1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Здравје

КОВИД: Како затворите низ Европа поминаа во пандемијата

Кира Шахт
7 декември 2021

Затворите се плодна почва за вируси, а сепак многу малку знаеме што се случуваше во нив за време на пандемијата. Податоци собрани од 29 земји даваат нова слика за влијанието на пандемијата во затворските ѕидови. 

https://p.dw.com/p/43shU
Европа Затвори Пандемија
Затворите се плодна почва за вируси, а сепак многу малку знаеме што се случуваше во нив за време на пандемијата. Фотографија: DW/Joao Marques Ribeiro

Вангелис Статопулос кој одлежува затворска казна во грчкиот град Лариса, е еден од преку половина милион затвореници во Европа среде пандемијата на Ковид-19. И како и многу други затвори и неговиот е плодна почва за вируси - преполн, со бедни животни и често пати лоши хигиенски услови. 

„Кога минатиот декември заболев од Ковид-19 половина од затворениците овде беа болни во исто време,” вели Статопулос. „60 луѓе бевме ставени во ќелија од околу 110 метри квадратни. Прашање на време беше дали ќе заболеш тешко, или само во поблага форма.”- 

За време на пандемијата се навикнавме на педантно ажурирани табели со случаи на Ковид-19 и јавноста со особено внимание го следеше развојот на места подложни на ширење на заразата, како старечки домови. Сепак, многу малку е познато за состојбите во затворските установи.

Заедно со 12 редакции во „European Data Journalism Network”, ДВ собираше податоци од 29 земји кои покажуваат колку случаи на заразени и починати биле пријавени во затворите, каков е напредокот со вакцинирањето и какви мерки биле преземени за да се спречи ширењето на вирусот. 

Затвор Коридалос Грција
Затворот Коридалос во ГрцијаФотографија: Solidarity Network for Prisoners

„Многу затвори се пренатрупани и не постои можност за држење на пропишаната дистанца,” вели Филипа Алвес Да Коста, консултант за јавно здравје на СЗО за Програмата за здравје во затворските установи. „Па така, ако некој го донесе вирусот тој се пренесува многу полесно.” 

Затворениците се ранлива категорија 

Да Коста вели дека ризикот за зараза во затворите е споредлив со ризикот со кој се соочуваат лицата кои живеат во групни резиденцијални установи како старечки домови и сместувалишта. 

Кај многу затвореници има повеќе фактори кои го зголемуваат ризикот од развивање тешка форма на Ковид-19, меѓу кои ХИВ, зависност од никотин или употреба на опијати во минатото. Маргинализацијата, сиромаштијата или немањето пристап до здравствена нега често си го прават своето уште пред овие лица да завршат во затвор каде условите само ја влошуваат состојбата, сумира СЗО. „Ние лицата во шестата декада од животот во затворски услови веќе ги сметаме за стари, иако во општеството тоа не би биле”, вели Да Коста.  

Појавата на Ковид во затворите ги засега сите 

Ширењето на вирусот не ги погодува само затворениците или персоналот, туку и околните заедници. „Затворот не е сосема изолирано опкружување”, вели Да Коста. „Постојано влегуваат и излегуваат луѓе. Не се работи само за персоналот, туку и оние што нудат услужни дејности, адвокатите, па и самите затвореници. Следствено на тоа, ако не ги заштитите затворите не ги заштитувате ни заедниците.”

Во САД, каде коронавирусот во 2020 брзо ги зафати затворите, бројни студии на случај покажуваат како од нив вирусот се шири и во околните заедници. Компаративна анализа спроведена на национално ниво покажала дека бројот на случаи на Ковид-19 побрзо растел во окрузи со повеќе затвореници и дека постои каузална врска меѓу масовното одлежување затворски казни и преку половина милион дополнителни случаи на Ковид-19 во и надвор од затворите. 

Малку достапни податоци за затворите

Најактуелна статистика во однос на пријавените случаи на Ковид-19 во затворите на ниво на Европа за месец септември 2020 година има Универзитетот во Лозана. Но, од тогаш е помината повеќе од една година со неколку бранови, појава на нови соеви и глобална кампања за вакцинација. 

Прва мерка - укинување на сите активности 

Студија спроведена од научници во Барселона покажува дека повеќето земји ги затворија затворите брзо и одлучно уште на почетокот на пандемијата. 

Веднаш беа сопрени визитите или пак значително лимитирани во речиси сите земји. Во многу затворски установи спортско-рекреативните и работните активности беа укинати, а отсуствата од затворот ставени на почек. „Дури и писмата беа предмет на карантин”, се потсетува Ксаба Вас, кој одлежува затворска казна во Унгарија. Земји како Германија, Белгија и Унгарија во карантин ги ставаа новите затвореници и оние кои манифестираа симптоми на вирусот. 

