. Рускиот министер за надворешни работи, Сергеј Лавров истакна: „Ги имаме сите причини да веруваме дека сме скоро пред целта и сметаме на скорешно заокружување на договорот. Потоа ќе се договориме каде и кога двајцата претседатели ќе ја потпишат оваа важна спогодба.“

Оптимизам изрази и Хилари Клинтон. Претходно, пак, претседателот на рускиот парламент, Борис Гризлов, упати остри тонови кон САД. Думата нема да го ратификува следбеникот на СТАРТ-1, доколку во него САД не се откажат од противракетниот одбранбен систем, што планираат да го постават во Источна Европа. Вашингтон го одбива ваквото барање, потенцирајќи дека двете работи немаат ништо една со друга. Двете земји се наоѓаат под притисок договорот да успее. Кон средината на април, во Вашингтон ќе се одржи конференција посветена на атомската безбедност. Во мај, пак, договорот за неширење на нуклеарно разоружување ќе се најде на дневниот ред на ОН. Неговиот успех зависи и од тоа дали двете најголеми атомски сили го потпишале новиот договор СТАРТ или не.

Заседаваше Блискоисточниот квартет

Во Москва денеска заседаваше т.н. Блискоисточен квартет. Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров, специјалниот пратеник за Блискиот исток Тони Блер, како и генералниот секретар на ОН Бан Ки Мун, американската министерка за надворешни работи Хилари Клинтон и високиот претстваник на ЕУ за надворешна политика Кетрин Ештон, се собраа со намера да ги придвижат Израелците и Палестинците кон нови мировни преговори. Квартетот ги повика Израелците уште еднаш да запре со плановите за градење населби на палестински територии.

Палестинците се повлекоа од индиректните преговори минатата недела, кога Израел во текот на посетата на американскиот вице-претседател Џо Бајден најави дека ќе гради нови 1600 станови во источниот арапски дел на Ерусалим.

Автор: Естер Хартбрих/Трајче Тосев/дв

Редактор: Александра Трајковска