1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Ковачевски: Никој нема да преговара за идентитетот

ЕМФ
15 јануари 2022

Во македонското Собрание почна расправата за составот на новата влада, предложен од мандатарот Димитар Ковачевски.

https://p.dw.com/p/45ZlQ
Nordmazedonien Parlament - Sitzung am 25.03.2021
Фотографија: Petr Stojanovski/DW

Новата влада, според мандатарот Димитар Ковачевски, има јасен и остварлив план за соочување со економската и енергетската кризаво земјата и за надминување на негативните последици. Во своето експозе пред пратениците, Ковачевски нагласи дека „уште на почетокот на мандатот, Владата ќе направи интервентен план за поддршка на населението и стопанството за справување со последниците од енергетската криза“. Ова, според мандатарот, ќе биде направено со цел „ублажување на негативните ефекти врз цените и заштита на граѓаните од ценовни шокови“.

Што се однесува до мерките што се планираат во сферата на енергетиката, Ковачевски потенцираше дека тие ќе бидат насочени кон зголемување на производството од домашните капацитети за да се намали потребата од увоз на скапа електрична енергија.

„Владата ќе спроведе стратегија која на краток, среден и долг рок ќе обезбеди сигурност во снабдувањето со енергенси и одржливост на енергетскиот систем. Фокусот на обновливите извори на енергија и ефикаснoто искористување на расположливите природни ресурси, како што се сонцето, ветерот и водата, претставуваат основа на македонската енергетска револуција. Зголемување на домашното производство на електрична енергија, преку инвестиции во нови зелени енергетски инфраструктурни проекти, е вистинскиот пат кон обезбедување на енергетската независност на Република Северна Македонија. Во овој контекст, заштита на животната средина останува врвен приоритет“, вели Ковачевски.

Nordmazedonien Politiker Dimitar Kovacevski
Ковачевски: Никој не смее и никој нема да преговара за идентитетот на македонскиот народФотографија: Petr Stojanovski/DW

Мандатарот во своето експозе, меѓу другото, се осврна и на спорот со Бугарија и рече:

„Разговорите со Република Бугарија ќе продолжат и ќе се интензивираат, бидејќи ние сме пријателска земја која развива добрососедство и бидејќи имаме исклучителен стратешки интерес да ги започнеме преговорите за членство во ЕУ.“

Според Ковачевски, „двете влади, на Северна Македонија и на Бугарија, се одлучни да изнајдат решенија низ дијалог и соработка“:

„Историјата е на историчарите, но идентитетските прашања се темели на народот и на државата. За Владата не постои никаква дилема – никој не смее и никој нема да преговара за идентитетот на македонскиот народ и за историски и научно потврдената специфичност и уникатност на македонскиот јазик“, рече Ковачевски.

Николоски: Оваа влада е без легитимитет

Според опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Владата нема решенија за корупцијата, економската и енергетската криза и за европските интеграции, ниту пак има легитимитет. Затоа се бараат брзи предвремени избори.

„Сето останато е бегање од народот. Следува пеколен период на соочување со гневот на народот. Промените доаѓаат и ќе се случат побрзо отколку што мислите. Нема да ја поддржиме оваа влада, а следниот период да се гледаме и во институциите, но и надвор на улиците и заеднички да стигнеме до предвремени парламентарни избори кои ќе значат промени во Македонија“, рече на денешната седница потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ и пратеник Александар Николоски.

Собраниската седница за избор на новата влада трае најмногу два дена, а на крајот на вториот, односно утре пред полноќ, треба да се одржи гласањето. Владата што треба да ја предводи Димитар Ковачевски ќе брои 21 член. СДСМ и коалицијатата ќе имаат 12, ДУИ шест, а Алтернатива тројца министри.