Data visualization prisons and Covid EDJNet  MK Macedonian

Степенот на инфекции во затворите ист како во останатата популација 

Податоците собрани за ова истражување покажуваат дека на прв поглед таквите мерки помогнале да се избегне најлошото сценарио: затворите генерално погледнато не станале жаришта на корона. Според достапните податоци, во многу земји процентот на заразени во затворите соодветствува на процентот во останатата популација. 

Онаму каде имало висок број на заразени во населението, тенденцијата била да има и висок број заразени во затворските установи. Така било на пример во Словенија, Естонија и Белгија каде повеќе од едно на десет лица биле позитивни. Во земји како Хрватска и Грција, има многу повисок степен на инфицирани затвореници отколку што е случај во општата популација. Но, во многу земји бројот на пријавени случаи на Ковид-19 во затворите е под степенот на заразени во останатата популација, според најсвежо достапните податоци - па дури и во Унгарија и Франција кои се познати по константно преполнетите затвори. 

Data visualization prisons and Covid EDJNet  MK Macedonian

Дури и во земји со понизок процент на заразени, поединечни затвори сепак може да станат сериозни жаришта на вирусот. Неодамна 50 лица излегоа позитивни на тестирањето во затворот Безие во Франција, каде во моментов се затворени 638 лица во простор со капацитет за само 389 затвореници. 

Веројатно не се пријавуваат сите случаи на инфицирани и починати 

Официјалната статистика веројатно не секогаш ја доловува целата слика. Повеќето затворски управи немаат систематски пристап во прибирањето податоци, вели Адријано Мартуфи, кој ги истражува затворските услови во Европа на Универзитетот во Лајден. „Мислам дека се пријавуваат помалку случаи отколку што има”, вели Мартуфи.

Затворот Лариса во Грција, на пример, има пријавено 200 случаи до јули годинава. Стастопулос вели дека имало многу повеќе и дека според него „само од декември 2020 до сега имало повеќе од 500 случаи”. 

Тоа што не се пријавуваат сите случаи не е по секоја цена намерно, туку може да станува збор за организациски предизвик. „Здравствените оддели во затворите се недоволно екипирани,” вели Мартуфи. „Не сум убеден ни дали воопшто имаат технички можности да собираат и процесираат такви податоци.” 

Вртоглава цена за да има мал број на случаи 

Рестрикциите кои се воведуваат за да се намали ширењето на коронавирусот често имаат негативни нус појави. „Не дојде до трагедијата од која се плашевме, но само благодарение на енормни жртви од затворениците: немаше веќе никакви активности, ниту настава, ниту тоа малку работа што ме да се работи во затворски услови итн.”, вели Доминик Симоно кој е на чело на француското јавно тело за надзор над условите во места каде луѓето се лишени од слобода. „Во општествен контекст се плаќа вртоглава цена.”

Изминатите 18 месеци многу затвори беа во локдаун многу почесто од вообичаеното. Новите затвореници во еден затвор во Малта ги чувале 23 часа од денот во текот на две недели, во ќелија во која имало само душек на земјата и отворени тоалети - услови кои Европскиот комитет за превенција на тортура ги осуди уште во 2013 година. 

Правилата за карантин - сериозен здравствен ризик

Правилникот Нелсон Мандела на ООН, односно Стандардните минимум правила за третман на затвореници одредуваат дека самица треба да биде последно средство, во најкус можен период, а никогаш подолго од 15 дена. Но, за време на пандемијата токму изолирањето на затвореници се наметна како стандардна мерка во многу земји од светот. 

Во Ирска затвореници на 70 и над 70-годишна возраст или други со хронични болести, автоматски биле изолирани во самица во периодот меѓу април и јуни 2020, потоа раскажуваат дека се чувствувале депримирани, па дури и суицидно загрозени. Во некои установи во Германија затвореници по секое рочиште на суд биле ставани во изолација во времетраење од 14 дена. Дури и лица кои не се под карантин често биле изолирани во нивните ќелии во големи периоди од денот - со мал број достапни занимации. 

Нема ‘спас’ за затворениците по укинувањето на посетите 

Забраната за посети за многу затвореници се покажала како особено тешка мерка. 

„Посетите се бескрајно значајни за затворениците,” вели Кетрин Хирд, директор на Светската програма за истражувања поврзани со затвори. „Не е претерано да се каже дека прави огромна разлика за нив да може да останат во контакт со семејствата и саканите.” Според Европскиот суд за човекови права затворениците имаат право на семеен живот.

Во октомври 2020 затвореници од затворот Реч во Албанија започнаа штрајк со глад во знак на протест на укинувањето на посетите откако беше прогласена пандемија. Од март 2020 тие само имале можност за телефонски контакт со своите семејства. 

