1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Клозе го брка рекордот на Герд Милер

6 септември 2010

Викендов мируваа мрежите во националните фудбалски првенства. На програмата беа првите квалификациски дуели за Европското првенство во 2012 година во Украина и Полска. Германија тргна со победа на гостувањето кај Белгија

https://p.dw.com/p/P597
Германските репрезентативци го прославуваат голот на Клозе против БелгијаФотографија: AP

Германија успешно стартуваше во квалификациите за ЕУРО 2012. Во првиот меч од групата А, нагости беше совладана Белгија со 1:0. Единствениот гол на мечот го постигна Мирослав Клозе кој сега со 53 погодоци на 102 натпревари се заканува да го достигне рекордот на легендарниот Герд Милер од 68 гола за националниот состав. По мечот Клозе не криеше дека токму тоа е неговата цел, но потсети дека голема конкуренција ќе му биде и првиот стрелец на годинешниот Мундијал, младиот Томас Милер.

„Задоволни сме што доаѓаат и млади играчи. Покрај мене е еден таков кандидат, Томас Милер. Мислам дека колку порано влезеш во тој круг на играчи, толку подобро“, рече Клозе.

Во вторник во Келн, Германците ги очекува дуелот против Азербејџан. На хартија лесен натпревар, но играчите се свесни дека таквите дуели се најтешки.

„Мислам дека на ваквите натпревари мора да се биде максимално сконцентриран од самиот почеток, а задоволни можеме да бидеме дури на крајот откако ќе ја завршиме работата. Но, да се мисли предвреме на висок резултат не е правилно“, изјави Милер.

Македонската фудбалска репрезентација забележа пораз на стартот на квалификациите. На гостувањето во Словачка, избраниците на Мирсад Јонуз беа поразени минимално, со 1:0, со гол примен во продолжението од регуларниот дел од мечот. Македонија 90 минути се бранеше, но бедемот не издржа пред самиот крај, и Словаците им се израдуваа на првите три бода со голот на Холошко. Шанса за поправен е утрешниот дуел против Ерменија во Скопје.

Во останатите дуели од квалификациите, најголемото изненадување го направи Белорусија, која во Париз со 1-0 ја совлада Франција.

Brasilien Iran Weltmeisterschaft Basketball Türkei
Од натпреварот меѓу Бразил и ИранФотографија: AP

Кошарка

Денешните дуели меѓу САД и Ангола, односно Русија и Нов Зеланд, и утрешните во кои се среќаваат Литванија против Кина и Аргентина против Бразил ќе ги дадат и последните четвртфиналисти на Светското првенство во кошарка кое се игра во Турција. Претходно, меѓу осумте најдобри на светот пласман изборија и домаќинот Турција која за пласман во полуфиналето ќе игра против Словенија, и Србија која се среќава со европскиот и светски првак Шпанија.

Aвтор: БГ/АТ/дв

Редактор: Жана Ацеска