1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Клуч за колеџите за подготовка на студентите од странство

Свенја Инг 12 јануари 2009

Покраината Северна Рајна Вестфалија донесе одлука да ги затвори 1200-те колеџи за странските студенти, на кои тие се подготвуваат за приемен испит на германските факултети.

https://p.dw.com/p/GWOg
Приемните испити се предуслов за запишување странски студенти: Универзитетот во КелнФотографија: picture-alliance /dpa

Студентите од странство се добредојдени во Германија. Но, секој што ќе дојде не може веднаш да почне да студира, затоа што Германија не ги признава матурските испити од сите земји. Во повеќето случаи идните студенти мораат да полагаат приемен испит. За да се подготват за него, една година одат во таканаречените колеџи, каде што го учат јазикот. Во Германија има околу 5.000 вакви колеџи за подготовка на студентите од странство. Покраината Северна Рајна Вестфалија сега донесе одлука да ги затвори 1200-те колеџи за странските студенти. Како функционира наставата, што учат идните студени на овие колеџи и зошто покраината планира да ги затвори?

Младите странци имаат позитивни искуства

Сахр Торкаман е една од 16 млади девојки и момчиња кои на колеџот во Келн посетуваат курс по германски јазик. Младите преку рефератите учат како да го изнесат своето знаење пред група. Тоа е важно за натамошните студии. Освен ова, тие имаат можност да ги подобрат познавањата на јазикот. Имено, никој од нив не пораснал во Германија:

„Доаѓам од Иран, имам 29 години и околу пет години живеам во Германија. Сакам да студирам медицина на факултетот во Диселдорф“, вели Сахр.

Таа матурирала во Иран, но со нејзината диплома не може веднаш да почне да студира во Германија. Претходно, Сахр мора да го положи приемниот испит. Затоа оди во колеџот, каде што се подготвува за примениот испит. На државните колеџи наставата е бесплатна, трае една година, а неделно студентите имаа по 30 часови. Младите имаат можност да посетуваат различни курсеви. Таканаречениот Ем-курс нуди подготовка за оние што сакаат да студираат медицина, Ес-курс за јазици. Младите добиваат претстава за тоа како се студира во Германија, односно дека предност имаат самоиницијативата при учењето и сопственото размислување:

„Тоа е многу добра подготовка за студиите, бидејќи студискиот систем во Германија е многу поинаков во споредба со Иран. Мислам дека без оваа подготовка немаше да можам да студирам и воопшто да успеам во тоа“.#b

Приватни курсеви наместо колеџи

Апсолвентите кои посетувале колеџ многу поретко ги прекинуваат студиите отколку другите студенти од странство. Но, покраината Северна Рајна Вестфалија одлучи да ги затвори овие колеџи - како причина се наведува дека курсевите за подготовка не се ефикасни и оти многу мал број од младите кои посетувале колеџ воопшто почнуваат да студираат. Наместо државните колеџи, во иднина треба да се нудат приватни курсеви за подготовка за студии. Трошоците за нив ќе ги носат младите кои сакаат да студираат во Германија. Харалд Клингел, раководител на колеџот во Келн ги критикува плановите. Најголема штета ќе претрпат таканаречените „фри мувери“, односно младите кои индивидуално доаѓаат на студии во Германија:

„Кај нас најчесто доаѓаат кандидати од земјите во развој, но не само тие. И оние што го завршиле средното образование во САД или Канада исто така мораат да полагаат приемен испит. За некои од кандидатите Северна Рајна Вестфалија можеби нема повеќе да биде интересна како место за студирање и можат да заминат во другите германски покраини кои и натаму нудат бесплатни колеџи“.

Во Северна Рајна Вестфалија ќе останат да работат колеџите што се под капата на црквата, но тие не можат да ги надоместат државните колеџи. Со затворањето на овие колеџи не само што Северна Рајна Вестфалија ќе стане неатрактивна за студентите од странство, аргументираат критичарите, туку покрината на овој начин ја прекинува и образовно политичката развојна помош.