Data visualization prisons and Covid EDJNet  MK Macedonian

Во Унгарија Вас вели „имавме два и половина часа физички контакт два пати месечно пред пандемијата - ускратувањето на ова предизвика многу сериозни ментални проблеми.” Затворот потоа овозможил видео јавувања за да се дозволат барем виртуелни посети. „Тоа ја олесна ситуацијата,” вели тој. 

Повеќето земји воведоа мерки за виртуелни посети, иако бавните конекции и рестрикции на употребата и натаму претставуваат проблем. „Имаше голем напредок во многу затвори низ Европа за развој на системи за видео конференција,” вели Мартуфи. „Тоа беше апсолутно незамисливо во многу земји членки пред пандемијата, па така тоа е позитивен развој на нештата.”

Мартуфи вели дека постои ризик затворските управи да се обидат на долг рок да ги користат видео јавувањата како замена за посетите со физичко присуство во самите затвори. Имаме индиции дека некои управи настапиле според логиката „Е па сега си имате Скајп, може да живеете со тоа - нема реална потреба да ви дозволиме и натаму физички да се гледате со семејствата или вашите адвокати,’” вели Мартуфи. „Сѐ уште не знаеме колку таа промена е системска, но ризикот е дека би можела да остане дури и откако пандемијата ќе заврши,” вели Мартуфи. 

На страна од видео јавувањата, Кетрин Хирд не забележува големи напори да се ублажат ефектите од рестрикциите. „Еве не можам да  се сетам нешто вистински значајно да е направено”, вели таа. „Се пропушти огромна шанса на пример да се обезбеди материјал за читање, снимени информации или пристап до онлајн курсеви. Имаше многу нешта што можеше да се направат, но тоа не се случи.”

Холандија е една од земјите кои успеаа да ги повратат затворските активности релативно брзо преку мерки како ротирачки распореди или поделба на затворениците во помали групи со фиксен состав, вели Хирд. Но, повеќето земји не имплементирале такви мерки. 

Структурните проблеми ја влошија ситуацијата 

Како и во многу други општествени сфери, состојбите беа влошени заради структурните проблеми кои постоеле долго пред пандемијата. 

„Некои од најтешките и најдолготрајни рестрикции беа забележани во земји со најизразена преоптовареност на затворските капацитети,” вели Хирд. Недостиг на простор оневозможува спроведување на мерките за држење дистанца, а прибегнување кон алтернативни мерки е попречено од недостигот на персонал. „Ако нема доволно вработени за да ги движат затворениците низ просторот, нема друга опција освен да ги држат заклучени во нивните ќелии во најголем дел од денот и ноќта”, заклучува таа. 

Data visualization prisons and Covid EDJNet  MK Macedonian

Истражувачи, невладини организации и самите затвореници повеќе пати ја посочуваат преоптовареноста на затворските капацитети како клучен проблем. Имено, една од три европски земји во затворските установи држат повеќе затвореници отколку што официјално е дозволено.

Во многу поединечни случаи ситуацијата е значително полоша отколку што би можело да се заклучи според просечната пополнетост на национално ниво. “Јас сум во ќелија наменета за пет лица, а ние сме осуммина внатре. Невозможно е да држиш дистанца,” вели лице кои штрајкува со глад за еден хрватски медиум на почетокот на март 2020 година. „Не можеме да си ги видиме жените и децата и не дај Боже некои од нас можеби и никогаш повеќе нема да ги видат. Практично се чувствуваме како осуденици на смртна казна кои чекаат корина вирусот да го зафати затворот.” 

Европа Затвори Пандемија
Главниот инспекциски надзор над француските затвори, Доминик Симоно, вели: „Замислете три лица напикани 10 часа дневно во ќелија од 9 метри квадратни, која реално е само 4,5 метри квадратни ако се одземат креветите, масата и тоалетот.” Фотографија: DW / Joao Marques Ribeiro

За време на првиот бран многу земји во Европа отпуштија од затворите голем број луѓе за да го олеснат притисокот. „Експертите со години им велат да го сторат тоа, но политички им беше премногу страшен зафат,” вели Хирд. „Ковид-19 за многу земји беше оправдание тивко да го намалат бројот на затвореници.”

Хирд пресметала дека бројот на затвореници глобално бил намален за околу половина милион лица во периодот од март 2020 до јуни 2021. Земји како Словенија, Белгија, Франција и Италија, кои од старт држеле повеќе затвореници отколку што дозволуваат условите, го намалиле бројот на лица лишени од слобода за до една четвртина со што дошле до или под официјално дозволените капацитети. 

“Една лекција што земјите ја научија е дека може да се намали бројот на затвореници без да пропадне светот,” вели Хирд. Пандемијата беше причина за заштита на јавното здравје и оттаму иницијална за намалување на бројот на затворени лица, но сега е клучно земјите да се држат до тој тренд, смета Хирд.  

