1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Кога државата плаќа за телефонски секс

Кај-Александер Шолц/Ж.А.4 март 2016

Фолкер Бек од партијата на Зелените, деновиве беше фатен со дрога кај себе, е само еден пример за оставка на политичар. Други мамат во своите докторски трудови, имаат љубовни афери или се забавуваат на државен трошок.

https://p.dw.com/p/1I7Dp
Фотографија: picture-alliance/dpa

Кога политичарите мораат да поднесат оставка? Постојат многу сопнувачки камени. Зашто, животот на водечките политичари, како прво, секогаш предизвикува завист и конкуренција во сопствените редови. Второ - станува збор за јавни функции кои мора да се извршуваат согласно со законите и конкретните општествени норми и вредности. Притоа, се мисли како на официјалните, така и на непишаните закони.

Двајцата автори Паскал Бојкер и Франк Иберал во својата исклучително поучно информативна книга „Крајната станица оставка“ ја скицираат феноменологијата на оставки на политичарите преку импозантен збир од примери собрани од германската историја, почнувајќи од 1949 година.

Willy Brandt begrüßt eine iranische Tanzgruppe
Поранешниот германски канцелар Вили БрантФотографија: Reza Sakhai

Доброволена или изнудена оставка?

Грубо, може да се направи поделба на доброволни и недоброволни оставки. Во првата група спаѓаат „исправните“ или оние за кои „сопствените убедувања стануваат пречка во кариерата“. Сабине Лојтхојзер-Шнаренбергер од Либералната партија е класичен пример. Таа поднесе оставка зашто како либерал беше против заострувањето на надгледувањето и прислушувањето на граѓаните, односно „големото уво“.

Друга подгрупа се „одговорните“ или оние кај кои „потфрлувањата и грешките на другите водат до сопствена оставка“. Оставката на поранешниот германски премиер, социјалдемократот Вили Брант, откако во неговиот најтесен круг соработници беше откриен шпион од Германската Демократска Република е најистакнат таков пример.

Примамливоста на парите пак има доведено до цела редица оставки и тоа во сите партии. Грегор Гизи од Левицата и Чем Ездемир од Зелените ги користеле попустите собрани од бројните службени летови за да платат помалку за своите приватни летови. Сметките за бројни службени летови на Лотар Шпет од ЦДУ ги плаќале одделни фирми. Рајнхард Климт од СПД потпишал дубиозен спонзорски договор за еден фудбалски клуб. Макс Штрајбл од ЦСУ се сопна на погрешни „амигоси“ во стопанството и приватни летувања финансирани од трети лица.

Дури ни државните претседатели не се имуни на вакви искушенија. Така Кристијан Вулф во 2012 година мораше да поднесе оставка по само 20 месеци поминати на функцијата, откако Државното обвинителство поведе истрага поради постоење сомнеж за лична корист. „Случајот Вулф“ со месеци беше ударна тема во германските медиуми.

„Интернет истраги“?

Новинарите всушност не можат да ги соборат политичарите, тие во најдобар случај лиферуваат „муниција“ за другите, пишуваат двајцата автори Бојкер и Иберал. Случајот Вулф беше посебен, зашто медиумскиот притисок стана толку голем што доведе до оставка, без оглед што воопшто ништо не беше докажано. Соодветно на тоа, огромна беше и критиката на преувеличаниот „лов“, хајката од страна на медиумите.

Медиумот интернет создаде нов квалитет во расветлувањето на скандалозни приказни. "VroniPlag" се погрижи политичарите со докторска титула да се најдат на линија на отстрел. Од 2011 година овој интернет портал врши проверка на докторските дисертации во потрага по уделот на „препишани“ делови, без да бидат означени како такви.

Најпознат пример за „лажен доктор“ е екс-министерот Карл-Теодор цу Гутемберг од ЦСУ. И политичарите од Либералите Силвана Кох-Мерин и Јорго Шацимаркакис мораа од истата причина да стават принудна точка на своите политички биографии.

Медиумот интернет на овој начин не беше само разоткривач и придружник на еден скандал, што е вообичаено за другите медиуми, туку стана и скандал-софтвер, без чија помош докажувањето на скандалот би било малку веројатно.

Christian Wulff Prozess Zwischenbilanz 19.12.2013
Кристијан Вулф замина од претседателската функција поради притисокот на медиумитеФотографија: Getty Images

Телефонски секс и љубовни афери

Интернетот и другата комуникациска техника за политичарите генерално претставуваат опасност, особено ако притоа се кршат закони. Политичарот од ЦСУ Ханс Валнер „се сопна“ на телефонски секс во покраинскиот парламент, хотлајн линијата ги чинеше даночните плаќачи петцифрена сума. Социјалдемократот Себастијан Едати на својот службен компјутер гледал детски порнографски фотографии, користејќи го серверот на Бундестагот. Државното обвинителство поведе истрага.

Будно и строго се следи и приватниот живот на политичарите. За морално сомнителни се сметаат љубовните афери. Додека љубовницата на Хорст Зехофер во Берлин беше толерирана, за министерот за одбрана Рудолф Шарпинг од СПД, кобна беше фотографијата во базен на Мајорка со неговата животна придружничка.

Politiker Volker Beck (Grüne)
Фолкер Бек фатен со дрогаФотографија: picture-alliance/dpa

Дрогата како излез?

А сега е актуелен случајот со Фолкер Бек од Зелените. Тој беше фатен по излезот од кај продавач на дрога, и тоа „ѓаволската дрога“ кристал мет. Пред медиумското шиканирање да може вистински да земе замав, Бек се повлече од сите политички функции.

Социјалдемократскиот политичар Михаел Хартман претходно доживеа нешто слично, но во меѓувреме е рехабилитиран и се врати во политиката. Му помогна офанзивниот настап со неговото конзумирање на дрога, кое го оправдуваше со животната криза во која се нашол.

Модерниот живот не им го поедноставува животот на политичарите. Интернетот, покрај своите благодети, го засилува и онака енормниот притисок на изложеноста на јавноста. Сегашниот мобилен телефон не е некогашната изверзирана секретарка која ги филтрира повиците. Во политички Берлин се дискутира прашањето дали ваквиот живот му погодува на конзумот на дрога.

За разлика од минатите децении, сега се исклучително ретки и класичните сопруги на политичарите, кои на функционерите под стрес можат да им понудат пресно испрани и испеглани кошули и емоционална компензација.