1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Кога Албанчињата ќе учат македонски јазик?

22 ноември 2009

Намерата на Министерството за образование да воведе македонски јазик во наставата од прво одделение за учениците-Албанци, наидува со месеци на жестоки реакции на родителите, одделни професори, интелектуалци и политичари.

https://p.dw.com/p/Kcs5
Организирано потпишување петиции против македонски јазик за малите Албанчиња од прво одделениеФотографија: Sveto Toevski

По навестувањето на Владата дека македонскиот јазик ќе се воведе за изучување за учениците-Албанци уште од првото одделение, наместо како досега од трето, уследија лавина негативни реакции. Печатот на албански јазик известува речиси секојдневно за јавни потпишувања петиции против воведувањето на македонскиот јазик, низ улиците во Тетово, Гостивар, Куманово, Скопје и други градови во Македонија со албанска популација.

Координирани јавни потпишувања петиција

Во Тетово потпишувањето на петицијата го организира т.н. здружение за заштита и одбрана на националниот идентитет „Илирикум либертас“, односно „Илирска слобода“, кое ги предводеше протестите на студентите -Албанци во овој град веднаш по промовирањето на „Македонската енциклопедија“.

Во основното училиште „Братство-Башкими“ од Гостивар илјада ученици од македонските паралелки со своите родители во мај минатата година со денови ја бојкотираа наставата и протестираа поради преименувањето на оваа образовна институција со албанскиот збор „Башкими“. Сега Советот на родители-Албанци од истово училиште се јавува во улога на организатор на акцијата за потпишување петиција против воведувањето на македонскиот јазик за Албанчињата-првачиња.

Albanische Kinder nahe der Stadt Skopje, Mazedonien
Албански деца во МакедонијаФотографија: picture-alliance/ dpa

Исен Усеини од тој совет на родители посочува: „Ние родителите, кои имаме деца во прво одделение, сме против тоа. На таа возраст, на шест години, тие се многу мали и не можат се‘ уште да го научат мајчиниот, а камоли македонскиот, во ситуација кога го имаат за учење и англискиот. Ова е голем товар за нив.“

Усеини конкретизира: „Покренавме иницијатива за потпишување петиција. Целта ни е да собереме повеќе од десет илјади потписи. Потписите ќе ги испратиме до сите владини институции и невладини организации и до странските амбасади и меѓународните претставништва во земјата. Ако не се повлече владината одлука, тогаш ќе има мирни протести и бојкот на наставата.“

„Тивка федерализација на земјата“

Професорот по социологија на Скопскиот државен универзитет Илија Ацески вака ги коментира овие реакции:

„Оваа популација, којашто на самиот старт ќе се исклучи и која не сака да го учи македонскиот јазик, односно, не може, или не сака да го учи, значи дека самата се исклучува од администрацијата. Таа не сака да администрира, односно, не сака да биде член на еден политички систем, на едно политичко уредување, кое се нарекува ’држава Македонија’.“

Професорот Ацески додава: „Тоа е чекор кон натамошна поделба на државата, која се турка во една ’тивка федерализација’ со ’меки методи’. Албанскиот корпус, Албанците, се единствени во тоа-дека ним македонскиот јазик не им е потребен, во суштина.“

Во печатот и меѓу интелектуалците во земјата од албанската етничка заедница можат да се чујат ставови дека воведувањето на македонскиот јазик за првачињата-Албанчиња ќе значи „агресија против албанскиот национален идентитет во земјата“ и оти „оваа одлука на македонската влада е целосно незаконска, противуставна и непедагошка“. Такви спротивставувања дојдоа и од Здружението на педагози-Албанци од Тетово и Сојузот на наставниците-Албанци „Наим Фрашери“ од Скопје и Куманово.

Повеќе штета или корист

ОБСЕ предложи нова образовна политика за заемни изучувања на различните јазици и заради подобри меѓуетнички односи.

Заменичката на министерот за образование Линдита Ќазими веќе се огласи со мислење дека часовите по македонски јазик за учениците-Албанци од првото одделение ќе бидат корисни за нив и оти ќе биде напредок за нив да знаат колку е можно повеќе јазици, покрај мајчиниот албански јазик“.

Ќазими истакнува за Дојче веле: „Владата не донесе одлука, туку заклучок да се разгледа можноста за воведување на македонскиот јазик во наставата за првачињата на албански јазик. Точно е дека има реакции. Нормално е дека ќе се земат предвид мислењата на педагозите и психолозите колку е во ред тоа да се воведе на таа возраст. Треба да бидеме повнимателни. Ние ги разгледуваме се‘ уште модулите дали тоа ќе се воведе во првото одделение, или ќе остане во третото одделение, како што е сега.“

Во јавноста во Македонија се пренесени ставовите на Џеладин Мурати, професор по педагогија на Штуловиот универзитет во Тетово, и на Хавзи Мустафа, професор по албански јазиик и книжевност на Филолошкиот факултет на Скопскиот државен универзитет, дека „шестогодишните деца физички немаат можност во ист момент да изучуваат три јазици, на возраст кога не го совладале доволно својот мајчин јазик“.

Grundschulklasse in Skopje, Mazedonien
Колку јазици можат да совладаат малите ученици?Фотографија: Petar Stojanovski

Македонски јазик за албанските деца и албански за македонските

Агим Полјоска, професор по албански јазик, исто така, на Филолошкиот факултет на Скопскиот државен универзитет пак нагласува:

„Децата созреваат уште од многу порано и не е ништо лошо да се почне од првото одделение. Може да се воведе слободно: дали македонскиот во албанските паралелки, или албанскиот во македонските паралелки. Во една општествена, културна и јазична средина, каква што е Македонија, тоа е неминовно.“

Професорот по социологија Ацески се надоврзува во овој контекст: „Ништо не може да се прави со сила, мора тука многу да се разговара, да се убедуваат луѓето, тие структури и субјекти на Албанците, дека е неопходно барем еден дел од таа популација да го познава добро македонскиот јазик. Се поставува и второто прашање: дали и Македонците треба да го познаваат албанскиот јазик? Секако дека во оние средини, кадешто Албанците се мнозинство, би требало, условно кажано, и Македонците да го познаваат албанскиот јазик. Во тој случај јазикот е кренат на највисоко политичко рамниште, во смисла на познавање за да се извршуваат функциите на државата.“

Автор: Свето Тоевски

Редактор: Жана Ацеска