Повторно има пораст на бројот на затвореници 

Но, во многу земји постигнатиот прогрес од пролетта 2020 изгледа е реверзибилен. По првичното намалување на бројот на затвореници, сега повторно се забележува пораст во речиси половина од земјите вклучени во студијата. Во некои примери отпосле има и повеќе затворени лица отколку пред пандемијата.  

Француските, унгарските и словенечките затвори на пример се повторно преполнети на национално ниво, а поединечни затвори и преку тоа.  

Data visualization prisons and Covid EDJNet  MK Macedonian

Одложени вакцинации

Со таквите структурни проблеми кои само влошуваат ситуација која е сама по себе комплицирана, “враќањето во нормала” во затворите зависи од истиот фактор како и во остатокот од општеството: вакцинацијата.

„Кога беше соопштено дека ќе има вакцина луѓето станаа многу посмирени,” вели Вас. „Според моите сознанија речиси сите затвореници тука се вакцинирани. Јас мојата прва доза ја примив во мај, втората во јуни и како и многу други третата во септември годинава.”

Но, некои уште немаат примено вакцини. Една голема причина за таквото одолговлекување е фактот дека дури и покрај големиот ризик за затворениците, персоналот и општата популација, повеќето европски земји не ги вклучија затворениците во приоритените групи при планирањето на процесот на вакцинација. Некои земји воопшто и не ги споменуваат.  

Data visualization prisons and Covid EDJNet  MK Macedonian

Во Германија на пример луѓето кои живеат во групни престојувалишта како старечки домови, беа експлицитно приоритизирани, но затворениците сепак беа вакцинирани паралелно со остатокот од населението. 

„Имаше конзистентни индиции од независни наднационални организации дека затворениците треба да бидат приоритизирани,” вели Мартуфи. „Тоа е добар пример за апсолутната дискрепанца меѓу индицираните политики од една и реалната слика од друга страна.”

Многумина сметаат дека причината е недостиг на политичка волја. Мартуфи тврди дека во некои случаи политиката дури активно попречувала пристап до вакцините во рана фаза. „Во Белгија приоритизирањето на затворениците стана предмет на политичка дебата”, вели тој, „и како резултат на тоа затворениците беа изоставени од кампањата за вакцинација сѐ до крајот.” Во Италија пак, вели тој, одлуката на лицата лишени од слобода да им се даде приоритетен пристап до вакцини беше административна одлука, донесена без многу дебати во јавноста.  

Data visualization prisons and Covid EDJNet  MK Macedonian

Тоа значи дека почетокот на вакцинацијата во затворите бил значително одложен - во некои земји првите дози биле испорачани дури во јуни годинава, додека во други се почнало уште на крајот на март.

Втора зима во пандемија 

Откако вакцинацијата во затворите конечно го втаса нивото на вакцинирани лица меѓу општата популација и бројките на заразени беа ниски во текот на летото, затворениците конечно можеа слободно да дишат, а посетите беа повторно дозволени под строги хигиенски услови. 

Но, со доаѓањето на зимата и уште еден нов бран во повеќето европски земји, пандемијата не е завршена за никого, а особено не за затворениците. „Нема во скоро време да ни се врати стариот живот со неговите предности,” вели Ксаба Вас во Унгарија. Во Италија податоците на неделно ниво покажуваат пораст во бројот на активни случаи меѓу персоналот и затворениците. Хрватското министерство за правда неодамна објави дека повеќе од 20 проценти од лицата лишени од слобода биле во некој момент заразени со корона - тоа е 1,5 пати повеќе од општата популација. 

Лекции за во иднина 

Експертите велат дека земјите мора драстично да го намалат бројот на затвореници за вакви ситуации во иднина да ги дочекаат поспремни. „Не може да се соочиме со уште една здравствена криза со волкав број затворени луѓе низ цела Европа,” вели Мартуфи. „Мора да има помалку затвореници.” 

Но, аналитичари исто така сметаат дека има простор за оптимизам. “Ковид-19 требаше да биде аларм за инвестирање во подобри затворски услови и за да се намали изречувањето на затворските казни,” вели Кетрин Хирд. 

Но, за тоа се клучни јавниот интерес и политичката волја. „Време е да ја промениме нашата перцепција за затворениците како граѓани од втор ред”, вели Мартуфи. „Не може да дозволиме некој да биде запоставен. Така за сите ќе биде полошо.”

 

Текстот го уредуваа Милан Гањон, Џана Карина Грин и Петер Хиле. 

Проектот е соработка во рамки на “European Data Journalism Network” 

Лидер на проектот: Deutsche Welle

Соработници: Alternatives Economiques, Civio, El Confidencial, EUrologus, Il Sole24Ore, iMEdD, MIIR, OBC Transeuropa, Openpolis, Pod črto, VoxEurop

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема